На концертот за затворање на „Прво Па Женско“, на 6 мај (недела) во МКЦ, македонската публика ќе има прилика за прв пат да ја чуе во живо една од водечките женски хип-хоп вокали.

ТАКСИРАТ Фестивал годинава го одбележува своето јубилејно 20-то издание, а прославата за 20 години алтернатива во Македонија стигнува и во рамки на претстојното издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „ПРВО ПА ЖЕНСКО“, кој ќе се одржува во МКЦ од 3-ти до 6-ти мај.

Како резултат на оваа соработка на „Таксират“ и „Тиииит! Инк“, во Скопје ја пречекуваме американската пејачка со светско реноме, феноменалната Akua Naru.

Нејзината музика претставува комбинација на хип-хоп, џез и соул. Себеси се опишува како политичка хип-хоп уметница и активистка. Нејзиниот звук го споредуваат со flow-от на Раким, поетиката на Лорин Хил и, конечно, во единствената моќ да говори во име на афро-американките, со Нина Симон. Акуа храбро јо комбинира „новата“ и „старата“ школа, бранејќи ги своите ставови со уникатни метафори.

Akua Naru зад себе има три албуми, „The Journey Aflame“, „Live and Aflame Sessions“, „The Miner’s Canary“, како и ширум светот познатите хитови „Poetry: How Does It Feel?“ и „The world is listening“. Со објавувањето на деби-албумот „…The Journey Aflame“, Naru се позиционираше на музичката сцена како пример на тоа што жените можат да бидат во хип-хоп музиката.

 

 

Со својот препознатлив бум бап хип-хоп звук, општествено разбудените рими и џез-соул елементи, Naru го привлече вниманието и доби многу охрабрувачки критики. Во својата кариера има настапувано со Тони Ален, тапанарот на Фела Кути, хип-хоп групата „The Lords of The Underground“, со Вакс Тејлор, Анџелик Киџо, „Questlove” од „Д Рутс“ (The Roots) и други.

Ја споредуваат со хип-хоп ерата од 90-тите, нејзиниот музички и поетски талент високо го ценат еминентни хип-хоп критичари, а нејзините настапи во живо се жестоки и незаборавни. Настапува придружувана од бендот The DIGFLO, ансамбл со шест членови на удиралки, клавијатури, саксофон/флејта, бас, гитара и миксер. Akua Naru и нејзиниот бенд навистина ја заробуваат, ја инспирираат и покренуваат публиката. Јасно е, музиката и настапот на Akua Naru се тестамент за наследството на соул музиката и на моќните жени во музиката воопшто.

И додека светската сцена го очекува објавувањето на нејзиниот нов албум „The Blackest Joy“ закажано за 27-ми април, во рамки на истоимената турнеја со која оваа пролет таа гостува во светските метрополи, вистинска привилегија е извонредната Akua Naru да ја пречекаме и во Скопје, на 6 мај во рамки на „Прво па женско“.

Билетите во претпродажба ќе бидат пуштени утре (среда, 18-ти април) кога ќе бидат објавени и сите дополнителни информации.

 

Comments

comments