„А Second World“ документарниот филм на Ruben Woodin Dechamps и Oscar Hudson е кратко сеќавање за нечија земја која некогаш била замисла, но и стварност, за свет кој веќе го нема.

Но, ги има луѓето кои на неа се сеќаваат со тага, подзаборавен копнеж, кој полека гасне и преоѓа во рамнодушност. Или пак преоѓа во своевидно лудило на некогашниот партизан, дедо Љуба Михајловиќ кој во меѓувреме губи сé, својот животен сопатник – сопругата, и синот кој заминува во Швајцарија. Но, му останува вербата за еден според него праведен, комунистички Титов свет, свет на правда и правичност. Се разбира, тој свет веќе не е тука, туку на една замислена планета Асомалија, во која егзистираат сите замисли на неговата земја.

Тоа што за авторите Рубин и Оскар е утопистички сон за силна обединета држава, заеднички свет на луѓе со различни вери и националности, работници кои имаат шестчасовно работно време и заработуваат според потребите, за стариот партизан Љуба и дузина истрошени старци тоа била Југославија која сега е само спомен кој го паметат тие.

Спомен на кој потсеќаат и грст смели и футуристички споменици. Приказната нè води и низ овие споменици за кои ни раскажуваат локалните жители.

 

Погледнете го целиот документарец кој трае 18 минути:

 

Спомениците на Козара, Тјентиште, Космај, Остра, Илирска Бистрица, Попина… На креативната слобода како што велат нивните творци, е уште едно сеќавање на еден друг свет, на едно поубаво време на кое се повикуваат сите „сеќавачи“. Но, наспроти нив е една разурнатата и дезориентирана сегашност. Распадот на државата донела разнебитување и на симболите на тие држави — спомениците.

Или, како што вели една остарена Црногорка, „добро е што се од камен, инаку и тие би жалеле за сé што се случува“.

Да не се помрднеш со децении од едно место, а притоа да смениш четири држави на живеење е апсурдот на турбуленциите на светот кој веќе им го нема. Или го има само уште во налудничавите фантазии на дедо Љуба кој своите мечтаења ги проектираше на замислената планета и вонземјаните кои му останале единствените доследни поддржувачи на неговите соништа.

 

Comments

comments