Сосем ненамерно и во прекрасно пролетно општествено-политичко расположение, еве ја втората епизода од серијалот Винил Фетиш.

Актуелниот развој на настаните се одликува со интензивирање на македонското втиснување на сопствената музичка култура врз ултрапопуларниот синтетички полимер наречен винил. Редовите се згуснуваат, а винилно издание добиваат албуми кои не сте ни знаеле дека постојат. Предлагам со внимание да ја проследите приказната која следи.

Апореа или Апокрифна Реалност најлесно би ги квалификувал како мултимедијален проект, чиј музички аутпут без проблем би се вклопил во најсветлите традиции на ритуалните industrial бендови, кои се издигнаа во средината/втората половина на 80тите години од минатиот век.

Она што беше главно влијание на сите подоцнежни македонски бендови од овој (прото-ортодоксен) профил, за Апореа беше стартна основа: активно истражување на на комплексните односи и корелации во сопственото културно и духовно наследство, низ една специфично постмодерна, вестернизирана рамка: уметнички изложби, музичка дистрибуција, субкултурна активност.

Втората половина на 80тите е време кога луѓето од нашите краишта, полека но сигурно се среќаваа со новата реалност која им доаѓа во пресрет, па потребата за Апореа во тој период ја доживувам како преиспитување на сопствената духовна почва, во светло на новиот modus vivendi, во контекст на постмодерна Европа.

 

 

Поедноставно речено, Горан Трајковски, свеж од распадот на Падот на Византиа, заедно со извонредниот перкусионист Зоран Спасовски и Методи Златанов (денес Отец МЗ), сериозно се вртат кон нашето византиско минато и пред се преку музика и разни форми на уметност, се обидуваат да креираат нова почва за соочување со неизбежната вестернизација на нашето општество.

Во мултимедијалната група Апореа (Апокрифна Реалност), во тоа време работат и Невен Чулибрк (Бања Лука), Лазар Лечиќ, Предраг Цветичанин (Добри Исак, Ниш) и Кирил Златанов (брат на Методи). Неколку изложби, фанзин и еден мини албум, тоа се главните артефакти останати од работата на овој езотеричен тим од пред 30 години.

Токму главната причина за овој текст е појавата на оваа музика на винил овие денови за Annapurna, дискографска куќа од Италија. Оригинално издадена на ефтина касета во 1988ма година, оваа музика е речиси невозможно да се има на носач на звук и низ декадите поприми сосем обскурен карактер.

Појавата на limited edition винил, нема многу да помогне за излез од обскурноста, но ќе резултира со огромно задоволство кај малкуте среќници кои имаат можност да го набават. Мојата копија ја набавив на следниот начин: прво ми шепна едно врапче, потоа добив плоча под тезга, со назнака дека била за друг. You Do the math. Музиката на Апореа почива длабоко во нашите византиски корени од старословенска провиниенција и буди еден подзаспан дух кај слушателот од ова поднебје, кој е есенцијален за себеспознанието. Токму тоа, одозгора на фактот што музикава е фасцинантна, е главната драгоценост на ова издание.

Само ќе споменам дека на плочата се наоѓа првобитна верзија на славната „На Рјеках Вавилонских”, која 10тина години подоцна сонично ќе го воздигне „Пред Дождот”, светски признат и сега веќе култен филм на Милчо Манчевски. Додатно, во пакувањето на винилот, наидувате и на за прв пат прописно испечатената книгата-манифест Апокрифна Реалност, која е вистинско мало ремек дело на една духовно-уметничка тенденција на нашите напредни умови од 80тите. Се на се, едно МЕГА МЕГА хипстерско пакување, кое секој барем трунка образован Македонец би требало да го има во приватната колекција на културни артефакти.

Ако некому сето ова му зазвучи премногу езотерично, или не дај боже малку православно…ќе посочам на следниов правец на размислување: за да со сигурност знаеме кои сме и што е тоа автентично кое го носиме со себе во Нова Европа (па дури и ако сакате во Новиот Светски Поредок), ќе мора вистински и темелно да се спознаеме и засакаме. Духовната нација се раѓа и останува во духовна татковина без граници.

 

Comments

comments