„Знам за један град где си вечно млад” – Светлана Цеца Ражњатовиќ.

Уште во далечната 1995 година познатата поетеса, уметница и атео-будистичка алтернативка, Светлана ака Цеца Ражнатовиќ го препозна квалитетот, уникатноста и прогесивниот mind-set на великанот на Балканските простори, Белград.

Ок, немам појма дали го препознала или не. Ама дека Белград отсекогаш си рокал газови и сè уште си рока и дека е центарот на „Балканскиот универзум” (за ова ќе се договориме, сепак Скопје е мој град, а ја сум негов), се факти пред кои и боговите молчат (да, да и грците ја ќутат).

Доказ за мојата констатацијата се 5-те локали кои мораш да ги посетиш ако случајно се најдеш во Белград.

 

Przionica D59B

Адреса: Dobracina 59b

Доајенот на новата кафе култура која хара низ Белград последниве неколку години. Przionica D59B е првиот локал во Белград кој ги обедини на едно место пржењето, продажбата, припремата и конзумацијата на високо квалитетно рачно изработено кафе. Концептот е анти-комерцијално-индустриски и без употреба на класичен шанк систем за да не се изгуби социјалниот момент при уживањето во пиењето на добра шолја кафе. Акцентот и целокупната идеја на Przionica D59B се темели на премисата „сервирање на високо квалитетно кафе, од одбрани зрна и секогаш квалитет пред квантитет”.

На менито се еден тон врсти на кафиња (single origin од Бразил, Костарика, Гвинеја, Перу, Етиопија…) и освен кафе и филтрирана вода не нуди ништо друго. Ентериерот е во индустриско-рустикален стил со моменти на минимализам и секако, дрво.

П.С. Не работи навечер и пушењето е строго забрането.

 

 

Ministarstvo Kafe

Адреса: Strahinjica Bana 72a

Ministarstvo Kafe е првиот од низата на кафетерии кои се планирани да никнат во Белград и пошироко. Станува збор за место кое е наменето за сите фанатици на добро јако кафе (под тоа мислам на 100% арабика, single origin од Салвадор, Бразил, Колумбија, Етиопија и разни мискови).

Освен што можеш да се послужиш со кул кафе, на менито се наоѓаат и уште мал милион здрави напитоци и зезалици, како природните чаеви на Mad Hatter (не од кесичка), смутиња, цедени сокови и фенси доручеци во стилот на оние од париските кафулиња (кроасан со путер, тост на триаголници или пак фино спакувани колачиња).

 

 

LULA fine espresso bar

Адреса: Stanoja Glavaša 18

Дизајн, дизајн и само дизајн. Lula fine espresso bar е бар во кој дизајнот игра главна улога, но сепак тука можеш да најдеш/пробаш вистинско квалитетно кафе, свежо цедени сокови, Ferdinand кнедли, кроасани и многу интересни слатки. Исто така баров е познат и по изборот на специјално селектирани и уникатни алкохолни пијалоци.

Lula Bar е распостранет на две нивоа, со специфичен (нема шанси да не ти падне у око) ентериер кој плени со совршените комбинации на бои и материјали. Значи имаш комбо од бетон и дрво, еклектичен спој на зелена и розева боја и уникатно издизајниран под со геометриски шари.

П.С. Во склоп на барот се наоѓа и мини продавничка каде може да најдеш природни чаеви, кафиња и маички со ликот на домаќинката Lula.

 

 

Labaratorija Kafe

Адреса: Omladinskih brigada 86j

Ме купи уште со името. Labaratorija Kafe е кафетерија со футуристички изглед, сместена во West 65, бизнис кварт во Белград, креирана и дизајнирана за сите оние кои имаат истенчен вкус за дизајн, фанови на квалитетно кафе и хедонистички дух (ок, може сите да отидат, нема да ги вратат, најверојатно).

Она што прво ќе те „удри” кога ќе влезеш во локалов е минималистичкиот ентериер, визуелниот идентитет и целокупниот концепт.

Ентериерот е црно-бел, исполнет со многу детали кои совршено го дополнуваат целокупниот впечаток и ти даваат чувство дека овде можеш лабаво да си дремеш со пријателите на по некое Craft пиво, домашна ракија и/или да организираш деловни состаноци и склучуваш сериозни зделки (таман за новопечените македонски бизнисмени).

П.С. Организираат after work журки кои „растураат бракови” (барем така викаат).

 

 

Java Espresso & Brew Bar

Адреса: Gundulićev venac, 59

Java Espresso & Brew Bar е осмислен со цел подигнување на свеста кај луѓето за квалитетот на кафето што го пиеме, неговата подготовка и приближување на алтернативните методи на изработка, од каде што е и наставката Brew во името на барот.

Инаку Java Espresso & Brew Bar е под покровителство на Java Coffe Company, полска компанија за пржење на високо квалитетно кафе. Сместен е на две нивоа и плени со неговиот фантастичен амбиент и ентериер кој е исполнет со топли и пријатни бои и материјали.

На менито освен кафиња со потекло од Арабија, Етиопија, Колумбија, Бразил и други места, може да се најде сладолед од кафе (во соработка со Crna Ovca), цедени сокови, пиво Kabinet (аха, ова го има и кај нас, хе хе хе), вино од локалната винарија Matalj, ракија од Jezdic и колачи со кафе направени во соработка со Nutty Cupcake.

П.С. Имаат и жолто portable drink/food truck.

 

Comments

comments