Васко Атанасоски, подобро познат како Васко од Bernays Propaganda, неодамна започна нов проект – лејбл наречен Балкан Велики. Првото издание на лејблот е EP под името Река, чиј автор е токму Васко.

Александар Гавровски, ДЏ во Канал 103 и басист во ПМГ Колектив, за Балкан Велики и за Река, изјави:

„Ова е првото издание на новиот скопски лејбл, предводен токму од артистот потпишан на ова Е.P. Историско, уште пред да се појави, првиот соло излет на Васко Атанасоски, нешто со што верувам дека ќе се среќаваме сè почесто во иднината.

Река E.P. не претендира да стане бестселер, со себе не носи ниту еден хит. Насловната Река е обскурна и мрачна композиција, со несекојдневна структура која нема да добие којзнае колкаво внимание наоколу. Воведната Градови, иако фантастично мелодична, целата е длабоко затскриена во обскурната обвивка на чудниот ритам и звуци. Последната, трета песна поместена тука, Кумот Перо Миленкоски – Река, само придонесува ова издание да нема баш широка популарност.

Сепак, се работи за длабоко интимно издание кое мораше да излезе од авторот по една негова лична трагедија.

Познавајќи го ентузијазмот на авторот, воедно и водач на новиот лејбл, Балкан велики е новото светло на домашната независна сцена. Само проверете го нивното најново, веќе 6то издание, E.P.- то на Фонија, Човек од стакло, кое го претставува бендот во целосно нова, возбудлива насока.”

 

 

Comments

comments