Може тажно е да изјавиме дека веќе зад нас се пар продолжени викенди, неколку еднодневни екскурзии до најблиската плажа, а можеби веќе и оние одморите што пополека ги резервираме уште од декември.

Она мирното место, „без македонци“, на кое што си ветуваше дека ќе отидеш оваа година имаше повеќе македонци отколку на семакедонски собир на Македонската Дијаспора на 2 август. Но се разбира – сепак е лето, не е сезона на борби, па ќе се обидеш од одморот (и уште поважно, од фотките од одмор) да извадиш максимум. Не се лажеше веќе неколку месеци дека летово „нема да излезеш од вода“ за џабе, нели?

Обиди се малку да ја освежиш играта, дади сè од себе и потруди се фотографиите што ги правеше минатото лето (или реално, последниве 6 години), да не ги направиш и оваа година. Да, тешко е. Но што се однесува до лајкови, ќе ги имаш и онака. Секогаш е тука онаа лојална група на роднини кои од жал, или веќе по навика, ќе ја лајкнат и најбизарната фотка која ќе ја објавиш.

За да ти помогне во обидот за освежување на инстаграм-летото, нашиот тим избра 5 фотографии кои те предизвикуваат да не ги направиш летово:

 

Литература на плажа

Сме виделе илјадници вакви фотографии. Најголем дел од нив биле со странично поставување на книгата, а до неа еден до три помали предмети за баланс: наочари, крпа и/или шешир. Искрено, не паметиме кои корици лани ги имаше избрано да ги понесеш со тебе на плажа. А во текот на годината се сеќаваме и дека не правевме нешто многу-многу муабет за книгата што ја сликаше.

Исто така, подобро не се труди да се фотографираш од горе како читаш книга. Се познава. И знаеме дека тој/таа што дојде со тебе на плажа или е во вода или веќе заспал на сонцето и не знае ни како се вика од топлотниот бран што неодамна го удри.

 

 

Коктелот што мораше да го купиш за да фатиш лежалка, во сите негови варијанти

– Коктел во рака

– Коктел во песок

– Коктел на масичка

– Коктел со секси капки и растопен мраз

 

 

Стапала на платформа, во песок, прекрстени на лежалка

Види, сите имаме стапала. И да свесни сме дека изгледа толку наивно, детски и безгрижно да поминеш цел ден без вруќа патика. Ама во лето, константно опкружени со песок и сандали, реално на никој од нас не му фали поглед на уште еден пар. Верувај – секоја фотографија од море е подобра од онаа на која има стапала кои го попречуваат добриот видик.

 

 

Чадорот над тебе, од сите можни агли

Знам, после 6 саати поминати неподвижно на лежалка, мозокот не ти е повеќе свеж како што ти беше утрото. Логично ќе поминеш низ неколку фази во обидот да убиеш – ќе пробаш да воспоставиш контакт со тие околу тебе, ќе прочиташ 20-ина страни од пресериозната книга што ја понесе, ќе лапнеш некој локумадес, ќе се изразуваш со цртање срциња во песок со прст, и се разбира – ќе направиш премногу фотографии од дуото чадор-небо. Некоја од нив сигурно и ќе објавиш на Инстаграм, затоа што – броење лајкови е секогаш одличен лек за досада.

 

 

Пробај ова за промена  

Ќе отворам со клише – „разбуди го уметникот во тебе“. Сериозно, Инстаграм е преплавен со фотографии од кои секоја личи на копија на преходната. Покажи им на другарите зашто вреди да го посетат местото кај што се одлучи да отидеш, да им ја доловиш атмосферата со продавачите на улица кои изгледаат како повеќе да не го осеќаат сонцето кое им ја гори кожата, насмевката на чичкото што продава крофни, на дедото што ги пече пченките на зајдисонце, жонглерите, интересната храна што ја проба за прв пат заедно со искрената експресија на лицето од новиот вкус.

 

Comments

comments