Ајде една фантастична вест: AUX88 свират концерт во живо, во Скопје. Да, токму во нашиот град. 🙂

Овој петок, со почеток во 23.00 часот, во организација на Младинскиот Културен Центар Скопје и фестивалот Скопје Креатива, ќе настапи еден од највозбудливите состави кој свири оригинална и совршена електронска музика. Вистински празник за добриот вкус и амбициозниот танчерски ум.

Ајде уште една сјајна вест: Reborn доделува 3 влезници на нашите редовни читатели за овој музички/уметнички спектакл. You know the drill: лајк, коментар, репост.

 

 

Знаете што е ЕЛЕКТРО? Знаете кои се AUX88? Секако дека знаете 🙂

Сепак одвојте 5 минути и прочитајте ја оваа корисна приказна.

Електро/Electro (Electro/Funk)… е стил на електронската музика, настанат за време на раната њујоршка фаза на Hip Hop-от, под директно и решавачко влијание на TR-808 ритам машината и секако неодминливиот Funk (Фанк). Кристално чисти, типично прекршени битови во разни брзини, пропратени со дисторзирани, вокодирани, или talk box вокали.

Таа нова и возбудлива вибрација предизвика инстант реакција на њујоршките улици, ново танц лудило наречено Break Dance. Почетокот на 80-тите би бил незамислив без оваа улична интервенција, која преку холивудските филмови и популарните радио станици, од улиците на светскиот главен град, се пресели по сокаците на сите градови кои имаа барем блага тенденција за урбаност.

Живо се сеќавам дека по прикажувањето на филмот Break Dance (1984) во Скопје во киното Центар (сега Милениум), на потегот од ГТЦ до Зелен Пазар, асфалтот беше поплочен со картонски кутии, на кои своите први спинови ги правеа младите скопјани од сите бои и возрасти.

Приказната за самиот настанок на Електро музиката би била непотполна, доколку би го прескокнал влијанието на Kraftwerk (Германија) и Yellow Magic Orchestra (Јапонија). Според зборовите на вистинските електро оригинатори, како Africa Baambataa и Arthur Baker, без директното влијание на овие фанки момчиња од Германија и Јапонија, елеганцијата и култизивираноста овој стил едноставно не би била достигната.

 

 

По краткотрајно кокетирање со меинстримот, во втората половина на 80-тите, eлектро музиката се враќа под земја. Како што њујоршкото диско се пресели во Чикаго и се трансформираше во House, електрот вајбот се прошета и преку Чикаго и се најде во Детроит, на самите почетоци на техно револуцијата.

Пионерите на техното, господа од калибарот на Juan Atkins, Underground Resistance, Jeff Mills го инкорпорираа тој есенцијален грув во своите првобитни, ground breaking продукции, неповратно вградувајќи го во структурата и историјата на еден од најсмелите и највибрантни музички правци на совремието.

Сепак, електрото успеа да опстане и засебно, сосем на страна од чистото техно, а побогато за неговата душа и целата идеологија која се изнедри од револуционерните детроитски студија. Долж квалитетот, елеганцијата на продукцијата и ненадминливиот грув, на почетокот на 90-тите години, електро музиката успеа за себе да оформи помалку надреална духовна аура.

Специјална вибрација која воспоставува оригинално струјно коло помеѓу мозокот и телото, предизвикувајќи сосем оригинална состојба во битието на слушателот и оној кој ја танцува приказната. Ќе се осмелам да речам: вистински добрата електро музика е вистинска аристократска форма меѓу мноштвото современи музички феномени, кои имаат амбиција да ги соединат главата и телото.

 

 

Тука некаде, на сцена настапуваат нашите денешни херои, детроитскиот електро состав AUX88.

Под разни имиња работат од 1985, а легендарниот баптизам AUX88 паѓа во 1993, откога Tommy Hamilton (Tom Tom) и Keith Tucker заеднички го создаваат најдоброто електро на светот, на рамниште со само неколку имиња кои се осмелуваат да целат со највисоки уметнички и секако, грув амбиции.

Нема да претерам ако речам дека што и да допрат овие извонредно талентирани и уиграни типови, се претвора во злато. Нивните 7 албуми и уште поголем број сингл/еп изданија (но и објави под други имиња, како Alien FM, на пример), се беспрекорен пример за тоа.

Цврст и снажен, возбудливо елегантен ритам, полеан со генијални футуристички музички линии и традиционално вокодизирани вокали, кои само потсетуваат дека овој звук е процес кој постои 40 години и во кој се вткаени искуствата на најнапредните умови на сите светски раси и цивилизации.

Алтернативен, образован, храбар и шизички поглед кон иднината, изразен преку звук, кој ги поместува нагоре границите на добриот вкус. Полнокрвна електронска аристократија, дами мои и господо. Децениите cutting edge продукција и секако концертни настапи во живо, ги произведе AUX88 само посигурни во себе и својот звук, порака која се шири по светските меридијани и силно апелира на напредниот и амбициозен ум, кој танцува ширум планетава.

 

Comments

comments