Добро утро, добар ден драги мои & убави читатели на Reborn. Како виртуози на повторното раѓање, верувам дека ги истеравте празниците достоинствено, без прејадување и во ведар дух.

Нема да прашувам како сте, знам дека сте добри. Не сте вие добри, вие сте најдобри. 🙂 Како сум јас? одлично, благодарам… ете продолжувам со мојата прекрасна рутина на создавање/снимање/издавање албуми, плочи, ЦДа, даунлоди, журки, концерти, фестивали, you name it – we got it.

Ок, веднаш одиме со ултра-свежа музика. Александар Видиновски еден од најтивките, но највредни и најпрофесионални македонски електронски продуценти, има нов сингл, ЕП, видео спот. Вистински амбициозна авторска афера. Името на синглот е „Сакам“, целата креатива околу музиката и спотот е на самиот Видиновски, а вокалите и текстот на песната се на вашиот стар добар М.П. На самото ЕП, композицијата „Сакам“ ќе ја најдете во оригинална и клубска верзија на Видиновски и еден посветен денсфлор ремикс на ПМГ Колектив, во класичен progressive house манир. Видео спотот по мене е главниот хајлајт на целата афера. Се работи за сериозно возбудлива панорама на наше сакано Скопје, кое ќе признаете изгледа доста фраерски, во случајов илустрирано со јако cool музика на одно од неговите најфини деца. Ова ЕП ќе може да го спуштите слободно на pmgrecordings.com. Погледнете/послушајте драги мои и нека цела 2019та биде вака звучна и креативна.

 

 

Re: Ти си претставник на онаа генерација македонски електронски продуценти, која совладувајќи го професионалниот дел од занаетот, излезе на интернет со интернационални амбиции. Кажи ни збор два за старите денови и твоите/ваши соништа од тоа време.

Видиновски: Старите денови беа романтични. Легнувавме и станувавме со мислата дека ќе ја пуштаме музиката која ја сакаме во клубови полни со луѓе. Се што имавме, време, љубов, пари вложувавме во музика. Како што поминуваа години, дел по дел соновите се остваруваа… своја продукција, прво издание, прво издание на плоча, своја издавачка куќа, албум, настапи во земјава, фестивали, настапи по клубови во европските метрополи… Кога сето тоа ќе го доживееш, добиваш смиреност и се враќаш полека и чисто кон основата, првата љубов, чистата, едноставна електронска музика.

 

Последниве години малку како да го дефинираше твојот личен авторски музички печат, истовремено завртувајќи се кон домашната публика. Светската сцена е затрупана од банална хипер-продукција, а приказната е одамна вон рацете на музичките ентузијасти. Дали комуникацијата со домашната публика (и критика) ти дава можеби повеќе сатисфакција?

Хипер продукција на тренди звук, најчесто веќе слушнат, во обид да се допаднеме на социјалните кругови или издавачките куќи. Последниве неколку години, можеби малку доцна, сфатив дека музиката што ја правиш најдобро ќе биде примена во местото каде што живееш. Да, електронската музика е космополитска идеа, нешто што младите рејвери не го знаат или разбираат докрај, но ако инспирацијата ја црпиш од Скопје, музиката највеќе ќе ти биде разбрана во Скопје. Тоа е убавината на локалната сцена.

 

Твојот прв соло албум помина одлично во нашите пребирливи техно кругови. Сакам е најава за твојот втор лонг плеј, кој е во завршна фаза. Делува дека имаш јасен авторски правец по сите параметри. Како се чувствуваш во однос на новиот материјал? Како тоа звучи?

Новиот албум го работам веќе 2 години. Ќе има 10тина песни. Ако во првиот темата беше простор, клубовите низ градот, сега се занимавам со времето. Се обидувам музички да го претставам времето потребно за едно клубско излегувања… леле ама лошо го објаснив ха ха ха… нема везе… искрено сум задоволен од музиката. Идеата е јасна, звукот е чист. Се надевам дека оваа пролет се ќе биде готово, па на почетокот на летото ќе можеме да направиме и презентација. Искрено, реакциите и безбројните пораки кои ги добив по издавањето на првиот албум „Patterns“ ме мотивираа да направам нов. Реакциите и енергијата што ги добив се многу по искрени и по јасни од тие што ги примам за музика која ја издаваме на странство.

 

Comments

comments