Девојка ти инсистира да идете на кино? Одвлечи и го вниманието. Купи и куче. Да, се исплати да стануваш секој ден во 6 часот наредните 15 години само за да не го гледаш филмот.

Лош е дури и за Spielberg филм. Да, знам дека е полн со референци што треба да ги обожавам, ама пробав, дадов сè од себе – невозможно е. Филмот е само еден куп на остри визуелни ефекти и референци на добри филмови, кои треба да те дистрактуваат од фактот дека се меѓусебно поврзани со 2 ипол часа совршена празнина.

Првите 15 минути ќе ти поминат релативно брзо – ќе бркаш референци по екранот и ќе подпевнуваш од хитовите од 80-тите. DeLorean! Jurassic Park! Shining! Пак Shining! Ќе ти биде забавно некое време. Сè додека не почнеш да сфаќаш дека пополека станува ужасно досадно зашто филмот прераснува во верзија на Willy Wonka од која се отстранети сите оригинални и добри моменти.

Ова се 5-те од вкупно 15 причини зошто верувам дека животот ќе ми беше подобар ако таа вечер, наместно да отидам во кино, останев дома да чистам кујна.

 

Карактерите и приказната се едно-димензионални

Не знам како се преведува „Hero’s journey“ формулата на македонски, но како и да ја наречеме, факт е дека кај филмот е ужасна и страшно предвидлива. Да, скоро сите филмови се предвидливи и тоа не би требало да ги прави добри или лоши, но кога ликовите и нивниот развој низ приказната се толку слаби, филмот е автоматски уништен.

Хероите се херои од самиот почеток, не стануваат, не се развиваат. [Внимание споилер!] Во свет на милион гејмери, само еден од нив, без никакво објаснување и особена причина е доволно добар за да го „скрши кодот“?

 

 

Дел од референците повеќе личат на исмејување отколку на референци

Знаеш кога во добар филм ќе препознаеш референца од друг, уште подобар филм и ќе се израдуваш? Епа тоа не се случува со „Ready Player One“. Најголемиот дел од референците се премногу очигледни за да се почувствуваш гордо што ги препозна, а другиот дел се едноставно навредливи.

Сцената со легендарниот хорор филм (избегнувам споилери)? Повеќе личи на исмевање отколку на почитување на ремек дело.

 

 

Кога ќе помислиш дека завршува, всушност има уште 2 часа

Уште еден проблем што (меѓу другото) се јавува како резултат на неразвиената hero’s journey формула. За филм од 2 ипол часа да биде добар и да ти го задржи вниманието треба да има фантастично развиена приказна. Во моментите кога помислував дека „Аха! Ете го крајот! Успеаа!“ приказната само од ново се разводнуваше. Ова се случи точно 4 пати во текот на филмот.

 

 

Стереотипите за „гикови“ се застарени и лоши

Неразбрани, непопуларни и социјално неспособни – вака изгледаа „гиковите“ во филмовите од 80-тите. Мислев дека „мрднавме“ од овој стереотип кога пред 15 години сфативме дека не било толку лошо да бидеш паметен и да имаш интереси.

[Внимание споилер!] Да не зборуваме пак за женските ликови, кои дури и кога се добри и квалитетни како што е Art3mis, сепак се девојки со лузна на лицето, кои во виртуелниот свет мора да присвојат совршени тела за воопшто некој да им обрне внимание.

 

 

Уште еден филм со носталгија од 80-тите

Види, ги обожавам Stranger Things исто колку и ти. Ок, ги обожавам 80-тите и се во нив со сите синтисајзери и наивни научно фантастични филмови. Но дефинитивно е време носталгијата да ја префрлиме на некоја друга декада. Станува лесен и застарен трик да се повикуваш на 80-тите, особено со тоа што што најголемата група на посетители на кино денес (тинејџери), кои верувам дека се и таргет групата на овој филм, никогаш не слушнале за Duran Duran.

 

Оцена
Девојка ти инсистира да идете на кино? Одвлечи и го вниманието. Купи и куче. Да, се исплати да стануваш секој ден во 6 часот наредните 15 години само за да не го гледаш филмот.
2.5Оцена

Comments

comments