Фотографија: Соња Ставрова

 

Музичките фестивали се меѓу најдобрите нешта кои ги смислиле луѓето. Располагаат со неверојатен социјален, културолошки и секако економски потенцијал, а во последниве неколку децении претставуваат вистински melting pot за младите (ок и не толку младите) луѓе на планетава.

Идејата за музички фестивал под отворено небо е стара колку и самата цивилизација, но денешниот облик и импакт го попримаат по втората светска војна. Њупорт Џез Фестивалот во 50тите, или пак Вудсток од крајот на 60тите, се примери, како музичките фестивали стекнуваат пошироко културолошко значење и обезбедуваат популарност на концептот во децениите кои следуваат.

Порастот на бројноста и нивната популарност, доживуваат неверојатна експанзија во последниве две децении, а промотерите и публиката се во грозничава потрага по нови возбудливи дестинации за нови трансцедентни доживувања. Од една страна уникатна можност за уживање во уметничките креации на артистите, од друга пак – генијален економски брак со светските корпорации, овие настани се еден од најубавите примери за хуманизмот на процесот наречен глобализација.

Епа и ние од Reborn сакаме да се глобализираме со музика. Како впрочем и секое лето, така и ова ќе се прошетаме низ Европа, ловејќи некои од највозбудливите музички имиња на планетава. Прошетајте со нас.

 

Kala Festival, Албанија (20-27.06.18)

Или како што сами го нарекуваат Kala (kala.al) е првиот интернационално организиран фестивал на прекрасниот јужен брег на оваа наша соседна земја. Јонското море е фантастично место да се најдете во било каква згода, а неверојатниот потенцијал за летен одмор и фестивалски провод, во следниве неколку години, ќе дојдат big time во фокусот на европската млада популација.

Се работи за силно атрактивни локации, кои за прв пат во историјата влегуваат во рамките на комерцијалниот туризам. Прекрасни плажи и полускришни местенца кои ќе ве одушеват. Додадете на тоа неколку навистина интересни имиња од светската денс сцена: Roy Ayers, Hot Chip, Peggy Gou, дел од легендарните Underground Resistance, The Black Madonna, Maurice Fulton, мојата нова диџеј фасцинација Or:la и многу други. Доколку ова звучи примамливо (примамливо е:), најдете се на плажата Dhermi во јужна Албанија помеѓу 20 и 27 јуни оваа година. Совет: патувајте со ваш автомобил.

 

 

 

Down the Rabbit Hole, Холандија (29.06-1.07.18)

Се работи за три фестивалски денови (29 јуни -1 јули) во Ewijk, Холандија, на стотина километри од Амстердам. Како тие гледаат на себе? Авантура, конфузија, надреализам и чиста психоделија…па на секој поп-културно писмен човек полека му станува јасно што го очекува.

Освен топлата препорака легално да си ја расцветате главата, можете да проследите и висока А класа артисти: Queens of the Stone Age, Nick Cave and the Bad Seeds, David Byrne, Fink, Franz Ferdinand, MGMT, Black Rebel Motorcycle Club, Calexico, Oh Shees, St. Vincent, The Breeders, во моментов моите омилени Essaie Pas и еден куп други, навистина интересни бендови кои го заслужуваат вниманието на амбициозната публика. Како до таму? Sирнете овде.

 

 

 

Open’er Фестивал, Полска (4-7.07.18)

На самиот европски север и студеното Балтичко море, на територијата на Полска, се наоѓа градот Gdinya, домаќин на вистински огромниот Open’er Фестивал.

Ок, од 4 до 7 јули за среќа и не е така студено дури ни таму, а кога ќе го погледнете фестивалскиот line up, топлината ќе ви дојде директно од срцето и нема веќе да биде предмет на дискусија. Depeche Mode свират оваа година. Не зурете како исплакнати во екранот, Depeche Mode алооо!!! Кој друг? Arctic Monkeys, Chvrches, Nick Cave and the Bad Seeds, Sevdaliza, Massive Attack, David Byrne, Gorillaz, Bruno Mars и огромен број млади артисти...вистинска мала музичка енциклопедија во четири дена. Open’er и Полска барем мене ми звучат како одличен предизвик.

 

 

 

L’edition Фестивал, Франција (7-10.06.18)

Ако сте со мисла да ги избегнете мега-фестивалските гужви и непредвидливите временски околности кои можат непријатно да изненадат, еве еден мал, тукуречи елитистички предлог за вас.

L’edition е фестивал кој се одржува од 7 до 10 јуни во живописниот јужен француски град Марсеј. Има една боја, повеќе како светлина, која постои единствено во Марсеј. Особено светла и мошне жолта и совршено се вклопува со оној “outside” темперамент, толку препознатлив за овој град. Неколку внимателно избрани локации (амфитеатар, тамошниот музеј на современа уметност, брод за крстарење), на кои настапуваат неколку извонредно интересни, помалку опскурни, сепак поп артисти (Camille, Polo & Pan, Danton Eeprom, Empress, Hollydays и др.). Примамливо, дами мои и господо.

 

 

 

Sonar, Шпанија (14-16.06.18)

Последниот предлог не наоѓа повторно на Азурниот брег, во еден од најпопуларните градови на светот, фантастичната Барселона. За овој фестивал веќе подетално пишував овде, но нашиот фестивалски прирачник би бил непотполн без Sonar, кој оваа година слави јубилеј, 25 години работа.

До Барселона имате ефтини авионски карти, па ете еден изговор помалку за капитулација. Ова е град кој го храни младешкиот дух, а фестивалскиот line up е уживање за сите сетила. Освен најдобриот бенд на светот, а тоа е LCD Soundsystem, од 14 до 16 јуни, меѓу другите ќе може да се проследат и Ryuichi Sakamoto & Alva Noto, Gorillaz, Tom Yorke, Richie Hawtin, Laurent Garnier…10 стејџа, 140 артистички перформанси. Да, во Барселона. Јас ќе одам секако. Вие?

 

Comments

comments