Пред половина година си направивме муабет со македонскиот режисер Жарко Иванов. На средбата Жарко не’ почести со неколку кадри од тогаш сè уште, необјавениот анимиран филм „Кружно патување на монахот” и ни најави негова премиера годинава.

Светската премиерата се случи неодамна во Билбао на фестивалот за анимиран филм Animakom, а филмот веќе почна да реди успеси. Така, овој викенд филмот во режија на Жарко Иванов ја освои наградата за Најдобар анимиран филм на Balkan Film Food Festival во Поградец.

Во август филмот ќе биде прикажан на еден од најважните светски фестивали за анимиран филм The 17th Hiroshima Animation Festival. Приказната за монахот фрескописец од Заум, домашната премиера пак ќе ја има во Охрид на новиот Beach Film Festival (19-22 Јули), а во исто време ќе биде дел од официјалната конкуренција на најголемиот руски фестивал за анимиран филм, Insomnia Animation Film Festival, со повеќе од 6.000 илјади посетители. Во текот на летото ќе биде прикажан на фестивали во Италија, Романија, Словенија и Косово.

 

 

Филмот е работен во традиционална техника на анимирање, цртеж со молив на хартија и за него беа направени повеќе од 15.000 цртежи. Истиот е последен дел од триологијата на која и претходеа „Кружнoто пратување на сенката“ и „Кружното патување на Марето“.

Сценариото го напишаа Жарко Иванов и Александар Прокопиев, директор на анимација е Крсте Господиновски, главни аниматори Викторија Динева, Гоце Господиновски и Крсте Господиновски, а музиката на Оливер Јосифовски и Љубојна.

 

Comments

comments