Кога најпаметниот и секако најрелевантен бенд на денешницата ќе објави дека се распаѓа и тоа го подвлекува со филм и проштален концерт во својот град, ние – неговите фанови, луѓе со изострена смисла за висока животна естетика – предизвикана од длабокиот ефект на музиката, ја прифаќаме загубата смирено и достоинствено.

На крајот на денот, да се биде рок ѕвезда, одамна не подразбира стадиони, groopie девојки и робовска субординираност кон музичката индустрија. Ете, најпаметниот, најспособниот, најуспешниот во/со своето од нашата генерација, кажува не на монструмот кој долго време се обидува да допроголта и обесмисли се што свирнало нота на овој свет.

Но кога најпаметниот и најрелевантен бенд е од New York, се вика LCD Soundsystem, а неговиот лидер James Murphy е еден од најспособните и најпотентни композитори и саунд дизајнери во светот, ние – неговите фанови, сме крајно скептични, дури сомничави кон се што доаѓа од било чија уста, па и устата на овој сјаен пример за достигнувањата на нашата генерација.

Сите го одгледавме прошталниот концерт и филм, но во ниеден момент не бевме сосем уверени дека тоа е крајот. Можеби ќе ви звучи неверојатно, но сепак живееме во 21ви век, а во овој век чудата се нормална работа.

Така и кога после 6 години James Murphy објави дека LCD се враќаат со нов албум, веќе беше предоцна за еуфорија од било кој тип. Лавина од емоции во распон од обвинувања за чиста комерцијалност до изливи на одушевување, го пропрати овој музички пресврт на деценијата.

Без да навлегувам во мотивите и плановите, мојата реакција беше од типот: нека направат добар албум и не ме интересираат мотивите (читај: знаев дека ќе напраат добар албум, само не бев сосем сигурен колку добар, „oh stupid me”).

Во меѓувреме, и од страна на големиот пријател и фан на овој бенд, господинот David Bowie (соработуваа и се дружеа со James Murphy во последниве неколку години), дојде охрабрување за враќање на бендот на сцената, со што митологијата за ова реоформување доби една, за обичните смртници непобедливо епска димензија.

Но да преминеме на плочата. Фантастична е. Десет песни, сериозно висок степен на craftsmanship, традиционално луцидни текстови кои звучат култно дури и кога не разбирате за што се зборува и секако, прекрасни прекрасни мелодии.

LCD Soundsystem е најдобриот бенд на оваа ера, токму поради неверојатната способност да сублимира музички стилови/бендови, уметнички форми и конкретни луѓе и да ни ги сервира како најинтелигентниот и највкусниот можен оброк, во ресторанот наречен 21ви век.

 

 

Многумина сакаат да се истакнат декламирајќи дека American Dream (брилијантен наслов) е најдобриот LCD Soundsystem албум до сега.

Ја сметам за неплодна таа дискусија, од проста причина што сите нивни албуми се вонсериски и фасцинантно добри во времето кога излегуваат.

Факт е дека оваа плоча оди чекор понатаму од нивното досегашно дело и тоа во повеќе правци. Звукот е уште покомплексен (можно ли е тоа?:), соничното доживување по-продлабочено, а севкупната емоција далеку посериозна и помрачна од било што кое го сложиле до сега, што е совршен одговор за сите оние кои обвинуваат за комерцијализација.

Темите кои го преокупираат господинот Murphy се нималку весели: смрт, изгубени пријателства, отсуство на тло под нозете долж губењето осет за реалноста на луѓето на интернет на пример…Препознатливата поетика и уметничка реализација се во исто време трансцендентни, колку и занаетчиски изведени, да не ме напушта чувството дека ова е ултрамодерна и совршена плоча, онолку колку што е можно во овој момент. Повеќе од очигледно е дека господата вложиле максимум од своите можности, труд и креативно знаење за ова враќање да се смета како триумф, дури и во главите на најскептичните љубители на музиката.

Што се однесува до поединечните песни, не сум баш сигурен дека имаат потенцијал да ги надминат нивните најголеми хитови. Можеби помладите генерации ќе си ги пронајдат своите All My Friends, American Scum, Tribulations, Get Innocuous!…(продолжете ја сами оваа низа по сопствен афинитет)….но песните на American Dream не се ни дизајнирани да бидат светски хитови по комерцијалните радија („или барем она што остана од нив” – според зборовите на James Murphy). Other Voices, I Used To, How Do You Sleep, Emotional Haircut, Tonite и другите, се замислени да се надоврзат и субстанцијално да ја надоградат богатата музичка историја на овој бенд. Тие тоа совршено го прават, уверувајќи го и најголемиот циник или ситничар во фактот дека квалитетната музика зборува сама за себе.

James Murphy е можеби најдобриот ученик на Универзитетот ПОП Култура на 20ти век, кој на еден маестрален начин, успева тој дух и богатство да ги пренесе во 21виот.

Неговата музика располага со несогледливи количества разоружувачки квалитет и ни зборува навистина многу, нам децата на двата века. Но American Dream е плоча која доаѓа токму на време да поразговара и со децата на новиот век. Па ајде сите заедно да разговараме. Музиката е Бог.

 

Comments

comments