Ненајавени гости знае да биде малку зезнато и некултурно, па и да ти ги поремети плановите, но кога веќе ти се во куќа може да се потрудиш да оставиш впечаток на добар домаќин.

А како да го направиш тоа? Со добра храна, секако. Затоа, штом ти заѕвонат на врата гостите, поздрави ги, гушни ги, понуди ги со пијачка и дади им нешто да грицнат (за ова повеќе во некој нареден текст). Па додека они се гоштеваат со малата закуска, ти „оперираш” во кујната и како на филмовите – паралелно им правиш забавен муабет додека спремаш некој од моите три едноставни рецепти.

 

Сладок компир со лут сос од павлака

Сладок компир е врв. Не постои нешто поубаво од сладок компир, и тоа во лето со добро изладено пивце, дворче, базенче (ако има, ако не може и тазе искосен тревник) и секако, добро друштво.

 

Состојки:
  • 3 големи слатки компири, исецкани на кругови или стапчиња (совет: доколку ги исецкаш парчињата претенко, може да изгорат лесно)
  • 2 супени лажици маслиново масло
  • Сол и бибер
  • Маслиново масло
  • Едно канче павлака
  • 1-2 кафени лажички лут сос (како Табаско)

 

Приготвување:

Најпрвин загреј ја рерната на 200°. Откако добро ќе се загрее, нареди ги парчињата сладок компир на фолија за печење, полиј ги со маслиново, сол и бибер и стави ги да се печат 25-35 минути, сè додека не добијат златно-кафена боја и не станат крцкави. На крај спреми го сосот за макање, т.е. во подлабок сад измешај ја павлаката со лутиот сос и послужи ја твојата нова грицка на твоите пријатели.

 

 

Начос со повеќе сирења, грав, роктвица и сос по избор

Зашто со начос нема утка. И тоа не праиме муабет за некој импровизиран квази-начос, него „the real deal“.  

 

Состојки:
  • 1 начос-тортиља чипс
  • 1 конзерва црн грав
  • 1 голем кромид исецкан на ситни парчиња
  • 500 грама мелено мешано (свинско и јунешко) месо
  • Изрендан жолт кашкавал, бело сирење и едно пакетче моцарела
  • Малку коријандер
  • 4 ротквици
  • Сол
  • Маслиново масло

 

Приготвување:

Загреј ја рерната на 180°. Обложи ја тавата со фолија за печење. Најпрвин испржи го меленото месо со малку кромид, сол, бибер, магдонос (јас многу си поштуем, но ако не сакаш не ставај). Потоа распореди низ тавата половина од начосот, испрженото месо, гравот, кромидот и сирењата. Ова повтори го пак со другата половина што ти остана – еден слој чипс и еден слој од додатоците. Стави го начосот да се пече додека не започнат сирењата да се топат, или околу отприлика 20-25 минути. На крај додади го коријандерот и ротквиците.

 

Дополнителнo: За сос можеш да направиш или купиш павлака, гвакамоле, салса од домати, лут сос или било каков сос по избор – односно што и да има во твојата најбилска продавница или што имаш во фрижидер.

 

 

Италијански класични брускети со домати и босилек

Зашто брускети се најдобар едноставен избор што изгледа сложено. Верувај, брускетите што ќе ги направиш дома ќе бидат повкусни од било кои што си ги јадел во италијански ресторан.

 

Состојки:
  • 4 парчиња леб од типот на чијабата
  • 1 голем домат
  • Неколку ливчиња свеж босилек
  • 1 чешне лук, пресечено на половина
  • Маслиново масло
  • Сол и бибер

 

Приготвување:

Најпрвин исчисти го доматот, односно отстрани ја течната внатрешност од доматот и исецкај го на ситни квадратни парчиња. Во длабок тањир стави ги парчињата домат и на нив додади го ситно исецканиот босилек, маслиново масло, сол и бибер. Убаво измешај ги. На грил тава испржи ги парчињата леб. Веднаш, додека се сè уште топли парчињата леб, истриј ги ги одозгора со исечената страна на чешнето лук. (Совет: Не претерувај со лукот, само на брзина премини го лебот инаку вкусот ќе биде преинтензивен). Исечи ги парчињата леб на половина и одозгора нареди од исецканиот домат.

 

Comments

comments