Дизајнот и уметноста ни се секогаш во фокус, а особено периодов кога четвртоците ни се резервирани за уметничките инсталации на Neuland Nights.

Tака, ни беше убава коинциденција кога дознавме дека токму периодов се случува London Design Biennale. Станува збор за прилично нова уметничка манифестација, која за првпат се одржа во 2016 година. Ова е второто по ред издание на биеналето кое се случува од 4 до 23 септември и на кое учествуваат 40 земји.

Годинава насловот е „Emotional States“ и како што самото име кажува се фокусира на поврзаноста меѓу дизајнот и емоциите. Така, делата ја истражуваат моќта на дизајнот да создава, предизвикува и обликува емоции.

Ви ги пренесуваме 7-те инсталации кои нам ни оставија најмногу впечаток.

 

Full Spectrum

Земја: Австралија
Дизајнер: Flynn Talbot

Ова разнобојно дело е визуелна прослава на неодамнешните законски промени во Австралија кои дозволуваат истополов брак. Составена од 150 висечки оптички кабли, инсталацијата создава интерактивно виножито низ кое посетителите може да се движат и да го допираат.

 

 

 

Desmatamento

Земја: Бразил
Дизајнер: David Elia

Ова дело го адресира уништувањето на тропските шуми во Бразил. Столиците ги претставуваат исечените дрва, додека синиот пигмент ја означува бојата со која шумските чувари ги означуваат дрвата што може да бидат спасени, давајќи надеж за една поодржлива и еколошка иднина.

 

 

 

Matter to Matter

Земја: Латвија
Дизајнер: Arthur Analts

Латвискиот павиљон ја слави хармонијата помеѓу природата, дизајнот и развојот на технологијата во 21-от век која оваа држава ја практикува. Стаклен ѕид со кондензација која ја симулира влагата во главниот латвиски град Рига, им овозможува на посетителите да напишат своја порака. Ѕидот е комбиниран со под и клупа направени од латвиски дрва и го симболизира нивното шумско богатство.

 

 

 

Shpeel

Град: Dundee, Шкотска
Дизајнер: Biome Collective

Оваа инсталација истражува дали видео игрите може да им помогнат на младите да разговараат за своите чувства и ментално здравје. Делото ги кани посетителите да ги споделат своите емоции низ гејминг техники, 360 степени звук и анимација. Технологијата тогаш создава аватар кој ги имитира нивните чувства, нудејќи им на луѓето алтернативно средство преку кое може да ги комуницираат своите интимни состојби.

 

 

 

housEmotion

Земја: Турција
Дизајнер: Tabanlıoğlu Architects

Делото се фокусира на емоционалните врски кои луѓето ги развиваат со своите домови. Празните простори меѓу белите шипки од кои е изградена коцкестата структура, на „домот“ му даваат чуство на минливост, привременост. Внатрешноста пак е удобно опремена и ги кани посетителите да се опуштат „како дома“.

 

 

 

State of Indigo

Земја: Индија
Куратор: Priya Khanchandani

Посетителите може да влезат во индиго светот на Индија преку повеќе филмови кои го истражуваат производството на оваа боја. Целата инсталација е ода за напорната работа на луѓето од дизајн индустријата, особено оние кои користат природни средства и работници од металургијата.

 

 

 

Power Plant

Земја: Холандија
Дизајнер: Marjan van Aubel

Делото се обидува да даде одговор на климатските промени и растот на населението кои резултираат со дефицит на храна. Оваа футуристичка оранжерија користи сончева светлина за производство и на храна и на струја преку своето транспарентно соларно стакло и хидропониски систем на вода. Преку вертикално садење и користење на ЛЕД светилки со специфична боја, растенијата во ваквата конструкција растат до 40 пати побрзо.

 

Comments

comments