Фотографии: Александра Костадиновска

 

Андреа Костовска има 20 години, а професионално се занимава со кик бокс од своја 17 годишна возраст.

Нејзината спортска позадина е ритмичка гимнастика, пливање и одбојка, а моментално Андреа е македонски државен кик-бокс првак во женска light kick категорија до 55 кг, горд сопственик на второ место на Балкански куп во кик-бокс, а од неодамна може да се пофали и со освоено второ место на Балканско првенство во кик-бокс во категорија до 55 кг.

Овој текст во кој ја раскажуваме нејзината приказна е дел од серијалот на написи направен во партнерство со Herbalife24, во кој споделуваме профили на локални успешни спортисти. Herbalife24 е линија на 7 нутритивни продукти чија цел е овозможување на 24-часовна поддршка на спортистите, односно на комплетна нутритивна поддршка соодветна за конзумирање пред, за време на и после вежбање.

Продолжи да читаш за нашето мало интервју со Андреа во кое ја прашавме да ни сподели совети за одржување на форма, исхрана, справување со повреди и информации за сите кои размислуваат да се испробаат во кик бокс.

 

 

Како се случи тоа да почнеш професионално да се занимаваш со кик-бокс? Што значи тоа да си професионална во спорт кој сè уште важи за „машки“? Дали некогаш си почувствувала притисок поради тоа?

Отсекогаш сум била физички активна, почнувајќи со ритмичка гимнастика, пливање и одбојка. Почнав рекреативно да тренирам кик бокс и ми беше доста интересно бидејќи е сосем поразлично од она што сум тренирала претходно, иако знаев дека не е баш „елегантен и женствен” спорт.

Не би рекла дека е машки спорт, девојките покажуваат голем интерес, а и одлични резултати на последните првенства. На почетокот моите најблиски беа малку загрижени бидејќи сепак станува збор за агресивен спорт и сметаа дека набрзо ќе се откажам, но после 3 години ја имам нивната целосна поддршка.

 

 

Со какви повреди најчесто се здобиваш? Како се грижиш за своето тело и кожа, знаејќи дека често се здобиваш со повреди, гребаници и отоци по целото тело?

Kик боксот е размена на удари во борба, но досега не сум имала посериозна повреда. Добивам модринки на различни делови од телото, најчесто на подколеницата, гребнатинки на горниот тел од телото од честите клинчови. На повредените места при оток ставам мраз, облога со борова вода, а модринките ги третирам со хепатромбин.

За посериозни повреди треба консултација со соодветно медицинско лице, особено доколку станува збор за изместен зглоб или некоја скршеница.

 

 

Како се храниш за да се одржиш во форма? Што избегнуваш, а што се трудиш да внесуваш повеќе?

Голем противник сум на алкохол и цигари и сметам дека сите што се занимаваат со било каков спорт не треба да ги конзумираат. Во однос на храната, супер е моментот што кај нас имаме многу лесно достапна органски произведена храна, така што секојдневно конзумирам овошје, зеленчук и домашно приготвена храна.

Како и секој нормален, млад човек некогаш правам исклучоци што се однесува до брза храна, но во принцип сметам дека мојата исхрана е здрава. Омилен домашен оброк ми е шејк од млеко, банана, путер од кикирики, какао и жолчка од јајце, а како главно јадење стек и ориз.

 

Дали покрај кикбокс практикуваш и некој друг спорт за да се одржиш во форма?

Практикувам кардио и вежби во теретана во слободно време, но многу е важно да не се пропуштаат тренинзи, бидејќи тоа ја одржува кондицијата и брзината на телото. Сметам дека дисциплината и одговорноста се важни исто колку и здравата и правилна исхрана, но и добар сон. На телото му е потребна енергија и за остатокот од денот, не само за вежбање.

 

 

Доколку некој сака да започне да се занимава со кик-бокс, што би го советувала да направи и што треба да очекува? Кои се предиспозициите кои еден човек треба да ги има за да биде добар во кик-бокс?

Пред сè треба да се има желба и љубов за кик боксот како спорт. Кога ќе се започне со тренинг, треба да се напредува кондициски, а потоа да се усовршува техниката. Верувајте, успесите ќе си дојдат сами по себе.

Чувството после добар тренинг е невозможно да се опише со зборови. Дефинитивно се чувствувам моќно и позитивно. Во кик боксот не е важна килажата, туку техниката, па затоа постојат различни категории. Овој спорт е за сите храбри, кои сакаат предизвици, а познавањето на кик бокс техники може да биде и корисно во некоја непријатна ситуација од секојдневието.

 

Comments

comments