Годинава се слават 100 години од раѓањето на Ингмар Бергман. По тој повод Кинотека на Македонија организира ретроспектива на филмовите од овој култен режисер. Проекциите започнуваат утре, од 20 часот, a ќе траат до 4 октомври.

Ретроспективата ќе биде отворена со филмот „Лето со Моника“ кој Бергман го режирал во 1953 година. Во сабота од 18.00 часот ќе биде прикажан шведскиот документарен филм „Островот Бергман“ (2005) кој е главно снимен во домот на самиот Ингмар. По проекцијата на документарниот филм, од 20 часот ќе биде прикажан култниот „Седмиот печат“.

На 30 септември од 18 часот ќе биде прикажан уште еден документарец „Навлегувајќи во Бергман“ во кој учествуваат Томас Алфредсон, Вуди Ален и Вес Андерсон. Неделната вечер од 20 часот ќе биде прикажан и „Диви јагоди“, авторски филм на Бергман од 1957.

 

 

Од 1 до 4 октомври со почеток во 20.00 часот ќе бидат прикажани уште четири остварувања во кои Бергман сценарист и режисер: „Персона“ од 1966 (1 октомври); „Есенска соната“ од 1979 година (2 октомври) и „Фани и Александер“ од 1983 (3 октомври).

На последниот ден од циклусот посветен на Бергман, 4 октомври, ќе биде прикажан последниот негов филм „Сарабанд“ снимен во 2003 година.

 

Comments

comments