Неодамна го најавивме Истражувачкиот филмски фестивал (ИФФС) кој ќе се случува оваа недела, од 25 до 27 октомври, во Кино Култура.

Темата на годинешното издание на фестивалот ќе биде „Вистината, лагите и лајковите“, а на него ќе гостуваат претставници на BuzzFeed News, Google News Lab, Welt, како и професионалци од македонската медиумска сфера.

За вас издвојуваме 5 настани од програмата на второто издание на ИФФС кои веруваме дека не треба да ги пропуштите.

 

Разговор со Џејн Литвиненко од Buzz Feed News
25 октомври (четврток), 20.00 часот

Фестивалот ќе биде отворен со дискусија со Џејн Литвиненко од BuzzFeed News на тема: „Како да ги пронајдеме фактите и вистината во онлајн светот?“.

Џејн Литвиненко ќе зборува за нејзината работа во BuzzFeed и на посетителите ќе им покаже како да ја бараат вистината онлајн. Таа ќе сподели и какви вештини за проверување на факти треба да се поседуваат  за успешно да се одвојат фактите од фикцијата.

 

 

Проекција на филмот „Inside Facebook: Secrets of the Social Network“
25 октомври (четврток), 21.00 часот

Познатиот и наградуван истражувачки документарен серијал „Dispatches“ на Channel 4, овој пат се фокусира на најголемата социјална мрежа. Во филмот „Inside Facebook“ го истражуваат тајниот свет на луѓето кои одлучуваат што може, а што не да биде постирано на Фејсбук и како истото влијае врз корисниците.

 

 

Како да направиш crowdfunding со хрватска Lupiga
27 октомври (сабота), 13.30 часот

Lupiga, еден од најстарите независни медиумски портали во Хрватска, побара од своите читатели да им помогнат за да продолжат со својата работа. Ивор Фука ќе ја сподели успешната приказна за нивната кампања за јавно финансирање и за импресивната поддршка на нивната посветена публика преку која собраа 42.186 долари.

 

 

Работилница со Даниел Жонса од Google News Lab
27 октомври (сабота), 18.30 часот

Даниел Жонса од Google News Lab патува низ регионот и ги учи новинарите како да го подобрат своето известување со онлајн-базирани алатки и споделува најдобри практики од целиот свет. Во Скопје ќе открие што значи напредно истражување, како се собираат вестите и други техники кои новинарите можат да ги користат додека работат на своите приказни.

 

 

Дебата со истакнати истражувачки новинари од Германија
27 октомври (сабота), 19.45 часот

На дебатата говорници ќе бидат: Оливер Шрем (главен уредник на КОРЕКТИВО), Фолкер Штајнхоф (главен уредник на Панорама) и Анете Довидајт од Истражувачка единица на WELT. Со оглед дека Германија ги има едни од најдобрите медиуми за истражувачко новинарство во светот, овие реномирани новинари директно ќе ги споделат искуствата за тоа какви се условите за новинарите кои работат во Германија, како да се задржи отворен прозорецот за истражувачко новинарство, што треба да се направи за да се осигура безбедноста на новинарите и слично.

 

Comments

comments