Во мојата книга, секоја приказна започнува со добра песна.

Ама песната мора да е многу, многу, мноооогу добра. Инаку приказната нема да има среќен крај. Вие знаете дека јас не верувам во приказни без среќен крај, па затоа силно внимавам да ја уловам најдобрата песна за мене и секако за моите слушатели/читатели. Ловам песни уште од доцните 70ти и сеуште го правам тоа со истата глад и амбиција.

Една од најдобрите песни која се фатија во моите лукави мрежи последнава деценија е композицијата „Chronic Cool“, на еден од највозбудливите надоаѓачки артисти на електронската танцова сцена, берлинскиот американец, човекот кој се крие позади зборот кој простум звучи Afriqua. Песна на ниво на било кој џез класик, или евергрин, но вистинско ремек дело на современиот музички израз. Песна која како магнет ме привлече, детално да се запознаам со работата на овој млад човек, композитор, продуцент и диск џокеј. Неговиот опус на издаден материјал не е премногу обемен, но располага со неверојатен квалитет, кој веднаш го издига за две глави од моменталната сувопарна продуценстка конкуренција на сцената. Токму тоа е и причината за неговото гостување оваа сабота на 1 јуни, во рамките на Скопје Креатива 2019.

Цврста е намерата, на пребирливата домашна клубска публика да и се принесе музичка свежина, автентичен артистички дух и cutting-edge современа електронска уметност, кои така често отсуствуваат од мнозинството вечери на сцената. И не само кај нас. Стара е веќе таа сцена, па младешка енергија и оригиналност и се повеќе од потребни. Afriqua ги носи токму тие атрибути со себе, во што ќе можете и лично да се уверите уште оваа сабота во горното фоаје на Кино Фросина, МКЦ Скопје (патем речено најдобриот клубски простор во градот). Ах, да… влезот е сосем бесплатен. 🙂 И пред да се препуштите на тотална еуфорија, послушајте ја следната композиција и секако прочитајте го интервјуто со нашиот гостин.

 

 

Здраво Адам, како си овие денови? Со што се занимаваш?

Еј здраво! Све cool со мене деновиве. 🙂 Штотуку се опоравив од изненадувачки тежок џет лег, по моето последно патување во САД, но полека се враќам во ритам. Фокусиран сум на преселбата во Берлин и да завршам со таа формалност пред да тргне летното лудило. Секако не престанувам да правам музика. Буквално.

 

Afriqua е навистина интересен избор за артистичко име. Звучи базично и просто е неверојатно како никој досега не се сетил да го присвои. Која е приказната позади името?

Всушност повеќето Европјани го изговараат многу побазично, отколку ние во Америка. Најадекватно би се изговорило ако го кажеш зборот Африка, помешано со името Shaniqua, кое е многу вообичаено име помеѓу црните девојчиња во Вирџинија, од каде што јас доаѓам. Се започна како шега со брат ми, но ултимативно стана мое артистичко име, а во исто време и прилично фин начин да ги понесам моите корени во интернационалниот живот.

 

Луѓето на сцената те сметаат за мошне талентиран, up-and-coming артист. Како гледаш ти на себе во моментов?

Се обидувам да не се фокусирам претерано на себе и наместо тоа, целосното внимание да го вперам кон мојата работа. Не секогаш е лесно, но најдобрите резултати ги добивам токму кога сум најблиску до тој идеал.

 

Твојата „Chronic Cool“ звучи како совршен електронски денс класик. Би рекол евергрин. Може приказната позади неа?

Се започна со „Freedom Now Suite” од Max Roach, која буквално не можев да престанам да ја слушам по цели денови… беше тоа пред околу 5 години. Во тој период правев по минимум една трака на ден и слушав еден тон музика во паузите, па слушањето и продукцијата ми се испомешаа некако нежно и во континуитет. Штом го изработев базичниот ритам, се присетив на вокалот на Abbey Lincoln од албумот и нештата волшебно кликнаа.

 

Преслушувајќи го твојот досегашен опус, ми оставаш впечаток на артист кој би правел албуми. Дали можеме да очекуваме такво нешто во блиска иднина од тебе?

Хахахахахаха… види, времето ќе покаже…

 

Comments

comments