Година 2015. Панкот е мртов. Или… Не, панкот НЕ е мртов, и нема никогаш да умре… Што и да е вашето мислење за панкот и дали се уште вистински постои, ние можеме едно нешто да потврдиме: Новиот Почеток – меланхоличните панкери од Скопје – направија партали оваа година. Го издадоа четвртиот албум Јас Сум Земја, беа на турнеја, имаа концерт на брод во Охрид, и нивниот фронтмен Фиц продолжи да носи најкул капчиња. Ои Ои Ои!

Новиот Почеток се креативци кои се заљубени во она што го прават и тоа и те како си личи. Имаат и култно место за проби (бивша македонска телевизија) кое инспирира и си повлекува пиво и муабетење. За сите оние кои очекуваат биографија на бендот и претставување на нивните членови, Фиц се потрудил тоа да го стави во дневникот на нивниот вебсајт. Па ѕирнете…

Фиц, без стикерите од чат (за ваша среќа), се потруди да не се размуабетува со одговорите, а ние се потрудивме да не се расплинуваме со муабетите (тоа многу не мачеше).

Панкот не е мртов или? Имам чувство дека ги нема веќе панкерите, скинерите, металците и сите андерграунд ликови низ градот. Дали го делите истото мислење и ако е точно зошто е тоа така?

Не е мртов… само заслужува да умре, што би рекол Џело Биафра. 🙂

Нашиот град е приказна за себе. Не би рекол дека ги нема… само веројатно се сосема сменети времињата и повеќето се кријат како луркери… животот ги прегази… но и да бидеме реални, голем дел можеби и никогаш не биле тоа, нели.

Како турнејата? Имаше ли некои чудни дешавки? Каде свиревте и каде бевте најдобро прифатени?

Последнава турнеја помина супер. Немаше премногу Кауч Крал™ моменти но секако имаше исклучувања. Сепак, важи она непишаното: се што се случува во комбе останува во комбе. 🙂

Оваа турнеја свиревме низ Србија, Хрватска, Словенија, Германија, Белгија, Чешка и Словачка. Имавме и деј ОФФ во Холандија. Повеќето концерти поминаа супер, и бевме супер прифатени како и секогаш, иако до сега можеби најслабо во однос на бројот на посетители на концертите, веројатно бидејќи е јуни и е прилично топло, а прв пат одиме во овој месец. Затоа, апел до бендовите: не одете во јуни а и никако не одете во ноември. 🙂

Пред некое време имавте концерт на брод во Охрид, од каде беше идејата?

Идејата за концертот, како и целата одлична организација околу истиот е по заслуга на Филип Ангеличин – познат надалеку (прекуезерски и прекуокеански) како Жура. Самата идеја се роди сосема случајно… всушност една вечер во скопскиот JazzInn, дојде Жура директно од Охрид и ни кажа дека ќе свириме на брод. Толку беше муабетот, рековме само: „Договорено e!“.

Каква публика сакате на вашите свирки? Дали имало незгоди, шутки, повреди?

Па, веројатно секој има свој начин на забава. Некои едноставно уживаат во концерти од страна и внимателно слушаат а некои ја трошат целата енергија (шутки и слично) што е супер. Кога бев помлад и јас на ист начин ја трошев енергијата… сега повеќе сакам внимателно да слушам и чувствувам.

Повреди имало, и веројатно ќе има, но претежно кога свириме надвор (кога свириме дома концертите се доста попредвидливи и другарски). Сепак сметам дека сето тоа е дел од шоуто. Баш скоро во Словачка еден тип си ја расцепи главата на плочките. Јас бев прилично смирен и продолжив да свирам. Борјан (нашиот басист) има најчовечки сенс од нас и веднаш го фрли басот и тргна да му помогне… нејсе, што би рекле NOFX – “Not much fun till someone gets hurt”.

Noviot-Pochetok (8)

Имате нов албум? Како е овој албум различен од претходните и како се случи? Инспирација?

Секој албум е приказна за себе како што растеш и созреваш. Сите албуми ни се на период од точно три години, па овој склоп на енергија и емоции е пренесен во текст и музика, и го означува периодот од мојот живот од 2012 до 2015 година.

 

 

Хоби или професија е бендов? Your dream job?

Би сакал да кажам дека бендот е мојот живот но јас не живеам во заблуда како што многу тоа го прават. Мојот ден е поделен 50% – 50%. Јас сум и музичар но сум и визуелен артист, сепак од тоа и преживувам. Пола ден го поминувам во мојата убава канцеларија, а пола ден во просторијата каде што правиме проби. Долго време сметав дека можеби треба да се насочам и да го правам само едното, но сфатив дека човек може да постигне сè што сака… или океј, максимум две работи, во кои може да се биде успешен, повеќе е доста потешко 🙂 Нескромно тврдам дека имам постигнато успех на двете полиња, но секогаш може и повеќе.

Омилено место во убавава наша држава?

Во Македонија, се исклучувам комплетно на езерото „Гратче“, без интернет и телефон. Шанкот во JazzInn, Охрид пак, ми е другото место за исклучување.

Noviot-Pochetok (4)

Од каде се познавате и колку долго? Со оглед на тоа дека неколку пати менувате постава, се наоѓаат ли лесно музичари за ваков бенд?

Бендот постои 13 години и многу пати се има сменето поставата. Сепак на крајот, подобро е да имаш другарски бенд како што е тоа во моментов, отколку да свириш со „музичари“. Практично, јас и Никола (Fat Cacko) сме другари од основно и го движиме напред бендот уште од пред и тој самиот да биде дел од него. Инаку, во Македонија не е возможно да споиш тројца или четворица музичари што имаат еден омилен заеднички бенд.

Ги пеат ли вашите песни на концертите надвор од државата?

Да, ги пеат. Во најголем дел низ балканот, а уште по кул е кога ќе видиш некој германец како се труди да изговара македонски.

Концерти каде што сме имале најголем feedback на балканот биле Ниш, Софија, Загреб…

Колку често се случува панк бенд да е прво место на Антена 5?

Па мислам дека што туку се случи првиот пат 🙂 Се шитнавме, а? 😛

После овие неколку турнеи веројатно имате појасна слика за панкрок сцената надвор од нашиве граници. До кај сме ние? Има ли панкрокери во Македонија?

Од една страна ние сме до нигде, мала паланка. Неаме ништо, а и тоа што беше некогаш изумре. Сметам дека имам право да кажам бидејќи видов доволно по турнеиве… Сепак, од друга страна тука сме ние и пар екипи кои неуморно работат. Еден таков „проект“ поттикнат од обична замисла на една од турнеите е и нашиот фестивал за независна музика „Земјотрес“. Како и да е, имаме некои работи низ градов, но сè е на стаклени нозе. Што би рекол еден другар – „да убијам 5 луѓе у градов отиде сè”. За останатите градови не би сакал да коментирам.

За сцена не се потребни само бендови, туку потребна е и публика, клубови, фанзини, новинари, фотографи, дистроа и многу млади лудаци.

„Нема ништо искрено, само мојата љубов кон тебе“ – дел од една ваша песна. Има ли нешто искрено во нашата генерација или веќе и љубовта не е?

Веројатно за секого е индивидуално… јас генерално отсекогаш сум мислел дека живееме во ужасен свет со ужасни вредности; во една голема дебела лага…

Би свиреле ли друг тип на музика?

Па и веќе свириме… јас сам цепам некоја вестерн шпагети акустика, иако прилично споро се одвива тоа… имам уште еден друг бенд, настрана Новиот Почеток и Retro Cabaret, и се вика Astrolungs… се работи за некоја алтернатива повторно, и спремаме материјал веќе отприлика 3 години. Зимоска ќе снимаме албум. Исто така правам и електроники по дома исто колку што ми постои и бендот и планирам и нешто такво во иднина.

Никола (Fat Cacko) пееше во металкор бендот Screaming For Change, а сега свири и во Culture Development, кои пичат олдскул емо. Прилично сме разноврсни кога се работи за музика.

Слушате ли македонска музика, не збориме само за вашиот стил на музицирање генерално? И има ли бендови кај нас кои вредат да се слушаат? Со кој бенд би сакале да соработувате?

Мислам дека беше 2013 година кога имаше околу 50 алтернативни (андрграунд) изданија, наспроти 3 до 4 албуми со популарна музика (меинстрим, нели). Мислам дека ова кажува буквално сè за македонската музичка сцена. Ние сме сите пријатели меѓу себе од алтернативната сцена и соработуваме постојано. Ретко да се скараме или замериме со некого и постојано си помагаме. Не само што си ги слушаме албумите, туку и постои големо меѓусебно влијание. Тоа е веројатно „сцена“. И има КУП супер бендови.

„A aпатијата те убива”… Велите во Машина. Мислите ли дека македонецот е апатичен и во поглед на тоа што му се сервира на музичката сцена (го слушаме само она кое ни е сервирано без да побараме подалеку)?

Па може да се каже дека сме мрзливи, може да се каже и дека сме неинформирани, а може да се каже и дека сме преплавени од информации како и остатокот од светот, па не можеме да дојдеме лесно до квалитетот. Веројатно од сето ова по малку.

„Ти се допаѓа контролата” – исто Машина. Кој сака да ја има контролата во вашиот бенд?

Јас? 😮 Упс.

Noviot-Pochetok (10)

„Сакам да го разбудам твојот револт. Сакам да го сменам лицето на земјата. Сакам да станеш од кома. Сакам се да гори”. Има ли надеж дека ќе се разбудиме? Потребно е некој да ни удри културна шлаканица, да не натера на нешто со ќотек дека е добро. Има ли група на луѓе кои се светла точка кои прават нешто различно, а добро?

И те како, еве на пример, овој портал! 🙂 (иако уште не сум го видел, FB page-от доволно ми кажува дека ќе бидете кул) И ред други супер ликов од градот! Фала ти за ова супер интервју. Нека ви е со среќа порталот, многу успех.

За наша среќа ние ве најдовме Вас дел од супер ликовите во градов… Па аирлија муабетов да ни е!

 

Фотографии: Мартин Пацов Саровски

 

Comments

comments