Фотографии: Александра Костадиновска

 

Во момоментов кога го пишувам ова се возам во автобус за Скопје, слушам српско и вдишувам мирис на лук и ракија.

Бев до Велес, мојот роден град, да гласам нели. Чекав скоро цел саат со купот народ пред билетара во Велес, за конечно да дочекам „место” на автобус. Немаше седишта, ама за среќа” успешно ги намолив да ми издадат карта за стоење.

Автобусов е преполн! Чувствувам с’клет, од сите околу мене – викаат, пцујат, се буткаат преку ред… Сто степени е, мириса на лук и ракија, и чат пат знае да налета и по некоја кисела арома на пот. Мајсторот пуштил српско, ечи цел автобус, за да може нели сите сетила да го искусат ова доживување. И така, како казнет, се возам накај Скопје и си размислувам.

Колку сум јас разгален за да ми пречи сето ова. Оваа мизерна слика е реалноста на поголемиот дел на нашиот народ во ова време. Македонија 2016.

Во последно време тешко наоѓам изговор да не го замразам местово и некултурата што за жал моментално ја дефинира мојата Македонија. Не знам како ми успева, но сè уште ја сакам и покрај сите гомнарии.

Иако признавам, со тек на време губам надеж, а особено кога ќе се најдам во центарот на една ваква МК-реалност, секојдневно пробувам да ја продолжам мојата потрага по позитивна енергија и убави нешта. И низ сите тие патешествија, по некогаш се случуваат интересни ствари (ќе запознаам некој нов човек, ќе дознаам за нов бенд, ќе видам нешто паметно на МК интернет) кои ме тераат да си го променам мислењето. Точно кога сум спремен да завртам грб и да избегам некаде далеку, овие специјални моменти ме предомислуваат и ја враќаат мојата надеж во нашата култура.

Овој петок, во Метрополис Арена, доживеав еден од тие специјални моменти.

Концертот беше фе-но-ме-на-лен! Според мене, најдоброто нешто што му се случи на градов во 2016-та, една доза свеж воздух кој ми беше многу потребен, на мене и на моите сограѓани.

 

dsc_0126

 

Радио МОФ одлично ги склопија зборовите кои јас сега се трудам да ги кажам: „Илјадници пееја во еден глас, а концертот на Архангел како да го врати Скопје во некое друго, малку подзаборавено и поубаво време… Разиграни до рано наутро, присутните, и стари и млади, уживаа во најпознатите песни на македонските великани.”

Толку бев среќен да ги видам тие прекрасни луѓе, како едногласно ги пеат песните што го издефинираа моето детство, и кои можеби се најважното нешто кое ме поврзува со македонскиот идентитет.

Отидов на концертот најмногу за Архангел, и бев пресреќен да го видам Ристо Вртев. Изгледаше скоцкано и освежено, во костим и кравата. Каква појава! За мене Ристо и Архангел се најбитните ликови за македонската култура од изминативе 20-тина години. Квалитетот на делата на кои тие се имаат потпишано се во посебна категорија… ама ОК, не ми е идејата да отворам дополнителни теми на дискусија.

 

 

Можеби најубавиот дел од глетката беа младите, 18-20 годишните, кои ги знаеја песните. И тие пееја и уживаа. После концертот, Instagram беше преплавен со фотографии од нашите помлади читатели. Не очекував дека музиката на Архангел има толкаво влијание и на генерациите кои дојдоа после мојата (88-мата, која и самата не беше баш на време).

Не оставив простор да навлегувам во детали за концертот, не ја гледам поентата во тоа – тие што беа, знаат, а тие што не беа, мојот напис нема ништо да им смени. Но тоа што сакам да го направам е искрено да им се заблагодарам на Таксират и на Ристо Вртев. Во ова историски важно време за нашата држава и иднината на нашата култура и идентитет, тие ми докажаа дека тука сè уште има живи луѓе, луѓе истомисленици, кои сакаат да ја сменат моменталната реалност (стар автобус што смрди на лук и ракија и од чии прозори ечи српско) во нешто подобро.

 

Галерија

 

Comments

comments