Фотографии: Елена Фиданска

 

Што имаат заедничко Winston Churchill, George Orwell и David Beckham?

Ќе си помислиш дека е лесно и дека сме максимално наивни, зашто повеќе од очиледно е – Британија. Но, извини, не си во право, не е само кралицата и неописливата зависност од чај која овие шармантни момци ја делат. Одговорот е – тетоважа. На подлактицата, Churchill имал истетовирано мало сидро, Orwell плави точки на прстите, а за Beckham избегнуваме да дискутираме.

Во случајов, истата работа го поврзува тимот на Reborn со Александра Илиќ. Секој од нас, горд на својата тетоважа, е секогаш заинтересиран да чуе што има да каже една тату артистка. Затоа, пред некој ден разговаравме со Александра која често ја менува бојата на косата (моментално е тиркизна), на лицето носи пирсови, обожава тетоважи и самата е тату артист во MG Tattoo & Piercing Studio.

 

 

Работиш во MG Tattoo & Piercing Studio, едно од најдобрите студија во Македонија, чиј тим константно се проширува. Колку луѓе сте во тимот моментално?

Моментално сме вкупно четворица тату артисти. Сите работиме на различни проекти и секој има свој, оригинален стил на работа. Но истовремено функционираме како тим, комуницираме како што и доликува на една фамилија, па така опстојуваме.

Тимот моментално го сочинуваат Горан Миќиќ, Влатко Здравков и Мирослав Талевски. Би сакала да ги опишам, но искрено невозможно е такви ликови да се опишат во неколку реченици, а уште помалку на брзина. Но едно нешто имаат заедничко – секогаш се тука да ти помогнат и да ти понудат совет, а јас се обидувам да бидам подеднакво достапна и од помош за нив. Накратко, јас моментално го имам тимот кој човек може само да посака да го има.

 

 

На кој тату артист би му дозволила да те тетовира „на слепо“? И дали некој досега ти дозволил на тебе да го тетовираш без однапред да знае каква тетоважа ќе добие?

Ова е лесно. На моите колеги би им дала да ме тетовираат „на слепо” во било кој момент, а после нив на уште неколку тату артисти кои ми се навистина драги. Јас за жал сè уште сум ја немала таа прилика кога некој ќе ми дозволи да го тетовирам без да знае што ќе биде финалниот резултат, но едвај чекам да ја добијам. Се надевам дека наскоро ќе се случи.

 

Колку најдолго си работела на една тетоважа? Како ментално се припремаш за оние монструозно-големи проекти?

Најдолго на една тетоважа имам работено 7 часа со пауза од 30 мин, на дел од цел ракав. Ден денес работам на истата тетоважа, па во моментот на интервјуво ми остануваат уште 3-4 сесии. Во однос на подготовката, иако звучи дека поголеми тетоважи би барале поголема подготовка, генерално без разлика на големината, сите тетоважи бараат подеднакви припреми.

#НеСум исплашена од многу работа и монструозни тетоважи. Без разлика на монструозноста на тетоважата која ќе ја работам дента, едноставно инсистирам наутро да доручкувам убаво и да сум квалитетно наспана, пред да почнам со работа. Потполно истото им го препорачувам и на моите клиенти.

 

Колку тетоважи имаш на себе моментално и дали има некоја тетоважа што очајно ја посакуваш, но која поради одредени причини сè уште не си ја ставила?

Ме натеравте да си ги избројам тетоважите. Моментално носам вкупно 18 тетоважи, искрено, бројка која мене ми звучи како малку, но која планирам наскоро да ја сменам. Имам многу тетоважи на ум кои единствена причина што сè уште не се нашле на мојата кожа е затоа што чекам термин кај колегите.

 

 

Каква, кога и на кого беше првата тетоважа што ја изработи? Раскажи ни го процесот. Имаше ли трема?

Каков рандом момент беше тоа. Првата тетоважа која некогаш ја имам изработено беше на самата себе. Напишав буква, затоа што во моментот не ми текнуваше ништо подобро. Ако добро се сеќавам, немав трема, и иако беше многу опуштен момент, денес можам слободно да кажам дека таа тетоважа ме убеди да продолжам со тетовирањето како професија.

 

Кој беше твојот ментор? Колку време работеше со него пред да почнеш да тетовираш сама? Кој е едниот совет што ти го дал, што никогаш нема да го заборавиш?

Мојот ментор беше, и сè уште е, Горан Миќиќ. Кога се одлучуваш за професија како што е тетовирањето, треба да бидеш спремен дека секој ден ќе учиш нешто ново. Тетовирање не е нешто што можеш да го усовршиш во 3 недели.

Еден од советите на Горан кој сè уште го памтам, и ќе го памтам, е да работам пополека и со трпение, да не брзам и на сите тетоважи да им се посветам подеднакво, без разлика на нивната комплексност или големина. Па доколку јас треба да дадам совет на некој почетник тату артист, ќе биде потполно истиот. Почетокот на една кариера како тату артист е секогаш тешка и комплицирана, не е чудно да посакаш да се откажеш. Но не се откажувај, продолжи да се трудиш и имај на ум дека секоја тетоважа бара подеднаква посветесност и време.

 

 

Кој е твојот стил на тетовирање? Кои ти се омилени стилови?

Сè уште немам дефиниран стил кој го работам, кој можам да го наречам мој и препознатлив, но моментално најмногу ме влечат traditional, blackwork и dotwork стиловите. А некако логично, секогаш најмногу уживам да работам тетоважи какви што би ставила и на себеси.

 

 

Што кажаа твоите родители кога започна да се занимаваш со тетовирање?

Воопшто не можам да се пожалам дека во било кој момент сум почуствувала недостиг на поддршка. Моментално, исто како и во периодот пред да почнам со тетовирање, моите родители ми пружаат неверојатна поддршка и секојдневна мотивација. Искрено се надевам дека ќе го одржат истото темпо цел живот и дека нема да се предомислат кога еден ден ќе ме здогледаат рашарана од глава до пети.

 

Која позната личност би ја истетовирала и што, доколку имаш одврзани раце?

Уххх… Каква бескрајна листа е тоа. За многу познати личности имам желба да ги тетовирам, а ако треба да издвојам еден што секогаш се наоѓа на врвот на листата, тоа би било Ewan McGregor. Ewan има веќе истетовирано половина ракав на едната рака, во традиционален стил, а јас сонувам да му ја довршам целата рака.

 

Comments

comments