103 Генерации е фестивал организиран од музичкото радио Канал 103, кое верувале или не драги мои, сè уште постои, работи и ги резонира наоколу истите оние најсофистицирани културни пораки веќе 27 години. Проверете до каде се старциве со нивниот музички вкус, оваа сабота на 24 ноември во МКЦ, Скопје.

Порано радиото беше весела звучна кутија во која некако волшебно беа напикани огромен број смалени човечиња кои изведуваат програма и разноразни лудории, сè со цел да го задржат вниманието на гладните за информации слушатели.

Нудејќи чиста пропаганда, научна фантастика или пак само прекрасна, прекрасна музика, радиото се наметна како еден од водечките медиуми во 20-тиот век. Вистински и масовен инфлуенсер, овој медиум, за прв пат проговори на македонски јазик во 1944 година, веднаш по ослободувањето на земјата од фашистичкиот окупатор.

Радио Скопје е несомнено највлијателната станица која било кога ќе ја имаме, дефинирачка сила во креирањето на она што како сопствена меинстрим култура го познаваме денес. Промената на времињата и потребите, кон крајот на 20-тиот век, донесоа алтернатива на македонската култура, а медиумот кој ја искристализира и воспостави таа алтернатива во нашето општество е денес култното радио Канал 103.

Не случајно настанато во пазувите на Македонската Радио Телевизија, тоа сè уште и сосем спокојно ја сквотира својата егзистенција во студиото П6, на поранешната највисока зграда во Скопје. Неговата програма заискри на 1 мај 1991 година, во турбулентните денови пред осамостојувањето на оваа држава, во која тогаш исто како и денес, никој не веруваше. Неговиот вигор не произлезе од младинската организација на тогаш се-силната Комунистичка Партија на Македонија, ами од стаписувачкиот ентузијазам и глад за нови културни пространства на некои инакви скопски деца, кои решија засекогаш да раскрстат со самодоволноста на растењето со леб и маст. Да, оттогаш ќе биде музика и сласт, во постојан раст.

 

The Oscillation

 

Можам да ви ги раскажам буквално сите приказни за Канал 103. Да зборувам за „златното доба” на радиото (1993-1995), кога во исто време 103ка беше интернет пред интернетот и единствена опозиција во земјава. Да се расприкажам за турбуленциите и обидите на партиите на власт и некои сиви општествени еминенции, да го скротат, стават „под свое”, или едноставно уништат независниот дух на радиото. Неуспешно се разбира. Зошто не успеаа? Па добро, не ли знаете дека Канал 103 е составен од деца на елитни скопски фамилии, локални масони и Ротшилди, а таквите е сосем невозможно да ги сопреш, не?

Ете тука баш би можел да се расфрлам со факти за тоа како Канал 103 воспостави алтернативна сцена и го дефинираше начинот и континуитетот на интелигентна забава/социјализирање во градот, ритам по чија вибрација танцуваат и денешните генерации млади.

Да дофрлам од страна дека ја изѕида куќата, го запали огништето и стана вистински дом за домашната алтернативна музичка сцена. Прокомуницира со светот и донесе безброј cutting edge имиња кои ги вжарија креативните умови на локалните арт херои… Да, токму оние деца кои голтајќи ја магијата која несебично се излеваше од 103тиот мегахерц на ФМ скалата, станаа денешните есенцијални личности на современата македонска култура. Сопрете ме драги читатели, совладајте ме и врзете ме за првиот радијатор, затоа што со приказни би можел да продолжам до крајот на векот.

Денес перцепцијата за радио е сосем инаква, волшебната звучна кутија одамна не постои, а новите деца го живеат сопствениот information overload, потполно несвесни за вредноста и цената на информацијата.

Ерата на Koyaanisquatsi (мрачно доба долж премногу информации) е комплетно нов предизвик, но сигурен сум дека денешните генерации се подготвени да испливаат од тој вртлог, користејќи интелигенција и убавина од тип сосем непознат на минатите децении.

 

The Field

 

На старите 103-каши им преостанува единствено да ги плетат приказните и да се обидат да им ја наполнат главата на своите, па и туѓите деца со идеи (мемиња ги викаме денес). Опасни идеи за промена, амбиција, реставрација. Умствена, духовна, културна реставрација. Токму она што ни треба тука нам. А идеите најдобро се камуфлираат во музика и се пренесуваат преку нејзините трансцедентно-конспиративни особености.

Оваа сабота, неколку тотално откачени, автентични и непредвидливи бендови ќе ви отсвират амбиентален транс, лоода психоделија, post industrial techno, stone cold indie… токму онака како што не очекувате, плус некои познати фаци на вториот диџеј подиум со нивните загадочни музики.

Повелете, дојдете, сакајте ги сениорите од Канал 103, исто онака како што тие ве сакаат вас и ова парче земја на кое створивме пристоен живот за себе, или барем изборивме место каде што можеме да излегуваме и слушаме пристојна музика.

 

Comments

comments