Што е непресушна инспирација и никогаш до крај испитана сфера? Човековиот ум, емоциите и реакциите предизвикани од нив.

Можеби територијата е различна односно земјата каде што е креиран филмот, но размислата е речиси иста. Умот е универзален, лебди над нив и над сè, тој е обединувачки. Психата е неистражена „црна дупка“ во вселената во која се сокриени енергијата, надежта, гордоста и совеста. И тогаш следи акција. Потрагата по доброто, идејата и дилемата. Темите за кои раскажуваат филмовите подоле.

 

 

Dogtooth (2009)

Земја на потекло: Грција

„Dogtooth” е црно-хумористична поема на дисфункционалност, оперета на самоповредување т.е. брилијантно-бизарно филмско остварување на грчкиот режисер Yorgos Lanthimos.

 

 

Совршено глумско остварување и целосна контрола уште од првата сцена од страна на Lanthimos.

„Dogtooth” може да се опише и како извонреден пример за апсурдно филмско дело или нешто сосема спротивно – клинички, несебичен интимен дел од психолошкиот реализам.

 

 

 

Winter sleep (2014)

Земја на потекло: Турција

Турскиот Бергман или режисерот на „Once upon a time in Anatolia”, Nuri Bilge Ceylan, неодамна повторно ја „стресе” европската кинематографија со драмата Winter Sleep.

Зимска, снежна и меланхолична атмосфера во Анатолија. Место како од друга планета, изолирано од цел свет, осамено како и луѓето во него. Минимализам, многу дијалог, филозофија и размисли. Многу силни психолошки карактери и ликови кои го актуелизираат прашањето за моралната одговорност и свесност. Паралела меѓу богатиот и сиромавиот и моќниот и немоќниот човек во Турција.

 

 

Кој е поуспешен, кој е духовно побогат? Кој е сам, а кој уплашен? Што е она кое навистина ни недостига?

Адаптирано сценарио од „The Wife” на Чехов.

 

 

 

White God (2014)

Земја на потекло: Унгарија

Зрелоста на едно општество може да се процени според неговиот однос со животните.

Протагонистот е куче-лидер кое ќе ги собере сите кучиња и заедно ќе ја превземат власта во градот.

 

 

Што мислите, кога ќе се случи хаос, до кого прв ќе допре музиката, компромисот и прошката? До луѓето или до кучињата?

 

 

 

Victoria (2015)

Земја на потекло: Германија

One shot филм, камерата и гледачот континуирано ја следи приказната на Викторија, младата девојка во Берлин.

Необичен трилер, кој навидум е комерцијална акција со веќе видена содржина, всушност на еден поинаков начин го прикажува искуството на девојката во мрачниот и криминален свет.

 

 

Едноставно така е снимано што дишејќи и во врат со камерата на Викторија, принудени сме да се зближиме со неа.

 

 

 

The Edukators (2004)

Земја на потекло: Германија

Џули, Петар и Јан се млади активисти од Берлин. Борејќи се против капитализмот, револтот го изразуваат на еден поинаков начин.

 

 

Оваа тројка идеалисти, влегуваат по домовите на богатите во Берлин, им го поместуваат мебелот и ги поздравуват и заплашуваат, оставајќи им пораки..

Љубовен триаголник за борбата, идејата и промената.

 

Comments

comments