За Евровизија викаат, требало песна со заразен рефрен. Требало певлива песна, која лесно влегува во уво и пејачка која лесно паѓа во очи. Ако е така, зошто никогаш не ги пративме Благица Павловска и Ферус Мустафов?

Во зависност од стилот и вкусот, оваа листа која е збиена на само 10 наслови сигурно ќе трпи критики од многу читатели. Сепак, имајќи предвид колку многу певливи рефрени минале низ годините наназад, сосема е оправдан ставот дека нешто што не сме смееле, сепак сме го заборавиле.

 

1. „На Велигден“ – Џокси

Можеби Свети Џокси се појавува на македонските радија само една недела околу Велигден, но овој хит на Ѓорѓе Васиќ, уште познат како Џина Папас Џокси нема кој не го знае.

 

 

2. „Високи штикли“ – Конкорд

Песната која успеа со својот заводлив текст и заразен ритам да ги натера апсолутно сите девојки од повлечени рокерки да се претворат во секси заводнички е една од ретките песни која има редовна преработка на сите поп, рок и фолк живи забави истовремено.

 

 

3. „Неправда“ – Лева Патика

Можеби заради вечната беспарица на Македонецот, можеби заради суперзаразниот рефрен, хитот на Лева Патика е редовна „доскочица“ на секоја ситуација во која ќе нè снајде неправда од каков бил тип.

 

 

4. „На минус 23“ – Трајче Манев

Романтичниот Трајче Манев засекогаш ја обележа зимската ноќ и првите снегови со својот рефрен и студените минус 23. Додуша, својата кариера ја зацементираше како вечен шмекер со изборот на сакоа за јавните настапи, но тоа сега не е тема на разговор.

 

 

5. „Корпичка“ – Ластовица

Во почетокот на деведесеттите, македонската музичка сцена не баш срамежливо почна јавно да ја крши табу темата наречена секс. Владо Јаневски и Роберт Саздов беа пионери на ова поле и може да се каже дека поставија висока граница со својата корпичка.

 

 

6. „Отвори го Пенџерчето“ – Нулта Позитив

Кој се возел со скопски ЈСП, мора да ја знае оваа химна на градскиот превоз. Со оваа песна Нулта Позитив и фолкерот Мирко Митревски од обични пејачи, прераснаа во легенди, а секој прозорец кој треба да биде отворен има само една магична реченица отпеана со гласот на Мирко Митревски.

 

 

7. „50 марки“ – Студени Нозе

Децата кои растеа со оваа песна мислеа дека е само една забавна песна за Кока Кока кола и кревет со лоша конструкција. Години подоцна, кога веројатно разбраа за што се работи, повторно ја сакаат само заради ладната Кока Кола.

 

 

8. „Сонце за три светови“ – Џафер

Најпознатата песна на Мики Јовановски е на оваа листа бидејќи е една од оние песни во топла летна вечер, на плажа со друштво и гитара која апсолутно секој ја знае и ја пее најгласно што може. Добро, зависи и од количеството на алкохол колку е тоа најгласно, но е песна која е секогаш присутна.

 

 

9. „Uber Makedoniche“ – Архангел

За да не ни се налутат момците и девојките од Маракана и Браво дека претеравме со поп песнички и само Конкорд им се допаднал на листата, го ставивме и ова ремек дело на Архангел кој на живите свирки го буди нацистот и во најпацифистички натроените. Зиг Хајл!

 

 

10. „Како Вардар“ – Зафир Хаџиманов

За крајот, еден од најмакедонските љубовни шлагери, песна за сите генерации и песна која секогаш, ама ах, ааах, секогаш ќе остане хит.

 

Comments

comments