Фотографии: Александра Костадиновска

 

Неодамна започнавме серијал на текстови во кој ги споделуваме инспиративните приказни на младите македонски претприемачи.

Најпрвин пишувавме за приказната на Даниела, потоа за таа на Огнена, а оваа недела разговаравме со Антонио Кузмановски. Целта на овој серијал на текстови е поддршка на програмата за млади – „Старт-ап бизниси за млади“. Во рамки на оваа програма, лица на возраст до 29 години може да добијат неповратна финансиска помош дури и до 10.000,00 евра за да основаат свој бизнис. Повеќе информации за програмата има тука.

Својата сторија како претприемач, Антонио ја започнува со основање на компанијата Webgliders во 2011 на свои неверојатни 25 години, а ја надоградува неодамна со основањето на When in X, стартап кој ќе се обиде да ја промени туристичката индустрија во Македонија.

Се чини како ИТ стартапи моментално да го вртат светот, и како да не планираат наскоро да сопрат. Затоа, сите кои имаат во план да и се придружат на оваа екипа, ќе пронајдат добро парче инспирација и лекција во искуството на Антонио.

 

 

Колку време постои Webgliders (компанијата која стои позади When In X)? Колку години и колку искуство имаше кога го започна проектот? Кажи ни нешто повеќе за почетоците на Webgliders и на твојата приказна како претприемач.

Започнав со студии на Електротехничкиот факултет (подоцна ФЕИТ) во Скопје во 2004, токму заради тоа што сметав дека ИТ секторот има најмногу потенцијал да се развива без оглед на објективните околности во регионот. Моето прво вработување беше во германска комапнија во 2008 годинa, а од 2010 почнав да работам outsource за американска компанија. Претприемништвото отсекогаш ме привлекувало, особено во делот на имплементација, самиот пат на некоја идеја, од скица на хартија до краен продукт.

Webgliders е основана во Ноември, 2011 со помош на проектот за самовработување на УНДП и Агенцијата за вработување на РМ. Во тоа време имав 25 години и тригодишно професионално искуство во областа на ИТ индустриајта. И самата Webgliders е своевиден стартап, иако во тоа време кај нас не се зборуваше многу во таа конотација.

Почетниот бизнис план беше да се нудат информатички услуги на странски партнер, што и сè уште е главна дејност. Со текот на годините желбата да се направи свој производ доминираше, па така започнавме со реализација на идејата да го направиме When In X, првиот оналајн пазар за автентични алтернативни тури и искуства.

 

Кои квалитети треба да ги имаат твоите потенцијални вработени и партнери? Како одржуваш позитивна работна средина и мотивација на тимот?

Високо ги вреднувам човечките особини, можеби и повеќе од професионалните. Тука некаде при врвот ги сместувам и упорноста и посветеноста. Доколку некој сака и има способности, денес може да научи сè што ќе замисли.

Работната средина е нашиот втор дом и за да се има добри резултати многу е важно да се има позитивно расположение. За да се постигне тоа кај нас имаме неформално работно време, лабави рокови и пријатна работна средина, дури и работа од дома. Тоа сигурно функционира, и е соодветно со светските трендови на ИТ компаниите. Лично сметам дека е многу значајно да се работи во лабаво работно време со висока мотивација и инспирација, отколку постојано во стриктно работно време. Но сепак, тоа не важи за сите проекти и задачи, и најчесто мора да одработи со временско ограничување.

 

 

Антонио, Steve Jobs или Elon Musk?

Дефинитвно Elon Musk, еден од ретките претприемачи што со своите проекти дава некаква надеж за посветла иднина за сите нас. Се обидува да ги реши најголемите проблеми на човештвото во разни области како енергија, транспорт, електрични возила, и секако, да не однесе на Марс и конечно да станеме интерпланетарен вид. На оваа тема имаме една интерна шега, дека тогаш ќе имаме нов пазар и за When In X, за алтернативни тури на Марс.

 

Свесни сме дека еден од најтешките делови во основањето на бизнис се основните инвестиции. Како вие се справивте со тоа? Дали можеби имате добиено помошен грант или инвестиција за основањето на Webgliders или When in X?

Основните инвестиици секако се голем предизвик, но за среќа и кај нас постојат некои олеснувања и можости за тоа. Токму Webgliders е основана со грант на УНДП и АВРМ, а подоцна и за нови вработувања сме користеле дел од нивните мерки. Гледам дека и тие мерки сега се зголемени и секој што има идеја и визија би можел да ги користи и да запчне свој бизнис.

За проектот When in X аплициравме на третиот повик на Фондот за иновации и технолошки развој кон крајот на 2016, и токму тоа беше клучно за успехот и изработката на првата верзија.

 

 

Има ли некој кој би го нарекoл свој ментор? Зошто токму тој/таа? Дали се сложуваш со нас дека е многу полесно кога во развојот на еден бизнис имаш ментор кој ќе ти помогне да се развиеш како претприемач?

Во мојата потесна фамилија имам доста интересни примери за претприемачи, во Македонија, но и интеренационално. Згора на тоа, скоро сите работиме во приватен сектор. Уште од мали нозе сум бил вклучен и запознаен во многу бизнис разговори, ситуации, можности, секако успешни и неуспешни. Заеднички особени за сите нив се упорноста и храброста, можеби тоа и сум го наследнил или прифатил, па ете се обидувам да ги продолжам нивните чекори.

Во последниот наш проект, When In X, како ментор, партнер и официјален консултант, вклучена е мојата сопруга Александра, чија поддршка е особено значајна за мене, како професионално, така и приватно. Сметам дека доколку некој бизнис се води во кругот на семејството добива специфична додадена вредност, која не може да се купи со пари.

 

Кој е едниот најважен совет кој би им ги дал на другите млади од државата кои планираат да основаат свој бизнис?

Еве еден класичен совет што можеби звичи и како клише: да бидат храбри и да започнат да ги остваруваат своите идеи. Секоја идеа може вистински да се оцени само кога постои некоја прва реализирана верзија од истата.

Но, еве и нешто конкретно, како блупринт за стартапи во Македонија: да ги користат можностите кои се нудат бесплатно, т.е. да ги следат она што во светот се нарекуваат “free money” – има неколку проекти во Македонија за самовработување кои може да ги испробаат (погоре ги споменав), да ги следат следните повици на ФИТР, бесплатните пред акселераторските програми на Сеавус или CEED accelerator, да се пријавуваат на што е можно повеќе пич-натпревари каде ќе го добијат конкретниот фидбек и неопходното искуство во својот пат кон успехот.

 

 

Која е најголемата бизнис грешка што ја имаш направено досега? Што е тоа што денес го знаеш, а би сакал да го знаеше кога го започна твојот проект?

На грешките гледам како уште еден неопходен чекор до успехот, неопходни се и здрави за да те научат за следната прилика или можност. Конкретно би издвоил прерано претставување на некој концепт или идеја пред потенцијален инвеститор или партнер. Секако во голема мера зависи од типот на идеја или концепт, но подобро е кога ќе се презентира функционална прва верзија или мокап, отколку само презентација и зборови, дури и таа прва верзија да е со основите функционалности.

 

Од твоето искуство со претприемништво, кој момент би го издвоил како твој најголем успех?

И покрај тоа што сметам дека сум на самиот почеток во претприемништвото, како најсвеж и најомилен проект ми е When In X, кој исто така е на сам почеток. Во него вложивме многу труд и енергија, и за период од 7 месеци успеавме да поставиме целосно функционална плаформа за продажба на тури и искуства.

По ПР преставувањето добивме одличен фидбек од јавноста, по што се случи и објавата во престижниот травел магазин Lonely Planet.

 

 

Што е следно за When in X?

Во процес сме на собирање на што повеќе понуди – тури од Македонија, и подготвуваме промотивна страгетија за продажба на истите. До крајот на годинава планирано е и поставување на тури од соседството, особено од зимските центри.

Во ноември оваа година ни престои и преставување на WebSummit во Лисабон. When In X беше селектиран за Alpha Startups програмата, каде ќе имаме прилика да видиме и како стоиме во споредба со стартапите од цела Европа, секако и да направиме што повеќе контакти со парнтери и потенцијални инвеститори.

 

Comments

comments