Се растуривме од шетање по македонски фестивали летово. Од Скопје, до Кичево, па Дојран и Струга.

За предпоследна станица го одбираме АКТО, фестивалот кој оваа година слави 10 годишнина од своето постоење, и е еден од најеминентните наши фестивали кој секоја година е сè подобар.

Само неколку од оправданијата зашто викендов избираме да бидеме недостапни и целосно посветени на Битола и АКТО:

  • Битола е преубав конзулски град (а богами има убај културни луѓе);
  • Културата е половина образование, а општата надградба е секси;
  • Три дена ќе грми одлична музика и сите концерти и настапи се бесплатни;
  • Ќе ги слушаме Disciplin A Kitcme, Ти, Фолтин, Jimpster, Mike Steva, и многу други локални диџеи и артисти;
  • Ќе ги гледаме најактуелните театарски претстави и перформанси, од Македонија па сè до Словенија; и
  • Најзначајното од сè, ќе исконзумираме уметност освестена за контекстот во кој егзистира, која активно се фаќа во костец со општеството и се изборува за своето место, а при тоа неамнестирајќи се од одговорност за реалноста која ја отсликува!

 

13653081_1164255893595180_4181698517022870065_o (1)

 

Овогодинешната, тридневната програма ќе се одвива во во Битола, во специјално дизајнирана хала во поранешниот комплекс на фабриката за фрижидери, како и во кафе барот „Јагода“. АКТО е организиран од ФРУ – Факултет за работи што не се учат, а финансиски е поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој, USAID.

Ако не успееш да присуствуваш, а ти е криво, нејсе. Можеби АКТО во претстојниот период ќе се појави и во твојот град. Заокружи ги следните неколку месеци на календарот со црвен маркер и очекувај ја АКТО-енергијата и во твоја непосредна близина.

Не ти кажуваме дати, ама намигнувајќи ќе изустиме – „Скопје, Штип и Тетово“.

 

Comments

comments