На некои саундтраци паѓаш од прва, некои се навикнуваш да ги сакаш после 9 изгледани сезони. И ти тајно си го свиркаш интрото на CSI?

Музиката и паметно осмислените звуци на филм почнуваш да ги цениш моментот кога ќе почне да ти откажува едната слушалка. Приказната повеќе тотално нема поента и сценариото почнува да гребе.

Не само што ја снемува флуидноста, но некои саундтраци се поголеми од другите, па на моменти мислиш дека сликата е таа што е придружба на добрата мелодија, а не обратно.

Ова текстче е еден троубек на кул саундраци од наши, македонски филмови. Подолу е нашата не-толку-куса листа на омилените песни од уште поомилените филмови.

 

„Ако ми дадеш“ — Badmingtons за „Превртено“ (2007)

Бадмингтонс се легендарен македонски панк бенд од Скопје, кој се трансформира во поп-рок бендот Александар Македонски во 1986 година. Нивните песни се свират во филмот „Превртено“ на Игор Иванов – Изи. „Ако ми дадеш“ е издадена како ЦД сингл во 2007 година, заедно со песните „Убав ден” и „Сите обични луѓе” како Б-сајдови (Извор на инфомации).

 

 

 

„Танго До Балчак“ — Дуке Бојаџиев за „До Балчак“ (2014)

Како композитор, аранжер и продуцент на темата на овој филм на Столе Попов, се јавува Дуке Бојаџиев, а како вокал, Крсте Роџевски. Прекрасното трио: Столе Попов, Горан Стефановски и Дуке Бојаџиев. Филм кој важи за еден од најскапите во македонската кинематографија, со буџет кој изнесува 3,6 милиони евра (Извор на информации).

 

 

 

„Dust to Dust“ — Кирил Џајковски за „Dust“ (2001)

Со Милчо Манчевски или со Кирил Џајковски навистина не можеш да згрешиш. Заедно во комбинација се еднакво заслужни за сите чувства додека го гледаш „Dust“.

 

 

 

„Primitive Science“ — Кирил Џајковски за „Dust“ (2001)

Навистина не знаев за кои песни да се одлучам од целиот саундтрак на овој филм. Можам да кажам дека оваа би ја издвоила како омилена. Инаку, Милчо Манчевски и Кирил Џајковски имаат веќе докажана историја на успешна соработка, формирајќи го бендот Бастион во 80тите. Тие повторно соработуваат и на филмот „Сенки“.

 

 

 

„Time never dies“ — Анастасија за „Пред Дождот“ (1994)

Уште еден филм на Манчевски кој слободно можам да го класифицирам како македонски класик. Огромно достигнување. Приказната и музиката се надополнуваат и му даваат посебна магија. Единствен македонски филм кој беше номиниран за Оскар во 1994 година. Ја издвоив „Time never dies“ бидејќи е тема на филмот, но „The circle is not round“ можеби е и подобра.

Анастасија е еден од најуспешните македонски бендови формирани во 90тите, кои освен што ја прават музиката за овој филм, се автори и на музиката за филмот „Тајната Книга“ во режија на Владо Цветановски (Извор на инфомации).

 

 

 

„Љубов е“ – Bei the fish за „Skopje Remixed“ (2012)

Омнибус на десет љубовни приказни од десет еминентни македонски режисери. Визуелен ремикс на Скопје, Скопје кое мечтаеме да го доживееме. Овој филм ја промовира македонската уметност, а особено се фокусира на македонската музичка сцена. Една од омилените мои песни од филмот, а и од Bei the Fish.

 

 

 

„Илузија“ – The John за „Skopje Remixed“ (2012)

За мене, најубавата љубовна приказна во филмот е поврзана со оваа песна. А и една од поубавите работи што се случуваат на нашата музичка сцена е токму постоењето на овој бенд. Почнаа како трио, претрпеа промени во бендот и денес се составени од: Љупа Ангелов, Филип Пајдаков, Дарко Тасевски и Џано Куч.

 

 

 

„Gipsy song“ — Влатко Стефановски за „Gipsy Magic“ (1997)

Филм на Столе Попов од 1999 година кој беше предложен за номинација за Оскар, но номинацијата не беше прифатена. Влатко Стефановски соработуваше со многу музичари на музиката за филмот, но мора да го издвоиме кларинетот на Медо Чун (Извор на информации).

 

 

 

„Ова не е Американски филм“ — Фолтин за „Ова не е Американски филм“ (2011)

Оваа констатација е по мое лично видување, убедување и мој вкус — музиката за филмот е многу подобра од филмот. Бенд кој го обожавам иако можеби е премногу експониран периодов, но би рекла сосема заслужено затоа што е еден од најквалитетните македонски бендови. Режијата на филмот е на Сашо Павловски, а за Фолтин сѐ си знаеме.

 

 

 

„Uber Makedonische“ — Архангел за „Збогум на 20тиот век“ (1998)

Ако не е ова и најпознатата песна на Архангел, најпознатата песна од македонски филм и најпознатиот и најголемиот македонски бенд. Исто беше македонски избор за номинација за Оскар, но не влезе во номинираните. Доста наградуван македонски филм и жанровски поразличен од нашите филмови на кои сме навикнати да ги гледаме.

Филмот е комбинација од библиско-митолошки мотиви и комбинација на народно творештво со разни цитати и парафрази од целокупната филмска историја. Авторите Дарко Митревски и Александар Поповски велат дека ова е нов жанр на филм кој го нарекуваат ethno-groovy. Спотот на песната е извадок од филмот кој додека живеев со моите ми беше забранет од мајка ми да го гледам (Извор на информации).

 

 

10 песни од македонски филмови

 

Comments

comments