Фотографии: Александра Костадиновска

 

Таа е човек кој има направено околу 1000 интервјуа. Сега за момент ги менуваме улогите и ние ја интервјуираме неа.

Новинар, комуниколог и активист, Ана Јовковска за првпат ја запознавме преку детската образовна емисија „Пуслирања“. Оттогаш до денес, веќе над две децении, таа е препознатлив и успешен дел од медиумите. Нејзината дебатна емисија „Пулс“, која се емитуваше скоро цела декада, неколку пати беше наградувана како најдобар ТВ проект во Македонија. Доказ за нејзината новинарска вештина е и тоа што умее да остави уникатен личен печат, а истовремено да ја истакне индивидуалноста на соговорниците. Едноставно, доволно е слободна да биде своја и да ја почитува слободата на другите.

„Ехо на слободата“ е и насловот на нејзината нова книга. Издавач е центарот „Три“, а корицата ја илустрираше уметникот Ване Костуранов. Промоцијата ќе се одржи на 12 април во клуб ресторанот МКЦ, со почеток од 20.00 часот. Книгата е замислена како мулти-медијално доживување, на кое посетителите ќе може да уживаат и во музичкиот перформанс на Бранко Николов од „Фолтин“.

Се гледаме таму во четврток, а во меѓувреме ви го пренесуваме нашиот разговор.

 

 

Твојата нова, втора, книга „Ехо на слободата“ ќе биде сублимат на инспиративните мисли и разговори. Кој ти беше критериумот?

Слободата!

 

Живееме во средина каде и секојдневно функционирање е блокирано од бројни фактори, а креативноста уште повеќе. Колку се чувствуваш слободна во вакво опкружување? Како си создаваш слобода?

Се чувствувам слободна оти сама така сум одлучила. Слободата треба да си ја земеш во свои раце, особено во општество каде медиокритети и автократи се обидуваат да ти ја ограничат. Каде просечноста и послушноста се мерки за успех. Косата ми се крева од граници – политички, умствени, духовни… секакви. Ова наше опкружување е царство за стереотипи и предрасуди, а тие се уште една замка за неслободен свет.

 

Несомнено е дека имаш остварено многу успешни интервјуа со инспиративни личности. Но, дали има и интервјуа кои не ги сметаш баш за успех? Што според тебе е добро, а што лошо интервју?

Се разбира дека од 1000 интервјуа кои сум ги направила низ минативе 20-тина години има и некои кои не се добри. Доброто интервју стигнува далеку, а лошото уште подалеку 🙂 Интервјуто за мене не е само новинарски жанр. Тоа не е форма, суштина е. Интервјуто не е занает. Тоа е состојба на духот.

За да направиш добро интервју треба да си искрен и отворен исто толку колку што очекуваш соговорникот да биде отворен и искрен. Во исто време треба да си подготвен десет пати повеќе од него. Како учениче кое крева рака на секое прашање на учителката. 🙂 Треба да си буден. Со четири очи отворени. Да умееш активно да слушаш, со начулени уши за да можеш да го слушнеш и ехото од нивните гласови, не само она што се слуша „на прва“.

 

Медиумска личност си повеќе од две децении. Голема ли е разликата помеѓу Ана во медиумите и Ана меѓу најблиските? Колку си „пред објектив“ и кога не си?

Објективот пред кој сум најчесто е сопствениот. Сите други објективи се нереални 🙂 Не сум драстично различна од она како луѓето ме гледаат и читаат во медиумите. Од она како ме доживуваат, можеби. Поранлива сум и поплашлива. И по-плачка 🙂

Самодовербата со која зрачам на јавните настапи, пред камерите и фото-апаратите ми доаѓа од тоа што знам дека немам две личности и дека го живеам она што го зборувам/пропагирам. Автентичноста е најважно огледало.

 

 

Те читаме во печатени изданија, те гледаме на ТВ, а активна си и на социјалните мрежи. Што, како новинар и комуниколог, мислиш за новите, онлајн медиуми наспроти традиционалните? Колку сметаш дека медиумот ја менува пораката?

Помина времето на „медиумот е порака“, сега е време на медиумот е заведување. Заведувањето е секси, но и опасно. Новите медиуми се шизофрени. Во исто време имаат огромен ослободувачки капацитет, секој да го каже своето мислење, секој да биде чуен, но, од друга страна те тераат да се изразуваш во нова, кратка форма која се пали на слики и дразби, а се празни од емоција и суштина.

Социјалните мрежи се расадници на злото, затоа што можноста злото да се маскира во некаков (квази)интелектуализам е поголема. Некои луѓе лесно ги детектираат лагите, спиновите и обидите за манипулација, а некои не. Но, дури и оние кои не се изверзирани за тоа, иако можеби не умеат „на прва“ да го препознаат маскираното зло во итроштина, сепак го чувствуваат некако интуитивно и интимно во себе.

 

Мајка, сопруга, феминист. Може ли лесно да коегзистираат овие три аспекти? Дали мајчинството и брачниот живот ти отворија некои нови перспективи во однос на феминизмот? Колку тоа што си мајка ти го промени темпото и животните приоритети?

Ми се чини дека мајчинството и брачниот живот уште повеќе ги зацврстија моите феминистички убедувања. Сега имам прилика да откривам и да живеам уште една голема димензија на жената. Мајчинството е привилегија и товар. Сладок товар, се разбира. И ако бидам искрена, тогаш на вашето прашање ќе одговорам со еден збор – многу.

Сепак, моите позиции за родова еднаквост ме тераат секој ден да се борам, и во својот дом и во своето сокаче, за почит, за права и за правда. Едно од правата кои си ги дадов самата на себе последнава година беше неколку часовната изолација во денот за да можам да ја напишам мојата нова книга. Ова е навистина тешко со мало дете. И самиот наслов „Ехо на слободата“ кажува дека слободата ми е света! Слободата е љубов. Мајчинството пак е безусловна љубов.

 

 

Одбра да се сретнеме на Школка во Градскиот парк. Која е твојата лична приказна со оваа локација?

Ах… не е една приказна, повеќе се. Лични, интимни, како и оние кои ме врзуваат за јавни делувања – активистички собири на Школка, протести, хуманитарни концерти и слично. И еден од најубавите настани во Скопје, денот посветен на Боб Марли се случува на Школка, нели? Јас веќе 15 години сум редовна на овој настан. А и секој ден поминувам по некој час во паркот. Најпрво тоа беа прошетките со моето куче, а сега тоа се прошетките со моето мало човече. Всушност, сега прошетките се и со дете и со куче, да не знаеш по кого попрво да трчаш 🙂 Школка е симбол за урбана култура среде зеленило и природа во парк.

 

За крај, како Ана би ги поканила читателите на Reborn на промоцијата во четврток?

МКЦ Клуб-ресторанот е голем простор кој има капацитет да собере различни енергии и луѓе. Нема да „тупиме“ со долги книжевни говори, ќе биде достоинствено и шармантно. Илустрацијата на корицата на книгата е на уметникот Ване Костуранов, а промоторите Владимир Мартиновски и Ана Мартиноска се прекрасни луѓе, така што ќе настанот ќе биде еден уметнички микс.

И Бранко од „Фолтин“ малку ќе музицира. Неговиот дел ќе биде инекција за реанимација на моето тахикардично срце 🙂 Јас ќе бидам возбудена и радосна, а вие љубопитни и свои. Промоцијата на 12 април во 20 часот е отворена за сите, но има само еден услов или дрес код – дојдете СЛОБОДНИ И НАСМЕАНИ!

 

Comments

comments