Како за човек кој прави прилично енигматична музика, лесно е да согледаш токму каков е звукот на Andy Stott. Сé што треба е да ги ѕирнеш омотите на неговите последни неколку изданија.

Она што ќе најдеш, од албумот „Passed Me By“ (2011) па сé до „Too Many Voices“ (2016), се низа црно-бели фотографии од мистични фигури, статуи и по некој припадник на вуду племе. Секоја од нив делува едноставно и примитивно, но во себе содржи една необјаснива морничавост.

Таква му е и музиката. Жанровски, Stott се држи до звуците на dub techno и house, а од неодамна испробува и други стилови како grime, ambient и post-punk.

Без разлика во кој жанр би припаднала некоја негова песна, атмосферата која тој ја создава е во принцип истата: вознемирувачка, но пријатна; мрачна, но нијансирана (баш како сивилото на омотите). Нешто што звучи подеднакво добро на ноемвриско попладне и на мајска ноќ.

 

 

Речиси целиот материјал Stott го има издадено преку манчестерската продуцентска куќа Modern Love. Првичното творештво му е главно наменето за подиумот, така што е релативно пристапливо, ако не и конвенционално. Од таму тој постепено ја успорува својата музика и сé повеќе се фокусира на суптилностите кои виреаат зад неа.

Некаде од 2011-та почнува да експериментира не само со темпо, туку и со амбиентални текстури и lo-fi продукциски техники.

Следува вториот долгометражен албум, „Luxury Problems“, каде Stott наоѓа нова муза во Alison Skidmore, неговата поранешна учителка по клавир.

Таа придонесува со своите вокални способности, кои Stott потоа ги изобличува и манипулира, а звукот кој е резултат на оваа колаборација е на пола пат помеѓу техно и групи како Massive Attack.

Соработката со Skidmore се повторува на наредните два албуми – „Faith in Strangers“ (2014) и најновиот „Too Many Voices“. Особено би го издвоил оној првиот, бидејќи му важи за критички најреномиран, а и мене лично ми е еден од најомилените албуми на сите времиња – ако ништо друго, заради фактот што сум го преслушал безброј пати и сé уште ме наежува.

 

Comments

comments