Добар денте, добри ли сте?

МакеДокс, фестивалот кој е еден од највредните работи што се случуваат на овие простори, стигна до 8-мото издание. Во духот и симболиката на бројката им посакуваме најискрени желби да тераат до бесконечност. Пред Куршумли Ан поставија гнездо, кое се надеваме дека и понатаму ќе остане собиралиште за креативни  филмаџии и кромидџии.

Отворањето, како и што очекувавме помина одлично и со максимална посетеност. Голем удел во тоа имаше премиерата на новиот македонски документарец „Avec l’amour“ („Со љубов“) на режисерот Илија Цветковски и продуцентот Атанас Георгиев. Филм кој ја насмеа, растажи и ги насолзи очите на публиката. А најважно од сé – филм кој им даде надеж на сите сонувачи дека ништо не е невозможно.

Во продолжение се 5 причини зашто треба и ти да го гледаш на реприза во четврток.

 

(1) Зашто ќе те потсети дека скромноста е доблест и сонувањето не е глупост

Протагонистот Дионис е скромен фамилијарен човек, професор по биологија во Неготино. Неговата најголема пасија се автомобили, па оттаму станува колекционер на олдтајмери, а неговата цел е да отвори музеј во неговиот роден град. Наиудува на потсмев, негодувања и финансиски проблеми, но неговата љубов и желба се посилни.

 

 

(2) Зашто е вистинска љубовна приказна

Сопругата на Дионис, Гоца, и покрај сите финансиски предизвици и критики на кои наидуваат, останува силна жена која скришно ужива сведочејќи ја пасијата на нејзиниот Дионис. Таа е подеднакво важен и моќен карактер во приказната и нејзиниот удел е огромен во остварувањето на неговиот сон.

Гоца е жена полна со топлина, трпение, креативност и љубов. Работејќи од сабајле до вечер таа прави торти и последниот заштеден денар го дава за остварување на сонот на Дионис. Постојано со насмевка на лицето, без разлика на цела скептичност дали оваа идеја е мудра и се исплати, таа до крај му дава безусловна поддршка на својот сопруг.

 

 

(3) Зашто саундтракот е феноменален

Музиката ја направија Фолтин, а песната Дионис е дефинитивно нашиот нов хит.

 

 

(4) Зашто е шамар за глувите институции во државата

Let’s get quite, тоа беше советот на Дионис кога децата од неговиот клас се зачудија за бедните 100 евра кои општината Неготино ги донираше за отворањето на музејот. Ок, не беа само 100 евра, туку Дионис успеа да издејствува и донација во форма сирење за малата свеченост на отворањето. Но потивко, за да не се случи ни толку да не добиеме.

Сведоштво на инфантилноста и немањето слух за народот од страна на власта. Низ смеа и шеги од типот дека нема вода за пиење во Неготино, горка е вистината за состојбата на градовите низ Македонија и сиромаштијата која е реалност на многу семејства.

 

 

(5) Зашто е лекција за како се љуби државата

Сите ние долги години сведочиме на погрешен пример за тоа како се сака и негува татковината. Спротивно од таа слика, го гледаме Дионис како наидува на сопки, финансиски проблеми, осуда и потсмевање од сограѓаните, а него на крај памет не му е да се откаже.

Неколку пати, како во филмот, така и на премиерата на МакеДокс во делот со прашањата, тој напомена дека ова е за промоција на неговото сакано Неготино, дека музејот за олдајмери е национално богатство и дека истиот е одлична шанса за афирмација на Македонија во светот. Освен што Дионис се докажа како опстоен во својата идеја, тој се докажа и во својата примарна професија како даскал. Позади себе остави многу генерации кои освен шти ги научи биологија, ги научи како да сакаат и како да ги препознаат вистинските вредности во животот.

 

Честитки до младиот Илија, Атанас и целиот тим кој ми изгледа дека немаат многу различна приказна од чичко Дионис. Можеби неслучајно го одбраа него за главен лик, со кој по сé ми личи дека делат исти вредности, иста скромност и иста амбиција. Стивен, Вендерс, браќата Коен, Reborn и целата македонска јавност најискрено ви посакува огромен успех понатаму!

 

Comments

comments