Ова е една од поинтересните направи кои во денешно време се наменети за „туркање“ низ градските улици. Со оглед на тоа дека е создаден од страна на сурферската заедница, можеби очекувано е неговото родно место да е Оаху, Хаваи.

Почетоците на оваа активност подоцна декларирана како спорт, беа во раните 50-ти. Оние моменти кога брановите и океанот беа мирни, неколку ентузијастички настроени сурфери одлучија да го создадат лонгбордот – првично составен од дрвена греда малку поголема и поширока од скејтбордот. Првиот лонгборд беше пуштен во продажба во 1958 година.

Првовремено оваа активност се нарекувала „странично сурфање“ т.е. се состоела од бавни движења со можност за брзи и нагли свртувања. Сурферите лонгбордот го користеа за вежбање на своите сурферски вештини, така што го имитираа чувството на движење низ брановите преку лежење врз гредата и туркање со рацете. Првите години од постоењето на лонгбордите беа тешки и макотрпни поради фактот дека ваквиот начин на негово возење беше опасен и ризичен, како и фактот дека основните компоненти од кој беше составен беа недоработени и крути.

Неколку децении подоцна, во почетокот на 70-тите, бордот ја доби својата преродба и неговата популарност растеше од ден на ден. До 80-тите години бордингот (најчесто скејт-бордингот) стана култ кој често се поврзуваше со супкултурите кои беа против владините режими и нивниот начин на владеење, т.е. стана дел од една нова култура и начин на живот.

Константниот развој на оваа „нова“ култура полека ја уриваше идеологијата на конзервативците и сè повеќе и повеќе стануваше дел од секојдневието на голем број млади генерации. Во изминатава деценија, бордингот (скетј и лонг) во најголема мера ја изгуби својата негативна асоцијација, така што денес е дел од животот на огромен број млади луѓе.

 

 

Лонгбордингот во текот на 90-тите години ја доживува својата повторна експанзија на пазарот, и тоа пред сè како превозно средство на скејтерите, сурферите и сноубордерите.

Денес ова парче дрво е превозно средство и еден вид моден додаток на огромен број млади за кружање низ урбаните средини.

 

Comments

comments