Под „нови“ мислиме „брендови кои внимателно ги следевме и собиравме низ текот на годината и едвај чекавме да ги споделиме“.
Малку работи нè радуваат повеќе од нов македонски бренд или креативец, кој прави нешто свежо и оригинално. Особено кога станува збор за млади луѓе кои амбициите ги црпат од желбата за создавање, а не од желбата за заработување. И не само затоа што силно веруваме во поддршката на сè локално, туку и – Зошто да ја носиме истата маичка со останатиот дел од светот, кога може да имаме нешто уникатно?
Ова се 4-те бренда кои последни нè израдуваа, искенирани и излистани по случаен редослед, на време за сезоната која ја преживуваме со помислата дека празниците се супер изговор да си само-поклониме нешто добро.
Merc
Вебсајт: merc-mp.com
Инстаграм: @merc.mp
Постои од: Септември 2018
Зад него стои: Мики Павловиќ (18 години!)
Град: Нов Дојран
Каде може да се купи: Онлајн на нивниот вебсајт
Следна колекција: Во процес на изработка е, ќе биде објавена наскоро
Себеси се опишуваат како: „Мерч нема никаков пристап до надворешни ресурси, не постојат инвеститори, ниту партнери. Нашите продукти се рефлексија на нашата упорност, а секој дизајн носи порака и парче од нашите животи. Целта на Мерч е да допре до оние кои борат свои борби, да знаат дека никогаш не се сами. Светот може да се промени со само малку упорност.“
Killa
Вебсајт: killla.com
Инстаграм: @killa.officiall
Постои од: Јуни 2018
Зад него стојат: Габриел Станчески, Викторија Котевска, Христијан Цветкоски и Катерина Котевска
Град: Прилеп
Каде може да се купи: Oнлајн на нивниот вебсајт со бесплатена достава за цела Македонија и во Corridor67 (Прилеп), Navaho (Велес) и Moritz (Битола)
Следна колекција: Втора половина на ноември 2018
Себеси се опишуваат како: „Силно веруваме во промена на урбаната облека и ќе донесеме друга димензија во индустријата. Нашата цел е да обезбедиме уникатно, ново искуство и промена во монотоната средина во која живееме, со носење на боја во секојдневниот живот. Светот не е црно бел. Филозофијата според која се водиме е дека за да направиш промена, треба да бидеш храбар и да не се плашиш да дадеш свое мислење.“
Sheezick na reezick
Вебсајт: sheezicknareezick.com
Инстаграм: @sheezicknareezick
Постои од: 2018
Зад него стојат: Станислава Шаровиќ и Божо Павковиќ (сопственици на маркетинг агенцијата „ЗипЗап“)
Град: Скопје
Каде може да се купи: Онлајн на нивниот вебсајт, а наскоро и во продавница
Следна колекција: Во тек е изработката, наскоро ќе биде објавена
Себеси се опишуваат како: „SHEEZICK NA REEZICK е бренд создаден да инспирира храбри умови. Развиваме продукти со врвен квалитет кои ги следат нашите вредности и принципи: уникатен и локален дизајн, посветеност и страст. Нашите дизајни се рефлексија на духот на Скопје. Целта на SHEEZICK NA REEZICK е да им помогне на луѓето да бидат различни со тоа што ќе бидат она што се.“
Unknown Movement
Инстаграм: @unknown.movement
Постои од: Јули 2018
Зад него стои: Давид Манев
Град: Штип
Каде може да се купи: Исклучиво онлајн, преку Facebook и Instagram
Следна колекција: Првите модели од Сезона 2 ќе бидат објавени во втората половина на ноември 2018
Себеси се опишуваат како: „Unknown Movement е движење кое се обидува да ги обедини сите кои ја преферираат streetwear културата и сакаат да носат автентични парчиња облека. Основните карактеристики на овој бренд се уникатноста на облеката и лимитираните количини на колекциите.“