Дванаесетото издание на фестивалот за современи уметности АКТО ќе се одржи на 1 и 2 септември во Битола. Како главен фокус на настаните ќе биде иницијативата за ревитализирање на еден од најзначајните културни споменици во градот – Офицерскиот дом.

Овој културен белег на градот со вековна традиција, веќе долго време е оставен на немилоста на времето, затворен за граѓаните и без соодветен третман од надлежните институции. Токму затоа, акцентот на активностите на фестивалот АКТО ќе биде ставен врз реактуелизирање на темата за потребата од заживување на Офицерскиот дом во Битола и негово враќање во функција на културата и граѓаните.

Во тој контекст, клучниот настан на ова издание на фестивалот ќе биде јавната дебата, под мотото „Каков Офицерски дом ни треба?“, која ќе се одржи на 2 септември во дворот на Офицерскиот дом, со почеток во 12 часот.

На дискусијата покрај министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, ќе присуствуваат и пратеници од Собранието на РМ, претставници од локалната самоуправа, експерти за културно наследство, како и повеќе организации и индивидуалци од Битола кои низ годините се залагале за одбрана и враќање на Офицерскиот дом во функција на јавно добро.

 

 

Дискусијата ќе биде од отворен карактер, па битолчани ќе можат да ги искажат своите ставови по прашањето пред претставниците од државните институции.

Покрај дебатата за Офицерскиот дом, како и секоја година фестивалот за современи уметности АКТО ќе понуди разновидна програма која вклучува многу изложби, работилници за музичари, програма за деца, перформанси,  концерти и DJ настапи, кои ќе се одржат на неколку локации во Битола и тоа во дворот на Офицерскиот дом, во мезе – бар Јагода, Магаза Битола, Задруга Артикултура и кафе бар Радост.

Целосната програма на АКТО 2017, можеш да ја погледнеш тука.

 

Comments

comments