Оваа статија е дел од новата серија во соработка со Интернационалниот саем на современа уметност Паратисима Скопје, во која ќе ти претставиме неколку млади македонски уметници и дизајнери кои ќе бидат дел од овогодишното издание на фестивалот.
Пишуваат: Горјана Јордановска и Милена Атанасова
Фотографии: Кристина Лозановска

 

Милена вели дека откако знае за себе е опкружена со музика, балет и многу, многу цртање – ген во пошироката фамилија.

Таа го започнува своето образование на државниот универзитет во Бугарија на одделот за мода, а потоа продолжува со изучување на модниот дизајн како дел од првата генерација во Academia Italiana каде имала среќа да слуша предавање и на Vivienne Westwood!

Според неа, секој ден е истражување, растење, на лично и професионално поле. Со нејзините колекции раскажува приказни – па ајде да прочитаме која е последната нејзина приказна и креативноста што ја следи:

 

 

Раскажи ни нешто повеќе за твојата нова колекција „СЕДУМ”, какви парчиња ќе бидат изложени на Паратисима Скопје, и зошто е наречена токму „СЕДУМ”?

Веќе подолг период ја истражувам и ме инспирира јапонската култура и уметност, затоа од тој аспект новата колекција „СЕДУМ“ ќе биде продолжение на претходните на некој начин. Геометрија, чисти линии, природни материјали,  комфорни решенија. Колекцијата ја нареков „СЕДУМ“ од повеќе причини. Во системот на Нумерологијата, бројот 7 претставува барање, размислување, трагање по вистината. Седум е бројот на перфекционизмот, сигурноста и одморот. Во себе го содржи бројот 3 кој претставува небо и душа и бројот 4 – земја и тело. Во Јопонија има 7 богови на среќата кои имаат брод наречен Takarabune, или the Treasure Ship. Има многу приказни за овој број, во сите култури, религии.. како и да е, бројот 7 го поврзувам со себе, на повеќе нивоа.

 

Како ја чувствуваш јапонската култура во однос на инспирацијата што ја црпиш од неа?

Јапонската естетика секогаш ме привлекувала со својата комплицирана едноставност. Ритуалите и симболизмот во облекувањето, боите, материјалите, орнаментите.. На крај, Butoh – јапонска форма на танцов театар, е медиум кој длабоко го почитувам, естетиката, техниката, искреноста во секое движење.

Оваа форма на уметност е родена во Јапонија, после Втора Светска Војна, во време на контрадикторност и трагање по својот идентитет. Основоположници се двајца исклучителни танчери, Hijikata Tatsumi и Ohno Kazuo. Целата приказна околу Butoh е магична, вистинска, борба, трагање преку најдлабоките, мрачни и светли спомени кои ги носи еден човек во себе. Ова е нешто со кое можам да се поврзам комплетно и бескрајно да откривам за себе и сè околу, да се инспирирам и раскажувам.

 

 

Како моден дизајнер кој веќе долго време работи во Македонија раскажи ни ја твојата слика за интересот кој се пројавува на домашниот пазар за уникатно изработени парчиња?

Чест на исклучоците, но генерално во Македонија има искривена перцепција за тоа што е моден дизајнер. Ретки се тие кои ја разбираат улогата на дизајнерот. Кај нас најчесто се консултира или ангажира моден дизајнер пред некои настани, од типот свадби, матурски, и сл. Модниот дизајнер не прави само свечени тоалети. Интересен е феноменот како сите се со идејата да се посебни, свои, индивидуалци во својот визуелен израз, а сепак улиците ни изгледаат како излог од некоја продавница за конфекциска облека. Работата на модниот дизајнер кога е во процес со конкретен клиент е да создаде парче кое ќе биде адаптибилно на животниот стил, потреби, тело.. на истиот клиент. Парче кое ќе прерасне во став, визуелен израз на личноста која го носи и оживува на тој начин. Нема доволна освестеност за малите бизниси и потребата да се подржат, пред сè заради економскииот баланс, нели.. На пример, купувајте во маалската продавница кога ви требаат производи кои знаете дека ги има таму. На крај би прашала, колку често вие драга публико консултирате/ангажирате моден дизајнер? Tука лежи всушност одговорот на ова прашање.

 

Кое е твоето мислење за текстилниот пазар во Македонија?

Уфф.. тажно и тешко. Тоа е првото што ми доаѓа на ум кога помислувам на текстилната индустрија во Македонија. Експлоатација на работна сила, непочитување на правата на работникот и сè ова за мизерна плата. Од друга страна би рекла дека Македонија има голем потенцијал за оваа индустриска гранка да процвета. Имаме суровини, знаење и квалитет. За жал македонските текстилни компании најчесто работат вон систем и ретко кој македонски производ кој се извезува има македонска декларација. Скоро да нема текстилни фабрики кои соработуваат со дизајнери и произведуваат свои колекции. Најчесто нашите фабрики се заглавени со исти теркови со години и генерираат демоде решенија.

НЗС: Недостаток на креативност, соработки со дизајнери и пред сè почит и разбирање за важноста на луѓето кои се дел од било која фаза во создавањето на една колекција.

 

 

Со кои три сè уште живи модни дизајнери/ки би сакала да си направиш муабет? И зошто?

Ммм… 🙂 има повеќе дизајнери на кои им се восхитувам, но би ги издвоила Yohji Yamamoto, Rei Kawakubo и Philip Treacy. Едноставно би сакала да сум присутна во создавачкиот процес. Не би ги масирала со прашања, просто сакам да ги набљудувам во нивното креативно лудило. Најчесто тишината во себе ги содржи сите суштински одговори.

 

Што би споделила како импресии околу Паратисима Скопје и нејзиното четиригодишно постоење?

За Паратисима Скопје  и тимот позади овој фестивал и саем можам да кажам дека бев присутна во периодот кога беше само идеја и сум многу среќна што сега можам да кажам дека мојата нова колекција ќе ја презентирам на овој саем!

Сметам дека за Македонија и за креативците овде е многу важно да постои еден ваков фестивал и саем на уметност. Ова е место каде се поддржани сите креативци кои работат во било кој медиум. Место кое ги поврзува артистите меѓу себе и овозможува вистинска културно-уметничко слатко задоволство за посетителите. Паратисима Скопје расте и од година во година станува сè подобар, поважен и по-посетен фестивал. Велам Браво! Само напред!

 

 

Моделите на ATAMI може да ги погледнете тука.

До следно читање!

Тимот на Reborn и Паратисима Скопје.

 

//

Доколку ти се допадне нешто од нивните дела, изработки, некој интересен накит, парче уникатен модел, слика – слободно тркни до МКЦ од 15-17 јуни за да си го купиш, саемот на Паратисима Скопје ќе биде отворен сите три дена, со еден куп настани, концерти и работилници – а со тоа и да ги поддржиш нашите млади уметници и дизајнери.

//

 

Comments

comments