Сексот во филмовите одамна не е табу.

Всушност, експлицитни секс сцени се додаваат веќе секаде, дури и кога нема простор за нив, чисто за да има момент на „шок“. И затоа што „сексот продава“, нели. Сепак, и во време на хипер-сексуализација и PornHub, има разлика кога сексуалноста навистина ја гради приказната и додава на уметничката вредност, а не е фрлена туку-така.

Токму такви филмови се потрудивме да избереме овој пат. Некои без ниту една експлицитна секс сцена, други со изобилство на такви, а сите со издржано сценарио и еротика на место. Драмa, комедиja, трилер… Одберете си го жанрот и уживајте во секси атмосфера.

 

The Duke of Burgundy (2014)

Приказна за садо-мазо врска помеѓу две жени. Не, не е ова филм од типот на „Fifty Shades of Grey“, туку неспоредливо поквалитетен и посекси.

Во филмот нема експлицитни сцени на секс, а сепак е преполн со сензуалност, која е одмерена и снимена со вкус. Всушност, целокупниот филм изобилува со исклучителна посветеност на детали и визуелно прекрасни сцени. А зад еротиката има универзална приказна за доминацијата, препуштањето, опсесијата и целиот спектар на психолошки динамики присутни во секој човечки однос.

 

 

 

Love (2015)

Критичарите го опишуваат како „сексуална сентименталност“. И навистина, овој авто-биографски филм на Gaspar Noe, иако изобилува со секс сцени, всушност е сентиментално патување низ емотивните релации.

Сценариото нема праволиниска хронологија, туку постојано „скока“ помеѓу сегашност, иднина и минато, прикажувајќи го раѓањето, и „цената“ на една љубовна врска. Филмот успева без шминка и цензура да пренесе како изгледа кога си интимен и телесно и духовно со некој, но дека и како секоја наша одлука има последици. Емотивно, на моменти брутално, патување кое, како бонус, има многу секси протагонисти.

 

 

 

9 songs (2004)

Снимен деценија пред „Love“, овој филм е сличен во тоа што преку телесна интимност ги прераскажува емотивните нијанси на една љубовна врска. Како што самиот наслов кажува, дознаваме за односот на двајцата протагонисти преку 9-те песни, затоа што музиката е она што им е заедничка страст. Тие повеќе не се заедно, а ние преку нарација од спомени го гледаме раѓањето, климаксот и крајот на нивната љубов.

12 месеци раскажани низ 1 час, 11 минути и одлична музичка селекција. Инаку, во времето на својата премиера, „9 songs“ предизвика големи контрадикторности поради експлицитните секс сцени меѓу актерите.

 

 

 

Blue Is the Warmest Color (2013)

Филм за првата љубов, помеѓу две жени. Трае цели три часа, но сценариото и режијата се одлично напишани и темпирани, што нема ни да почувствувате.

„Blue Is The Warmest Color“ зборува за младешката љубов, но без идеализирање, „зашеќерување“ и претерана сентименталност. Напротив, прилично сурово го прикажува целиот интензитет на тоа што значи да сакаш некого, особено за прв пат. Затоа што таквата љубов, со сета своја убавина, знае да биде и страшна во својата желба да се споиш целосно со другата личност. Иако прикажува лезбејска врска и моментот на признавање на различните сексуални преференции игра важна улога во сценариото, сепак приказната е универзална, без разлика на сексуалната определба.

 

 

 

Bitter Moon (1992)

Еротски трилер во режија на маестрото Roman Polanski, со одлична актерска екипа и музика од легендарниот Vangelis.

Ептен добро направен, ептен добро одглумен и интензивен, „Bitter Moon“ ги истражува границите на човечката сексуалност како ретко кој филм. Според Polanski, спротивното од љубов не е омраза, туку рамнодушност, и низ ова тврдење го гради односот на двата главни ликови. Игри на надмоќ, манипулација, убиства, секс, љубов… во филмов сето тоа е мајсторски испреплетено. А фактот дека може да го гледате и како еротика и како трилер, го прави уште повозбудлив.

 

 

 

Secretary (2002)

Филмов се разликува од останатите предлози во селекцијава по тоа што има нагласен комичен момент, па би можеле да го наречеме еротска комедија. Уште од првата сцена е јасно дека темата ќе биде садо-мазохистичка врска, но прикажана на духовит начин. А насловот ја наговестува приказната: млада жена се вработува како секретарка кај ладен, циничен шеф и нивниот однос брзо ги надминува деловните граници.

Главниот квалитет на „Secretary“ е што успева да одработи две контроверзни и „тешки“ теми, на лесен и забавен начин. А актерската игра на докажаните James Spader и Maggie Gyllenhaal само додава на одличното сценарио и режија.

 

 

 

Last Tango in Paris (1972)

Иако снимен пред скоро пола век, „Last Tango in Paris“ до денес важи за една од најдобрите еротски драми некогаш. Што не е ни чудно, кога режисер е Bernardo Bertoluci, а актери се Marlon Brando и Maria Schneider.

Двајца странци се среќаваат во Париз, секој носејќи свој емотивен багаж, и започнуваат сексуална врска. Притоа, не си откриваат ништо еден на друг и се обидуваат нивниот однос да остане само на секс. Но нештата не одат според планот. Една од најдобрите изведби на генијалниот Marlon Brando и филм кој ја постави основата за целиот еротски жанр. Ремек-дело.

 

Comments

comments