Додека чекам да ги објават објектите победници на наградите за современа архитектура Mies van der Rohe Award 2017, во меѓувреме пробувам да се одлучам кој ми е омилен од петте финалисти.

Настрана од финалистите, за еден self-built проект многу ми е мило што го видов меѓу номинираните. Се работи за моите колеги и пријатели од Италија, кои со својот проект Antiroom II, се најдоа на листата оваа година.

Antiroom II е павилјон изграден од Matteo Goldoni, Elena Chiavi, Ahmad El Mad и дваесетина студенти по архитектура од различни земји за време на истоимената двонеделна работилница на EASA Links 2015, која пред две години се одржа во Валета, Малта. Павилјонот е непристапен од копно, до него може да се стигне само со пливање или со брод/чамец. Шармантниот пловечки објект претставува интимно место за контемплација, но истовремено е и јавен простор.

Antiroom II концепциски поаѓа од кратката хорор приказна The House of Asterion од аргентинскиот писател Jorge Luis Borges, напишана во 1947 година, во која главниот лик зборува за својата куќа која никогаш не ја напушта – куќа со безброј отворени врати во која може да влезе кој сака и да го почувствува мирот. Идејата да се направи ваков храм, кој ќе го победи концептот на времето преминува во одлична реализација која сè уште плови по морето во Валета.

 

 

Изграден е од едноставна конструкција од повторувачки елементи – дрвени столбови и греди кои формираат рамки/портали над кружната платформа, на кои се закачени лесни платна што наликуваат на отворени врати (како во приказната на Borges). Павилјонот претставува непрекинат трем, кој во себе заробува дел од морето и формира свој природен базен.

Antiroom II е втор павилјон од истиот тим на архитекти-тутори и учесниците на EASA и е продолжение на идејата за градење на „празен простор отворен кон небото“ инспириран од замислената куќа на Астерион. Antiroom I е изграден за време на EASA 2014 Symbioza во Велико Трново, Бугарија, по истите принципи на модуларност, отвореност по ободот и обоеност во контраст со природата и претставува отворен амфитеатар сместен во шума.

Иако Antiroom II не се најде меѓу финалистите според комисијата на Mies van der Rohe Award 2017, тој останува да плови како симбол на добрата идеја на неколкумина млади ентузијасти и успешната реализација со минимален буџет и ограничено време.

 

Галерија

 

Comments

comments