Некој можеби би рекол дека 10 години не се доволни за една појава да се нарече „култна“, но истиот тој веднаш би се сложил дека нема подобар збор за да се опише „Кино Карпош“.

Станува збор за приказна која успеала на сите да ни направи да се чувствуваме како активен дел од неа, приказна која се надеваме дека ќе продолжи и понатаму успешно и активно да ја поддржува локалната сцена и култура.

Оваа сабота (26.01.2019) со радост ќе го прославиме јубилејниот 10-ти роденден на Кино Карпош, на единствениот начин кој му доликува – со многу, многу музика, одлична селекција на локални и странски диџеи, и се разбира, со роденденска торта и свеќички.

По овој повод разговаравме со Мартин и Шале, основачите на локалот, и ги распрашавме повеќе за нивното искуство досега и за тајните на нивниот успех и влијание.

 

 

Како започна приказната за „Кино Карпош”, која беше идејата што ве мотивираше да го создаде ова место кое денес важи за урбан симбол?

„Кино Карпош” претставува едно убаво продолжение на нашиот култен локал „Бастион”, а идејата дојде како потреба да создадеме место каде би имале доволно простор за да ги реализираме и да ги изразиме нашите идеи за пласирање на музика, филм, улична уметност, и секако простор кој ќе ни овозможни да бидеме уникатни во понудата и поразлични од останатите.

 

Зошто „Кино Карпош”, која е приказната зад ваквото име? Дали тоа има врска со вашите лични „кинематографски” интереси, или?

Приказната за името на повозрасните им е сигурно доволно позната, затоа што како што тие се сеќаваат, на истата оваа локација каде што моментално е нашиот „Кино Карпош”, пред многу години постоеше вистинско градско кино, со огромна посетеност, кое го носеше истото тоа име.

А нашата љубов за кинематографија одлично се поклопи со овој момент, па името ни „легна”. Немавме воопшто дилеми околу неговиот избор и околу идејата за нашиот локал. Еве ова е конечно добра прилика за да се расчисти дилемата 🙂

 


Оваа сабота (26 јануари) славите 10 години постоење. Како накратко би ги сумирале овие години постоење на „Кино Карпош”?

После 10 години можеме слободно да кажеме дека сите наши планови и сите идеи кои ги имаме успеавме да ги реализираме, а работата околу тоа ни претставува еден вид на игра и задоволство на сите учесници.

Веруваме дека успеавме да спроведеме настани со кои и се обративме на целата градска публика. Набрзо би споменале само некои од нив, веќе долгогодишни проекти, кои се препознаени од публиката како успешни. На пример, тука се фестивалите „Култиватор” и „Othersound”, неколку филмски фестивали, Скопје Стрит Фестивалот на кој сме ко-учесници и разните настани поврзани со филмската уметност кои ги организираме, како Неделата на филм (Неделата на германски филм).

Секогаш сме расположени за максимална подршка на локалнната уличната уметност, за организирања на театарски претстави и слични настани. А вредно да споменеме е дека „Кино Карпош” го издаде првиот и единствен Стикер Бук во Македонија, но да не го заборавиме и нашиот Маскенбал за филмски маски кој го организираме секоја година, на кои публиката ги избира најдобрите, а тие се закитуваат со Оскари. Дел од реперторот на Кино Карпош исто така отсекогаш биле и доста звучни имиња од македонската и стветската музичка сцена, како и познати DJ-и со своите сетови.

Целта на нашето постоење е да развиваме и нудиме култура и супкултура преку која можеме да се обратиме на нашата публика и на градот.

 

 

Како ќе изгледа прославата по повод јубилејот?

Ќе прославиме во наш стил, со 18 часовна забава. Во „Кино Карпош” од 12 напладне миксетата ќе ја преземат нашите диџеи и другари, Еми, Васо, Мачки, Самоил, Флуид, Флудер, Боле, Шурбе, и вечните дежурни на смена, Шале и Мартин. Овие диџеи, помалку или повеќе го одбележаа славењето на музиката која нè обединува во „Кино Карпош”.

После полноќ се селиме во Минус Еден, каде ќе дуваме свеќички и ќе сечеме торта со две фантастични гостувања од Британија: Dj Steve O’Sullivan (кој за прв пат ќе се претстави пред скопската публика со live сет) и мистериознот андерграунд артист Aidy West. Steve е познат по своето длабоко, груви, ритмично техно со изразени dub елементи, а исто така е основач и сопственик на две издавачки куќи, „Mosaic” и „Bluespirit”. Нивна соодветна поддршка ќе биде домашниот тешкаш Танчевски од колективот Полукс, чии артисти се неизбришливо запишани во приказната на „Кино Карпош”. Очекувајте возбудливо пливање до рано наутро.

 

 

Неодамна успешно ја проширивте приказната со нови два локала, клубот „Минус 1” и барот „BKW”. Која е тајната на ваквиот успешен континуитет кој е реткост во Макдонија? И се разбира, што е следно?

Клубот „Минус Еден” е „Кино Карпош” после полноќ. 

По барање на публиката, а секако водени од идејата дека на градот му фали урбано место каде публиката ќе се забавува после полноќ, со спремна екипа за нов предизвик решивме да го отвориме клубот „Минус Еден”. Од неодамна ни се приклучи и „BKW”, најновиот член на семејството, кој со својот малку поинаков концепт и се обраќа на повозрасната публика.

Инаку, тајната на успехот е добро чувана со векови, но ова е добар момент за да ја откриеме – секогаш се држиме до однапред замислена идеја и не отстапуваме од неа, а бидејќи работиме тимски, сите заеднички настапуваме во нејзиното реализирање. Тука зборуваме за нас, за вработените и секако за гостите. Во овој концепт СИТЕ СМЕ НАЈБИТНИ. Следните наши планови ќе ги откриеме во некоја наредна прилика.

 

Comments

comments