Три децении е на сцената, каде постојано ги надминува старите граници и поставува нови. Лоциран на Земјата, но со поглед кон вселената, тој е првиот диџеј кој има радио шоу во соработка со НАСА. 

Овој неверојатно креативен автор ќе може да го видите и слушнете вечерва во Охрид. Тој ќе настапи на плажа „Парк“, со почеток на полноќ, како продолжение на музичкиот спектакл „Juan Atkins и Македонска Филхармонија“, кој е поддржан од Neuland, Izlet Music, Music Incubator, Balance и Sektor 909.

Наместо за техно музиката, во која е неприкосновен владетел, по кратко истражување наидовме на пет (по)малку познати остварувања на овој сестран визионер, кој веруваме дека вреди да се знаат.

 

 

Има радио шоу во соработка со NASA

На 17 јануари годинава, во соработка со лондонската радио станица NTS и NASA, Jeff Mills стартуваше радио серијал од 6 епизоди. Со наслов „Jeff Mills: The Outer Limits“, во овој проект Mills ги истражува концептите на квантна механика, паралелни реалности, време, простор… притоа поврзувајќи ги со омилените дела од класичната, електронската и џез музиката. Освен него, во емисијата гостуваат и истакнати експерти од науката, како и музичари. Следната епизода ќе може да ја чуете на 15 август.

 

 

 

Има соработувано со астронаутот Mamoru Mohri

Вселената му е постојана инспирација, како и главна тема на многу негови дела. Така, албумот „Where Light Ends“ (2013) е посветен на првото патување на астронаутот Mamoru Mohri со шатлот Endeavour во 1992 година.

А затоа што Mills е професионалец и максимално посветен, не само што му го посветил албумот, туку прошол часови и часови во разговори со Mohri, за да може што поавтентично да ја пренесе неговата приказна и тоа вселенско искуство да го преточи во музика.

 

 

 

Бил резидент во Louvre

Веројатно е и првиот диџеј кој добил 4 месечна резиденција во познатиот францускиот музеј Louvre. Да, ви кажавме дека е сестран. Резиденцијата се случуваше во 2015 година и за време на неговиот престој таму Mills извел повеќе филмски-концерти – неми експериментални филмови комбинирани со техно изведби во живо. Целта на овие концептуални перформанси била публиката одблиско да го разбере диџејскиот креативен процес и да увиди дека не е само техника, туку и уметничка форма.

 

 

 

Jeff е витез

Сериозно, Jef Mills e витез. Тој е одликуван со Ordre des Arts et des Lettres (Редот на уметностите и буквите) во 2017 година од страна на францускиот Министер за култура, Jack Lang. Оваа титула им се доделува на луѓе кои имаат значајни достигнувања во областа на уметноста и литературата.

 

 

 

Има документарен филм за него

Го има на радио, во клубови, во музеи, во вселената… чудно би било да го нема и на филм. Или пак, да нема филм за него.

„Man From Tomorrow“ e името на документарецот за Jeff Mills и насловот одлично го опишува. Во режија на Jacqueline Caux, овој филм не е класична биографска приказна за Mills, туку ги претставува темите и интересите кои го обликуваат неговото авторство. Ретко добар увид во умот и креативните процеси на Mills како музички продуцент. Плус, саундтракот е одличен, најверојатно затоа што тој го има компонирано.

 

Comments

comments