Модифициран кондураџија или – шкртач на патики, естет, уште еден креативен лик во нашето се поразнолико Скопје.

Ако и вие како мене се радувате на патики како дете на хепи мил од Мекдоналдс, сигурно го знаете од маало, средно, работа, колега од факс или од Скопје Cе Hоси – Сатја Грабуловски. Јас сум среќна што го запознав и ми го ишари секојдневието со неговата различност.

Во општество каде уникатноста е дозволена само во „рамките на нормалното”, S.ignature ја продолжува мојата борба со лошите формулации, естетика, во крајна линија морал и етички вредности. – Сатја Грабуловски

1. Како започна целата приказна на цртање патики?

Веќе се историски првите патики кои си ги нацртав, за своја душа. Бев едно од оние деца што добиваше, ама и знаеше да цени (фала Мамо!). Оваа особина, со додадената естетска вредност која од мал се трудам да ја градам и одржувам, резултираше со „хаос” пар Најки со кои тренирав кошарка. Уште ги имам по дома. Спомен за едно време. Кое ете, очигледно се повторува.

2. Првата линија отиде? Што понатаму?

Дојде и отиде, а јас останав „подзинат”. Идејата на брендот не е квантитет, туку уникатен квалитет. Во мал обем. Затоа и S.ignature Series 1 имаше само 20 модели, кои на мое изненадување, беа продадени за 10 дена. Понатаму? Series 2.

3. Секој може да го прави тоа?

Секој може да „шкрта”. Но, само естетите можат да создадат естетска вредност. Стојам на фактот дека секој човек има своја уникатна естетика која другите треба да ја почитуваат како таква. Но, сепак, да не се лажеме – слон не може да биде балерина.

IMG_1155

4. Само патиките ти се пасија?

Ако дефинираме пасија како нешто што ти става „осмех” на лице, тогаш патиките се дел од целото, кое вклучува и музика во секаква форма, цртање, копирајтингот и креативата (по струка), филозофските четива, театар, филм. И шетање со Бискит.

5. Патиките ги правиш за лична сатисфакција, луѓето што сакаат нешто различно или нешто трето?

Брендот S.ignature е прв ‘customized sneaker’ бренд кај нас. Факт. Со самото тоа, S. има, и ќе има свое бреме и проблеми со кои ќе се соочи. Го започнав ова бидејќи ми се допаѓа улогата на Дон Кихот. Во општество каде уникатноста е дозволена само во „рамките на нормалното”, S. ја продолжува мојата борба со лошите формулации, естетика, во крајна линија морал и етички вредности. Значи, мојот одговор е – да, лична сатисфакција која се базира на успехот да се воведат новини кај сите нас. Несвесно, сите кои носат S. носат „различни патики”. Тоа е доволно за почеток. Секоја линија, ќе биде нов естетски семестар, кој верувам нема да има потреба да се „преполага”.

6. Кај нас различноста постои? Колку може во Македонија да постои различност?

Постои, и те како. Меѓутоа, тргнувајќи од бизнисите па се до приватниот живот на секој поединец, се соочуваме со емпириски докажаната тешкотија наречена – мала држава. Полни сме со непотребно внимание што има „преку оградата”, сомничави за својот/туѓиот успех, драматични за сопствениот напредок. Срамежливи за демонстрација на своето јас преку сопствената естетика. Плус, касниме некој век со културниот развој и тоа дава еден прекрасен конгломерат, кој јас искрено, го обожавам. А гледам дека таа љубов ја чувствуваат многу луѓе, и почнуваат да придонесуваат кон развивање на македонскиот модерен, културен израз.

7. Сакаш да носиш различни патики? Од каде доаѓа ова?

На дневна основа, објаснувам две работи – што ми значи името, и зошто носам различни патики.

Тргна случајно, на одмор, кога останав без една патика. А носев два пара исти (црвени и зелени). Како Питер Паркер кога го облекува костимот на Спајдермен, со истата драматика, во една темна пијана ноќ, на нозе ставив една црвена – една зелена. И од тогаш ништо не е исто…

Почна како стил, кој дури и мене ми беше малку специфичен за промоција. Продолжи како желба насочена кон луѓето кои тотално недискретно се вртат по нив, да го отворат својот ум и размислат дали, и до каде се спремни да одат. Денес, тоа е дел од мене.

8. А што ти значи името?

На санскрит, еден од најстарите јазици на светот, значи „вистина”. Онаа вистина кон која сите се стремиме. 🙂

9. Омилени патики? Се врзуваш со брендови?

Избегнувам брендови. Големи логоа. „Да се види”. Што има да се гледа, ако не знаеш нешто да носиш?!

Омилени патики – хм, голем фан сум на Jeremy Scott и неговите Originals. Кои и да се. Како дете на лижавче се „лепам” кај и да ги видам низ свет.

10. Дали имаш многу истомисленици? Има многу што ве ставаат на скалата од луд до ненормален? Кои ги има повеќе?

Креативците си имаат свој „Њу ејџ мувмент спиричуал”. Секташки малце, факт. Се работи за нешто налик ритуал. Ритуал, безритуал. На нашки – поставување „рамки, кои нема да имаат рамки”. Ако си креативен, тоа често е мерено на скала од луд доненормален. Зависи од степенот на „болеста”. И до кај стасала. Да чукнам во дрво. Ама и да не чукам, џабе ќе го будам. Јас топло би ви препорачал да си дојдИте во нашето крејзи друштво.

Пред некое време, добив интересен коментар кој сосема би се вклопил во одговорот на прашањето. Зборувајќи за „луди кондури” во затворен круг, моја другарка вели: „Види, кога ги видов, одма се сетив на тебе. Зошто тебе те знаеме како човек, кој што и да стави на себе, нема да изненади. Напротив, ќе е нормално, зошто е Сатја”.

Значи, сум успеал во дел од својата Кихотовска мисија. Да, ако има скала од луд до ненормален, мене веројатно ме ставаат горе, на ивицата, како балансирам со топче, на една нога. Истомисленици… не знам, не сакам да имам. Ако имам – не мислете како мене! Мислете како себе.

12. Имаш Supercolor патики. Фарел ексцентричен, а меинстрим? Да или не? Да се биде различен и единствен исто е?

Фарел е фраер. Крај на муабетот. Ги поместува границите. Мејнстрим е, а не е. Тоа е неговата големина. Прави нешто што масата го одобрува, а сепак е надвор од нивната „comfort zone”. И тоа го наплаќа сериозно, заедно со уште неколку фраери во шоу биз светот во моментов.

Треба да си различен за да си единствен. 🙂

13. Општото мислење и критика не јебе кај нас. Се сложуваш? Се облакаме за светот, а не за себе?

Нормално е да се облекуваш за светот. Тоа е твојата примарна презентација пред луѓето/колегите/пријателите/публиката. Сепак, тука магистралата е двонасочна – од една страна, имаме уплав од туѓата стереотипизација, а од друга – честопати тој што те суди нема право да го прави тоа (тука го занемарувам фактот дека тие што се „најгласни”, честопати немаат „две чисти” што зборат). Значи, имаме проблем ем со презентација, ем со перцепција. „Информирана критика” е здрава за општеството, но денес, таа е се поретка.

14. Како реагираш на критики? Дали знаеме да прифатиме критика? Или сите сме со его до плафон?

Не знаеме. Факт. Културолошката матрица не ни дозволува. Викам, касниме некој век со развојот. Успешен, а егоистичен – тоа е секси комбинација. И вреди да си во его трип ако си таков. Малку се, ама ги има.

Конкретно, јас сакам критики кои се пред се кажани со одбрани зборови и се добронамерни. Ги прифаќам со задоволство. Значи, критики базирани на „истражување” или знаење. Не сакам „брзи јазици”.

15. Читајќи ја твојата колумна наидов на „Почнав да верувам во боите. Во многуте бои. Тоа е мојата мода”. Во Македонија сметаш дека има многу луѓе кои го делат ова мислење? Идејата на линијата е да има повеќе луѓе кои ќе размислуваат вака? Да ги скршиме стереотипите работава?

Ние сме „крем” нација. „Крем” или „пастелна” нација. И едно и друго, одговара. „Нека има боја, ама малку”. Стравот од боите се базира на нивното неразбирање. Секоја боја има своја точна порака, динамика. Со S. ќе работиме на тоа да ги отвориме очите и перцепцијата на боите. Уште една Кихотовска мисија, но Дулчинеја е повредна од трнливиот пат кој треба да се пројде.

IMG_1368

16. Велиш дека не сакаш обични работи? По секоја цена да се биде различен? Ако не е различно не го почитуваш?

Различност по секоја цена треба да е казниво дело со две години носење „маица ала гоблен”. Тоа е измама. Тоа воедно го прават трендовите – прават унисоно различни луѓе. Сите во цветови – а тие цвет ни на слика не виделе. Ама се у тренд, и се „различни”.

Почитувам секаков стил што соодветствува со карактер. Ако тој најдобро те опишува, ќе бидам среќен и ќе уживам во него.

17. Што е следно? Нова линија на патики? Можда не само патики и нешто друго?

Тотално неочекувано и брзо првите 20 S. пара си најдоа свои нозе. Сега сме во фаза на избор на боја и текстура за Series 2. Ќе бидат достапни на pre-order преку нашиот Инстаграм профил. А за нешто друго – целта на S. не е да стане уште еден македонски моден бренд, туку да влијае на перцепцијата на граѓаните. Ако тоа подразбира ширење на понудата, зошто да не?!

18. Би цртал ли по нарачка, нарачка како на форма, дизајн, боја? Нешто како нивната идеја да ја инкорпорираш само? Или ќе се осеќаш како кондураџија само?

Тоа би му дошло како tattoo студио за патики, така? Си читаме мисли, значи. 🙂

19. Би можеле да кажеме дека си еден вид на модифициран кондураџија? Да си ги вратиме занаетите во ова денес?

Пријателите на шега ми велат: „Од музичар, политиколог, маркетер, стана – кондураџија и манекен!”. Го прифаќам со две раце, ако делот „модифициран” го објасниме како естетска додавка на професијата кондураџија. А како занает, би отпочнал движење за негово спасување.

20. Што ти фали во Македонијава?

Повеќе љубов. Се е полесно кога реченица почнуваш со „+”.

IMG_1275

Ние си ги пројдовме нашиот семестар кај Сатја. Си лапнавме по едни S. патичиња (само за Reborn нормално) и си залепивме по еден два осмеха. Нас ни останува само да го почекаме вториот семестар, а вие откако ја прочитавте лекцијата ајт на полагање.

Фотографии: Мартин Пацов Саровски

 

Comments

comments