Кога станува збор за храна, доминирам во категоријата „уживатели на грицки”.

Реално, знам дека во еден момент ќе морам да се тргнам целосно од оваа категорија, затоа што ако продолжам ќе треба да си барам панталони во Гуливер или да си барам кројач, ама јебига – не е толку лесно да се откажеш од нешто на што делумно ти се потпира животот.

Но, до тогаш, ако и ти си „заглавен” во оваа не-баш-ОК-за-твоето-здравје категорија, знај има привремен лек, верувај ми.

Се работи за рецепти кои се прават додека кажеш „кекс“ и се многу похранливи и поздрави од смоки (од српските, помрсните), од предосадните, ама прејаки пуканки, од чипсот кој чувствуваш како те дебелее со самото тоа што случајно си го погледнал на рафтот од супермаркетот и од квики-переци кои се ок, ама некако пак се некоја форма на леб.

Затоа, повели, 3 супер-лесни и брзи рецепти за грицкање додека гледаш турска серија или собраниски канал (ни во најлош сон).

 

 

Јаткасти плодови со сланина и сушен ананас

Ништо појако од nuts (не машката верзија) или јаткасти плодови. Ама затоа што и тие здосадуваат многу брзо, ова ти е еден апгрејтед рецепт.

 

Потребни состојки:

  • 5-6 тенки парчиња сланина
  • 1 мала лажица соја сос
  • 1 мала лажица од медот од баба ти
  • 2 мали лажици сусам (не го треби од геврекот, купи си у кесичка)
  • 400 грама микс од бадеми, кикирики (без лушпа), индиски ореви и лешници
  • 4 парчиња сув ананас (оној од кесичка)

 

Начин на подготвување:

Ја загреваш рерната на 200 °C и на тавче обложено со фолија за печење ги ставаш парчињата сланина и се печат додека не станат крцкави на краевите. Овој процес трае некаде 25 минути. После тоа ги вадиш парчињата сланина и ги ставаш на салфетка да се исцедат убаво.

Вториот дел од рецептот е кога во длабок сад ги ставаш јаткастите плодови, сусамот, медот, соја сосот, сланините и парчињата сушен ананас и сè тоа го мешаш во ритамот на песната „Mesaj mala”.

На крај редиш сè на тавче обложено со фолија за печење и го печеш едно 8-10 минути сè додека глазурата стане сува и не-леплива.

 

 

Сос од грчки јогурт, песто, спанаќ и стапчиња зеленчук

Лабаво сосче за макање, со од страна исецкани на стапчиња разно-разни зеленчуци (на пр. морков, краставица, тиквица итн..) Плус не е многу мрсно и калорично, јер лето, знаеш.

 

Потребни состојки:

  • Еден јужнососеден јогурт (можеш да најдеш цврст јогурт во големи канчиња како оние за павлака, или за помали количини Fit од Bimilk
  • Смрзнат спанаќ
  • Четвртина тегла купечко зелено песто
  • Сол и бибер

 

Начин на подготвување:

Во длабок сад го истураш јогуртот, претходно изблендираниот спанаќ, пестото и на крај додаваш сол и бибер по желба. И толку, спремно е за сервирање и брцкање со парчиња зеленчук (или чипс, ако сè уште не си спремен за нагло откажување). Просто ко пасуљ.

 

 

Чипс од кељ

„Во здраво тело здрав дух”. Стара античко-кинеска поговорка. Не баш. Затоа што е сега модерно (хипстерски) да се храниш здраво, ти препорачуваме да пробаш чипс од кељ.

 

Состојки

  • Неколку чешниња кељ
  • Маслиново масло
  • Сол и бибер обавезно и зачин по избор

 

Начин на подготвување:

Загреј ја рерната на 140 °C.  Извади ги дршките од кељот или прокељ, кој како милува, исецкај ги на половинки, нареди ги на фолија за печење, попрскај ги со маслиново масло и додади зачини по вкус. Остај да се пече кељот додека не стане крцкав и и не добие златно-зелена боја. За 20тина минути имаш совршено здрава грицка.

 

Comments

comments