Поминаа првите 5 дена од МакеДокс, фестивалот кој веќе 9-та година по ред го означува почетокот на крајот на летото.

Но не очајувајте, ова беше само првото полувреме. Во овие 5 дена имавме можност да погледнеме многу, ама навистина многу, квалитетни филмски проекции, концерти, работилници и и уште еден куп други интересни настани.

А додека со нетрпение очекуваме сè што доаѓа во вториот дел од МакеДокс, направивме мала листа – ова се 5-те ствари кои најмногу ни оставија впечаток и кои веруваме дека ја одбележаа првата половина на фестивалот.

 

Свеченото отворање на МакеДокс 9 со турскиот филм „Kedi“ и настапот на Jimmy Barka Experience

МакеДокс 9 беше прогласен за отворен со проекцијата на турскиот филм „Kedi“. Првиот ден на фестивалот беше заокружен со настапот на експерименталниот словенечки бенд Jimmy Barka Experience, кои не почастија со интересен репертоар на музички селекции од жанрот „word music“.

 

 

 

Отворање на полската програма со перформансот „Skopje-Warsaw… With love via Maluch“

На 17 август во Куршумли Ан, со перформансот „Skopje-Warsaw… With love via Maluch“ беше отворена полската програма на МакеДокс 9.

Преку перформансот, кој беше симбиоза помеѓу танц и театар, изведен од МакеДокс докуникулците, беше прикажана конекцијата помеѓу Полска и МакеДокс. Главната акција на овој перформанс беше, со помош на познатиот белградски сценограф, Владан Царичиќ-Цар и докуникулците на „МакеДокс“, да се креираат пиктограми на самолеплива фолија во црвена и бела боја и потоа истите да бидат залепени на каросеријата од Пеглица.

Автомобилот натоварен со кромид, иконата на МакеДокс и така спремен, на крајот од фестивалот ќе ги понесе визуелните и мирисливите пораки на патувачкото кино за Варшава. Исто така, по завршената мисија, Пеглицата ќе му биде подарена на Музејот на современата уметност во Скопје, кој е изграден по проектите на полски архитекти и претставува најмаркантен знак на полско-македонското пријателство.

 

 

 

Настапот на Lorekeepers Guild

Во склоп на студентската програма на МакеДокс и попладневниот пикник со „Синестетика“ имавме можност да ги слушнеме „македонските ирци“, бендот Lorekeepers Guild. Минатата сабота Lorekeepers Guild успеаа да ја разбранат МакеДокс атмосферата со едно незаборавно матине, исполнето со традиционалните звуци на ирската музика и фолклор.

 

 

 

Работилницата „Реалноста режира, ние правиме филмови“ со Pirjo Honkasalo

Работилницата „Реалноста режира, ние правиме филмови“, курирана од познатата финска режисерка и филмаџика, Pirjo Honkasalo, беше едно одлично тридневно филмско искуство.
На работилницата се збореше и дебатираше за умешното користење на документарниот јазик преку трите филмови на Honkasalo, „Melancholian 3 huonetta“, „ИТО“ и „Concrete Night“. Низ дискусии учесниците успеаа да дознаат како да ја одберат темата и протагонистите на еден филм.

 

 

 

Проекцијата на филмот „The Other side of everything“ / „Другата страна на сè“

Во неделата, МакеДокс публиката беше оставена со подзината уста по проекцијата на српскиот филм „The Other side of everything“. Се работи за филм каде заклучена врата во стан во Белград ја претставува бариерата на една фамилија, која го крие своето минато повеќе од 70 години. Преку интимните разговори помеѓу мајката и ќерката, овој документарен филм ја окрива историјата на фамилијата и бурното политичко минато на Србија во времето на национализам, граѓанската војна и диктатура.

 

Comments

comments