Фотографии: Ани и Дими
Тимот на Reborn е облечен во SPRINGFIELD

 

Сладолед, куси панталони, боси нозе и ладно пиво од една страна и запотени шатори и пијани, несвесни луѓе раштркани на простор кој претходно бил само обичен паркинг, ливада или плажа од друга страна.

Некој да ги нареди зборовиве, а да не ми нагласи дека просто-проширената реченица е дефиниција за летен фестивал, би бил во тотално бунило и би одбил било каква акција поврзана со некој од нив.

Но сепак, јасно ти е дека кога се работи за фестивал, има нешто чудно необјасливо и магично. Тие неколку дена, твојот живот се сведува на основните животни потреби, среќата и возбудата дека ќе го слушнеш или погледнеш твојот омилен артист, ДЏ или бенд едноставно е поголема од желбата за чисто ВЦ, туш, вистинска храна или удобен кревет.

Таканареченото фестивалско лето е сосема коректно и исполнето лето. Никогаш не сум бил скептик за тоа дали е добар избор летото да го потрошиш на фестивали, но за тоа на кој фестивал да се оди, често се забележувам себеси насред некои дилеми или трилеми.

Искрено, најчесто фокусот сум го фрлал на фестивалите кои се одржуваат надвор од државава, а реално, имаме летни фестивали кои се одлични и заслужуваат тотален респект.

За да не биде муабетов напразно, слклопив една селекција од 5 летни македонски фестивали кои не треба да ги пропуштиш.

 

Здраво Млади

Дата: 4 јуни (*Овој напис е оригинално објавен на 16.05.2016 и се однесува на фестивалите кои се одржаа лето 2016та. Датите за лето 2017та сеуште не се објавени.*)
Влез: 300 денари
Место: Скопје

Добро познат еднодневен фестивал кој ужива големa почит од скопјаните и скопјанките, но и пошироко. Одличен настан кој го означува почетокот на летото и кој го отвора просторот за сите останати културни настани кои следуваат сезоната.

Фестивалов е присутен од 2010та година, а многу интересен факт е тоа дека името го добива по флиперница во Кратово, чие име произлегува од една популарна Екс Ју емисија (нашата прва асоцијациа секогаш била Драган Каранфиловски – Бојс и Група Мадригали).

Здраво Млади е прогресивен музички фестивал, чија цел е понуда на квалитетна, свежа и алтернативна музика од светот.

Реномирани изведувачи од минатите изданија: ХАХАХА, !!! (Chk Chk Chk), No Age, Matias Aguayo, Repetitor, Kanton 6, Green Out, The Soft Moon, Bernays Propaganda, Gonjasufi, Metz и многу други.

За оваа година најавени изведувачи се: DJ Fitz, Follakzoid, Lima и Moon Duo, а ќе има уште многу кои наскоро ќе ги дознаеме.

 

 

Skopje Street Festival

Дата: 10-12 јуни (*Овој напис е оригинално објавен на 16.05.2016 и се однесува на фестивалите кои се одржаа лето 2016та. Датите за лето 2017та сеуште не се објавени.*)
Влез: Бесплатен
Место: Скопје

Фестивалче за тотално опуштање, разбистрување на мислите и бегство од летните горештини, а сето тоа во скопскиот Градски Парк. На 10 минути од било кој дел од Скопје, имате тродневна релаксација со добро музиче, пивце и убав свет.

Skopje Street Festival претставува обележје на урбаната култура на Скопје. Преку креативност, музика и интеракција ги поттикнува младите да се изразуваат слободно.

Секоја година во Градскиот Парк се отвораат 6 подиуми, и тоа распоредени по секции: графити, музика, скејт/блејд/бајк, стрит бол, денс и игло работници. Нивната мисија е соединување на скопските маала и придвижување на улиците со цел обединување на младите поради едно масовно урбано будење.

 

 

Д Фестивал

Дата: 15-17 јули (*Овој напис е оригинално објавен на 16.05.2016 и се однесува на фестивалите кои се одржаа лето 2016та. Датите за лето 2017та сеуште не се објавени.*)
Влез: 600 денари (или 800 денари + камп)
Место: Дојран

Минатата година беше моето прво Д-Фестивал-искуство. Си поминав супер, но сепак се работи за млад фестивал кој дефинитивно е на добар пат да прерасне во сериозен настан кој ќе привлече поголем број на посетители.

Д-Фестивал е основан во 2011та година и израснат од идејата за уникатен open-air настан, кој ќе и понуди на публиката алтернатива за задоволување на потребата за летен фестивал на автентичното и прекрасно Дојранско крајбрежје.

Имиња кои поминале низ Д-Фестивал изминативе 5 години се: Manu Chao La Ventura, Stereo MC’s, Wilkinson, Sonique, Кирил Џајковски, Дубиоза Колектив, Bernays Propaganda, Љубојна, Фолтин, String Forces, Суперхикс, АРЕА, С.А.Р.С., Baildsa, Зијан и многу многу други.

 

 

Бош Фестивал

Дата: 26 – 28 август (*Овој напис е оригинално објавен на 16.05.2016 и се однесува на фестивалите кои се одржаа лето 2016та. Датите за лето 2017та сеуште не се објавени.*)
Влез: Бесплатен
Место: Гевгелија

Дефинитивно фестивал кој ми е на листата за посета ова лето. Лично за Бош дознав минатото лето, а постои од 2009та година. Првично организиран во чест на прерано починатиот актер и поет, Бошко Бозаџиевски (1981-2008).

Накратко се работи за тридневен фестивал кој е пред сè процес на создавање на еден типично-поразличен, несекојдневен и неконвенционален, јавен простор.

Во изминативе години имаат учествувано повеќе од 300 уметници и тоа:

Музика: Cul de Sac со Дарко Рундек, Mechanimal, Klopka za pionira, Multietnicka atrakcija, Zea /// Ликовна уметност: Атанас Ботев, Никола Радуловиќ, Ангел Миов, Иван Ивановски, МОМИ /// Театар: „Еlastic Тheatre“ од Лондон, „Аtom Тheatre“ од Софија, Милош Б.Андоновски /// Поезија: Тихомир Јановски, Стефчо Стефанов, Митко Гогов /// Дј сетови: Мирко Попов, Дј Страјк и други.

Сите настани на Бош Фестивал во Гевгелија се бесплатни, достапни и отворени за секого, што овозможува непосредна и природна комуникација меѓу учесниците, публиката и организаторите на фестивалот. Од друга страна, Бош Фестивал ѝ дава специфично место на Гевгелија на културната мапа на Македонија.

 

 

Акто

Дата: Наскоро ќе има повеќе информации
Влез: Бесплатен
Место: Битола, Скопје и Штип

Според мене после Широк сокак, АКТО Фестивал е втората „душа” на Битола. Фестивал кој е вреден за откажување на секакви претходни договори, дружби, свадби и слични настани.

АКТО Фестивалот за современа уметност, кој 10 години се одржуваше во Битола во месец август, поддржувајќи ги најсовремените визуелни, театарски, филмски и музички остварувања и давајќи им контекст за нивно теориско обмислување во рамките на дискурзивните настани, новата сезона ќе ја стартува реосмислен, променет и во чекор со она што се случува во средината во која делува.

Своето 11 издание ќе го започне со трансформација, временска и локациска, пред сé поради објективни општествени/политички причини во кои се наоѓа државата во моментот.

АКТО оваа година ќе биде во знакот на ДВИЖЕЊЕТО/MOVING, така што ќе биде трансформиран во насока на негова дисперзија во неколку градови, освен Битола, и тоа во реализација со локалните партнери во Скопје и Штип како дел од подолгорочниот проект „Култра за граѓански промени“.

Попрецизната програма ќе биде објавена наскоро.

 

 

IMG_0370

Shift Festival

Дата: 1 јули (*Овој напис е оригинално објавен на 16.05.2016 и се однесува на фестивалите кои се одржаа лето 2016та. Датите за лето 2017та сеуште не се објавени.*)
Влез: Бесплатен
Место: Кичево

Да, во право си, излажав — листава има 6 фестивали. Последниов фестивал (додаден отпосле) се одржува во Кичево.

Од блиски извори до организаторите дознав дека како главен хедлајнер на Shift Festival ќе биде артист неодама избран за најдобар tech-house продуцент. Повеќе информации околу прогрмата ќе има наскоро. На фестивалот ќе има и Graffiti Chill & Love зона и мала наградна игра каде најдобриот графит и фотографија ќе добијат гратис карта за Lovefest.

Мислам дека доволни се овие информации за масовна окупација на Кичево.

 

Comments

comments