Традиционално и во 2018 ќе се одржи настанот „Red Bull Can you make it“ во кој тимови од студенти ќе патуваат 7 дена низ Европа натпреварувајќи се кој попрво ќе дојде до финалната дестинација – Амстердам, а притоа користејќи само Red Bull лименки како валута.

Преостануваат уште само 5 дена до истекот на рокот за пријавување на предизвикот кој ќе се одржува од 10 до 17 април, што значи дека доколку сè уште не си аплицирал, а имаш супер тим на ум, тоа сè уште можеш да го направиш тука. За повеќе информации околу натпреварот можеш да го прочиташ овој напис.

Откако ќе го пријавиш твојот тим, следниот чекор е да креирате видео снимка во должина од една минута каде што ќе објасните зошто треба да бидете одбрани токму вие. Видеото може да го снимите како што сакате и можете, со телефон, со професионална камера, преку Instagram или Snapchat приказна, а на крај да го споделите на Youtube или Vimeo и да се пријавете.

Напомена: Најважната работа при креирањето на видеото се вашата фантазија и оригиналност, а потоа и способноста вашето видео да го промовирате на јавно гласање.

Во продолжение се неколку совети и трикови за Red Bull #CanYouMakeIt18 од тимот Борово од 2016, кој е првиот македонски тим што досега учествувал во Red Bull #CanYouMakeIt предизвикот.

 

 

Фаза 1: Видео

„Искрено, ние не сакавме да потрошиме ниту еден денар и решивме сè да направиме сами, иако многумина се обидоа да ангажираат професионалци. Клучно во нашиот спот беше појавувањето на баба ми и искрено можам да кажам дека по неа го препознаваа нашето видео. Не плативме на Facebook за да се рекламираме, а сепак успеавме да влеземе меѓу финалистите. Мислам дека беше пресудно тоа што жирито виде во нас потенцијал за добра забава, дека имаме желба да се натпреваруваме со креативност, а не со кеш“ – Марко Рочевски.

Совет: Направете еден добар брејнсторминг, секој нека каже како го замислува видеото пред да ги гледате видеата од минатите изданија. Пробајте да направите видео кое луѓето ќе го паметат. Без разлика дали вашиот најсилен атрибут е хуморот, спортот или видео едитинг, откријте го и искористете го. Бидете оригинални и направете нешто различно од останатите. Нека не ве плаши доколку немате професионална камера или опрема за снимање, обичен смартфон ќе ви заврши работа.

 

Фаза 2: Собирање на гласови

Вториот дел од пријавната кампања е процесот на гласање. Ќе имате десет дена во кои ќе треба да соберете што повеќе гласови за вашето видео да влезе во финалето. Потрудете се видеото да биде што повеќе споделувано на социјалните мрежи за да добие публицитет.

Трик: Во оваа фаза треба да ги убедите останатите дека вие сте вистинскиот тим кој заслужува да учествува во Red Bull #CanYouMakeIt 2018. Однесувајте се како веќе да сте на појдовната точка и снимајте дополнителни видеа, смислувајте начини како да станете вирални со фотографии или релевантни настани какви што ве очекуваат на патувањето. Покажете дека навистина го сакате тоа, дека веќе го живеете. Дали тоа ќе го направите преку интересни видеа, споделувања во медиумите или преку настан на вашиот факултет, потрудете се да бидете забележани. Бидете сигурни дека судиите многу ќе го ценат тоа.

 

Фаза 3: Самото учество на Red Bull #CanYouMakeIt

„Кога поаѓавме од Скопје за Кардиф, едвај се убедивме самите да понесеме шатор и вреќи за спиење. Испадна дека тоа „ни го спаси животот“, буквално секој ден спиевме на улица, со исклучок на последниот ден кога спиевме во паркот кај Ајфеловата кула. Најважно од сè е да се има нескршлив дух, дури и кога 9 часа стопирате, а никој не ви застанува. Не смеете да дозволите да паднете со моралот и да помислите на откажување. Нам многумина ни помогнаа на нашиот пат до Париз, единствени кои не покажаа симпатии кон нас беа контролорите во возот. Картите ни важеле само до Париз, а не и за низ Париз, па ни напишаа казни кои ги чуваме како сувенири од патувањето“ – Борис Соколов.

Трик: За побрзо движење низ градовите, препорачуваме да си земете тротинети или скејтборди.

Совет: Во вашиот ранец спакувајте ги само неопходните работи, бидејќи истиот ќе треба да го носите на вашиот грб во наредните 7 дена. Бидете пријателски настроени кон сите, бидејќи не знаете како истите луѓе можат да ви помогнат. Секогаш имајте на ум дека доколку не прашаш, нема да добиеш! Документирајте го вашето патешествие и објавувајте интересни работи секој ден, бидејќи на овој начин ќе добивате поени. Снимајте ги вашите видеа исклучиво на англиски јазик за да бидат објавувани во емисијата на RedBull. Најбитно од се, не гледајте на ова како наптревар, туку како авантура!

 

Comments

comments