Што преземаш кога сакаш да си само-поклониш некое квалитетно и шизичко парче облека, кое не можеш да го најдеш низ нашите продавници?

Повикуваш пријател што никогаш не те разочарува – ASOS. Онлајн шопинг платформа за која македонската (а најверојатно и балканската) младина го знае секој можен трик.

Но, бидејќи ASOS некогаш се чини толку „далеку” – треба да бидеш трпелив и наоружан со живци (додека ти стигне нарачката) и да внимаваш да не надминеш одредена сума, за да не треба да плаќаш и царина, овој пат решивме да се фокусираме на нешто што ни е малку повеќе на дофат, а дефинитивно еднакво добро, а и подобро.

Во продолжение се 10 балкански streetwear брендови кои креираат и дизајнираат облека која дефинитивно може да се спореди со големите имиња од модната индустрија. Со тоа што овие се „наши“, па со тоа и многу подраги.   

 

Over (Србија)

 

Еден од омилените балкански streetwear брендови на тимот на Reborn. Бренд кој ни доаѓа од Нови Сад, бренд кој има неверојатни дизајни на маици, дуксери, новчаници, капи и др. streetwear ствари. Додатно на се тоа имаат одличен веб сајт, кој дополнително те тера инстантно да си купиш нешто, без разлика дали е почеток или крај на месец (јер, плата знаеш).

 

45 Street (Бугарија)

 

45 Street е бугарски streetwear бренд со супер кул веб сајт и подеднакво кул продукти. Брендот е оформен во 2013та година и фокусиран најмногу на капчиња. Дизајните им се резултат на прецизни и темелни истражувања преку кои добиваат одлични продукти изработени со високо квалитетни материјали.

 

Раце Горе (Македонија)

 

Одличен македонски бренд за streetwear облека. Позитивно изненадување на македонската дизајнерска, streetwear сцена. Сè почесто гледаме кул момци и девојки со „Раце Горе“ маички на себе. Вистинско уникатно освежување.

 

Error of Harmony (Македонија)

 

Можеби е најновиот streetwear кој се појави кај нас (не дека имаме еден тон), но уште од прва „згази“. Error of Harmony е креација на Илија Стефановски, македонски скејтер кој заедно со младата македонска скејт комуна создадоа уникатен бренд. Онлајн шопот им е богат со парчиња инспирирани од скејт/техно/андерграунд сцената, за кои се користени квалитетни материјали (купивме по некој дуксер, проверено) и повторно, веб сајт-от им изгледа одлично.

 

Chypka (Хрватска)

 

Chypka е хрватска приказна која започнува во 2016та година. Основана е од тату артист, ентузијаст и вљубеник во улична мода и дизајнер и производител на облека. Идејата позади Chypka е креирање на streetwear бренд за облека кој црпи инспирација од уличната мода и хрватскиот традиционален фолклор. „The details are not the details. They make the design“ – Chypka  

 

Molimao (Босна и Херцеговина)

 

Molimao е инди streetwear бренд од Сарајево, Босна. Формиран во 2010 година, Molimao е микс од чисти дизајни и естетиката на графити културата. Станува збор за бренд кој е длабоко навлезен во корените на босанската streetwear мода и воедно голем поддржувач на независната, пред сè босанска музичка сцена и други субкултури.

 

Sugar Ants (Хрватска)

 

Sugar Ants е хрватски streetwear бренд, формиран во 2016та година кој промовира и се залага за правата на животните, слобода и лежерност. Во превод – ако си купиш маичка или торба од Sugar Ants на нив ќе имаш коала која игра покер, мачка која пуши цигара, ајкула која јаде пица или друга слична комбинација. Името Sugar Ants доаѓа од перфектниот начин на функционирање на нештата и прецизната поделба на улогите во светот на мравките.

 

Dechko Tzar (Србија)

 

Ако прв пат слушаш за брендов, тогаш најпрвин провери тука, па после види им го сајтот. Се работи за веќе култен белградски streetwear бренд кој е оформен и предводен од Никола и Ненад Радојчиќ (Braca Burazeri), околу 2001 година. Detchko Tzar е прилично популарен и лесно препознатлив кај креативната македонска комуна, делумно поради својот уникатен стил и дизајн, а делумно поради тоа што е еден од пионерите во балканскиот streetwear свет. Навистина одличен бренд кој секоја сезона изненадува со нови и интересени дизајни, идеи и голем број на колаборации.

 

Wacky Sheep (Србија)

 

Wacky Sheep е streetwear/snowboard бренд од Белград, оформен во 2012 година, кој е познат по своите шарени дуксери, зимски капчиња, шалови и други, пред сè, зимски модни додатоци и парчиња облека. Нивната идеја е креирање на парчиња кои можеш да си ги носиш секојдневно, но кои можеш да ги користиш и при практикување на екстремни зимски спортови. Тимот на Wacky Sheep е составен од млади ентузијасти, од кои секој е експерт во својата област, независно дали се работи за дизајн, фотографија или производство.

 

Lapot (Србија)

 

Ја завршуваме листата со српскиот бренд Lapot кој нуди шарени и неверојатно креативни парчиња. Дуксери, маички, капчиња со сладоледи, бургери, убави фонтови… Сè уште немаат веб-страна, но имаат богата Facebook страна преку која се прават сите нарачки.

 

Comments

comments