Од 16 до 23 август, во просториите на Куршумли Ан и Музејот на современа уметност, ќе се оддржи деветото по ред издание на МакеДокс, фестивалот за креативен документарен филм.

Секоја година МакеДокс има различен фокус, а деветтото издание е посветено на режијата во документарниот филм, односно режирањето реалност. Режијата во документарниот филм е многу важен сегмент и кажува повеќе за режисерот, отколку за самата тематика на филмот. Преку филмови, работилници, панел дискусии, разговори под смоква, музика и нови пријателства, оваа година МакеДокс ќе ја режира реалноста во Куршумли Ан и Музејот на современата уметност во Скопје, каде официјален селектор на програмата е Петра Селишкар.

Главната порака на овогодинешното издание на МакеДокс е „Реалноста режира, а ние гледаме филмови“ презентирана преку хаштагот #РеалностаРежира, а програмата „Земја во фокус“ е посветена на полската документаристика.

Во продолжение се 5-те работи од програмата кои нема да ги пропуштиме.

 

Концерт на Jimmy Barka Experience
(16 август, Куршумли Ан)

Jimmy Barka Experience е словенечка колаборација помеѓу двајца диџеи и еден тапанар кои создаваат музичка фузија од рап/хип-хоп/експериментален џез/фанк/соул, а сето тоа добро промешано со квалитетни електронски звуци.

 

 

 

Портрет со мокар колодиумски процес
(Секој ден, од 17 до 23 август, Куршумли Ан)

Единствена можност да се фотографираш на досега невиден начин. Секој ден на МакеДокс од 12.30 до крајот на денот можеш да се почастиш или на симпатијата да и подариш уникатен портрет.
Важно: Иако повикот за фотографската работилница за колодиум заврши, сепак има уште две слободни места за домашни корисници, за кои не е покриено сместувањето. Ако сакаш да се пријавиш, тоа можеш да го направиш на следниов маил hakfin@gmail.com.

 

 

 

Базар и концерт пред отворањето на студентската програма со Синестетика
(Сабота, 18 август, 17.00 часот пред Куршумли Ан)

Попладневен пикник со базар на ракотворби на Синестетика по повод отворањето на студентската програма на MakeDox. Ценкај се, шетај, пипни, види, научи и гледај студентски филмови на 18 август со почеток во 17 часот.

 

 

 

Премиера на филмовите на ДОКУНИКУЛЦИ
(21 и 22 август, Куршумли Ан и Музеј на современа уметност)

Годинава на МакеДокс ќе имаме можност да ги погледнеме премиерите на првата генерација на млади доументаристи кои беа дел од работилницата „Докуникулци“ во 2017 година, сите на возраст од 13 до 19 години.

 

 

 

Работилниците и панел дискусиите во Музеј на современа уметност
(Од 17 до 23 август, Музеј на современа уметност)

„Directing reality“ работилниците наменети за сладокусци со истенчен вкус ќе бидат предводени од Пирјо Хонкасало и Војцех Старон. Следни панел дискусии кои ни го привлекоа вниманието се Србијанка Турајлиќ: Револуциите се важни, но поважно е што правите по нив и „Улогата на филмот во деинституцијализацијата“, која звучи страшно, но за луѓе е.

Билети за МакеДокс можете да набавите преку мрежата на MK tickets.

 

Comments

comments