Фотографии: Елена Фиданска

 

За да ја задржиме автентичноста, текстот во продолжение не се ни обидовме да го „преведеме“ од битолски на скопски.  

Во турско, кај шо е сега судо во Битола, постоела чаршија шо ја викале „Дембел чаршија“, односно мрзлива чаршија.

Тој всушност бил периодо на распад на Отоманското царство и доаѓањето на европскиот бран и конзулите во градо. Пред меаните, гостилниците и дуќаните, по цел ден се седело, се пиело чај со локум и без престан се праело муабет. Тогаш, кога според една легенда, избувнал пожар и почнала да гори цела чаршија, еден од дембелите испаничил и почнал да му вика на другарот до него да станат и да бегат, а овој, таков успорен, му одговорил: „Не ти е мака бе да збораш?“ и продолжил да си го пие кафето, додека чаршијата си горела.

Сто и кусур години подоцна, Битола уште си го тера истио филм. По цел ден на кафе, исти луѓе, исти муабети, едни доаѓаат, други си идат. Последниве години поќе луѓе си заминаја отколку шо дојдоја, и јас заминав на некој начин. Дури на моменти почнав да одам во Битола само за да испијам кафе со другари, колку да се видиме.

Во средата, сосем случајно, ми се погоди да бидам во Битола и да разберам дека ќе отворат нов кафич. В чаршија. Почнав да се распрашвам кој се луѓето, шо кафич ќе е… оти не можи така да одиш во кафич, а да незнајш кој е газдата. Кога дознав отидов и директ кај него.

 

Фолтин во Артикултура (24.05.2017)

 

Колку време беше потребно за да се собере тимот зад задругата и да се реализира идејата?

Идејата за збиралиште на млади креативци потекна пред 2 и пол години, кога двајца од основачите, независно и без да знат еден за друг, му досадваја на еден познат менаџер на кафичи во Битола, со својата „лева“ идеја. Менаџеро решен да ги откачи, ги запознава и на нејќење станува дел од историјата на Артикултура. Потоа идејата си зрееше, се развиваше, се надополнуваше, се бараше општински простор, алтернативни локации во касарната, се испитваја можностите за здружвање и се така до проекцијата на Контра Кадар за култнио кафич од 90-тите, „Висаж“, пред околу 2 години.

Тогаш, еден од двајцата претходно спомнати, добива идеја за Кооператива и почнува активен поход по истомисленици. Наоѓа 15-тина „лудаци“ кои верват во идејата и се спремни да дат по 300 евра од ионака скромнио домашен буџет, за да започнат со процесо на изнајмвање и опремвање на „просторо“. Набрзо се случва „Битола сака рокенрол“ (19.03.2016) како еден од најзначајните алтернативни настани во градо години наназад.

Позитивната енергија продолжува со формално состанчење, регистрација на Задруга Артикултура, а на почетокот на 2017, конечно Артикултура станва горд закупец на дуќан во Старата битолска чаршија. Тука на дело се покажаја солидарноста, дарежливоста и пожртвуваната работа на нашите членој, пријатели и поддржувачи на идејата, кои креативнио предизвик да се дотера „просторо“ со минимални средства го претворија во атрактивното и алтернативно битолско ќоше.

 

Фолтин во Артикултура (24.05.2017)

 

Што му е потребно на еден уметник/креативец за да направи изложба или работилница во задругата?

Да нè контактира. да ни прати шо-како има на ум, па ќе си напрајме муабет и ќе видиме шо можи да се напрај.

 

Funk Shui во Артикултура (24.05.2017)

 

Дали може да очекуваме Артикултура да стане место каде што би навратувале за свои свирки „патувачки“ бендови и од регионот?

Да, дефинитивно, овозможвање простор за свирење за бендој кои се на турнеја е една од примарните цели на иницијативата. Веќе сме во контакт со неколку групи од странство и регионо, ќе ви стигнат сите информации шо треба да ги знајте ко ќе дојди време.

 

Funk Shui во Артикултура (24.05.2017)

 

Битола досега немаше место каде што фриленсерите ќе можат да си поработат сами со едно кафе. Дали имате доволно продолжни кабли за новите посетиели?

Пред да го земиме ние, во просторо имаше книговодствено биро, имаме штекери на сегде, така да покриени сме за то. А и кафето ни е евтино.

 

Галерија

Фолтин и Funk Shui во Артикултура (24.05.2017)

Comments

comments