Фотографии: Симоне Калица

 

Штом дознавме за Арчибалд, побрзавме да го запознаеме и дружбата помина прекрасно.

Малото албино кенгурче, кое се роди во Зоолошката градина во Скопје, веднаш ни ги освои срцата. А освен со Арчи, се дружевме и со неговата тетка Пикси, која е исто така албино и многу питома.

Арчибалд е од родот валаби (wallaby) како и останатите седум кенгури во Зоолошката градина, но се издвојува со своето снежно бело крзно и розеви очиња. Има околу 6 месеци, а вработените го забележале дури неодамна, кога пред неколку дена првпат излегол од торбата на мајка му. Имено, женките кенгури се бремени околу еден месец и малите кенгурчиња може да ги носат во торбата до 12 месеци. Арчибалд е сѐ уште многу мал и завизен од мама Шикси, па не се двои од неа.

 

 

Свесни сме дека има поделени мислења, генерално околу постоењето на зоолошките градини. Многумина се противат на таквиот начин на чување и сметаат дека не е во ред  животните да се двојат од својата природна околина. Ова е сложена тема, на која можеби ќе имаме прилика во иднина повеќе да елаборираме.

Засега, лично се уверивме дека Арчибалд добива одлична нега и многу љубов. За него се грижи негувателката за кенгури Билјана Дрнкова. Албино кенгурите имаат намален имунитет, па се многу деликатни за чување и потребно им е посебно внимание. Но знаејќи ја посветеноста и стручноста на Билјана, си заминавме сигурни дека го оставаме во добри раце.

 

 

Пикси

 

 

Арчибалд и Шикси

 

Comments

comments