Јули е месец на храна на Reborn.

Овој текст е првиот од храна-серијалот и неговиот избор не е случаен – ништо не ја надградува нашата зависност од добра храна како одличен филм исполнет со вкусно јадење. Знаеш, оние филмови кои не смееш да си дозволиш да ги гледаш на празен стомак и/или фрижидер.

Разговор за друг пат, но вреден да набрзина да се спомене и тука, е YouTube каналот Binging with Babish, кој искрено му го препорачуваме на секој кој ја дели оваа пасија за филм-храна пакетот. Каналот, предводен од американскиот режисер Andrew Rea, ги рекреира рецептите за храна која се појавила во познати филмови и серии – од бургерот од Pulp Fiction, до топлото чоколадо на Flanders од Simpsons.

Во продолжение се 7 од многуте филмови кон кои се вртиме секој пат кога сме гладни за парче вкусна кинематографија.

 

Like Water for Chocolate

Базиран на новелата од мексиканската писателка Laura Esquivel, овој филм раскажува приказна за забранета љубов и магијата на храната. Кога велиме магија, не го сфаќајте тоа како метафора. Главниот женски лик буквално маѓепсува со храна. Целата приказна е надреална, страсна, полна емоции но, и заводливи јужноамерикански јадења. Буди сетила и разгорува фантазија.

 

 

 

Marie Antoinette

Познатата режисерка Sofia Coppola раскажува приказна за уште попознатата француска кралица Марија Антоанета, фамозна по својата декаденција и љубов кон слатки… Ви текнува она „ако немаат леб, нека јадат колачи“. И токму тој дел од биографијата на Антоанета го прави овој филм вкусен. Многу балови, многу колачи, торти и останати ремек-дела од најраскошниот период на француското кулинарство. А, освен што ќе ви се нахранат очите, ќе се образувате и малку за историја.

 

 

 

Romantics Anonymous

Маж и жена делат иста страст – чоколадо и иста карактерна особина – срам. Колеги во работилницата за чоколада, развиваат емоции еден кон друг и тоа ја гради приказната на оваа модерна бајка. Француска романтична комедија, која наликува на микс од „Chocolat“ и „Amelie Poulain“. Како што ќе се топат ѕидовите меѓу главните ликови, така и вие ќе се топите од бројните чоколадни сцени.

 

 

 

Babette’s Feast

Скандинавците не се многу познати по својата кујна, но овој дански филм е исклучок. Веројатно затоа што прикажува француски јадења. Како што и самиот наслов кажува, кулминацијата на филмот е гозба, раскошна, декадентна. Сместен во 19. век, за разлика од претходните филмови, има многу посериозно драмско дејство. Храната во случајов е средството кое ги омекнува ригидните протестантски вредности и крутоста на карактерот, давајќи слобода на духот. Инаку, „Babette’s Feast“ е првиот скандинавски дански филм кој има добиено Оскар за најдобар странски филм.

 

 

 

Julie & Julia

Биографска приказна за блогерката Julie Powell која решава 365 дена да готви рецепти од познатата американска готвачка Julia Child, односно од нејзината книга со рецепти „Mastering the Art of French Cooking“. Овој подвиг го споделува јавно на својот блог, а целото искуство го преточува во книга која конечно е екранизирана како филм. Ова не е само приказна за готвачки предизвик, со многу недоливи јадења, туку и филм за современиот човек со кој секој од нас може да се поврзе. А, фактот дека во него глуми Meryl Streep е само дополнителна мотивација за уживање.

 

 

 

Jiro Dreams of Sushi

Иако не е игран филм, туку документарец, сепак моравме да го споделиме. Без разлика дали сте љубител на суши, начинот на кој 85 годишниот мајстор Jiro Ono го подготвува ова јадење и го подучува својот син на вештината, ќе ве остави со подзината вилица. Целосна посветеност, прецизност и трпение со цел секое парченце суши да биде совршено, без компромиси. Магично е да се гледа ваква мајсторија на дело.

 

 

 

Cloudy with a Chance of Meatballs

Листава ја завршуваме со цртан филм, се разбира, полн со вкусна храна. Во цртанот, научникот Flint Lockwood создава машина која може да претвори вода во храна. Но, кога машината почнува да ја претвора и атмосферската вода, нештата излегуваат од контрола, а од небото врнат највкусни јадења. Спремете многу џанк фуд и уживајте смеејќи се со овој вкусен и забавен цртан.

 

Comments

comments