Фотографии: Филип Куновски

 

Помеѓу ѕидовите на убавиот Куршумли Ан, покрај смоквата и бунарот полн желби и полжави, потпрени на 14 вековните ѕидини и опкружени со магичнитe луѓе na MakeDox, седнавме и си помуабетевме со Magnus Gertten, режисерот на „Becoming Zlatan“.

„Becoming Zlatan“ („Станувајќи Златан“) e филмски портрет на шведскиот фудбалер Златан Ибрахимовиќ преку ретки архивски снимки, од неговите почетоци во ФК „Малме“ во 1999 година преку конфликтните години во ФК „Ајакс Амстердам“ до конечниот пробив со ФК „Јувентус“ во 2005 година. Филмот, режиран од браќата Magnus Gertten и Fredrik Gertten, беше дел од главната програма на овогодишниот MakeDox.

 

„Becoming Zlatan“ е дел од првиот ваш заеднички, братски проект? Како ја добивте идејата за да го снимите овој документарен филм?

Ова не е нашиот прв заеднички проект, но на некој начин е дел од првиот проект, бидејки првата заедничка работа која ја направивме беше, па може да се каже и првиот документарец кој воопшто го имаме направено, документарец за фудбалот во нашиот роден град Малмe.

Решивме да го направиме овој проект или документарец заедно бидејќи и двајцата нè интересира фудбалот, па така тој документарец стана карактеристика или обележје на Малме ФЦ. Премиерата на првиот документарец беше во Шведска во 90тите и се случи овој документарец да биде еден вид на продолжение на првиот проект. Вториот дел почнавме да го снимаме во 1999 година и бевме ептен луди навивачи кои го бодрат и следат нивниот тим насекаде и на сите натпревари.

Еден ден додека бевме во соблекувалната и се дружевме и снимавме со нашиот омилен тим, наеднаш се појави нов дечко кој имаше 17 години и беше претставен во првиот тим. Додека луѓето зборуваа за него дека тој бил многу талентиран, можеби и еден од најталентираните што го виделе, другите не го сакаа многу и зборуваа дека нема ментален капацитет за да биде добар играч, најмногу поради неговата ароганција. Но, ние брзо се поврзавме и бевме фасцинирани од овој дечко бидејќи беше еден од првите играчи од миграционата генерација и беше различен од типичниот шведски тимски играч.

Ние едноставно решивме да го снимаме новиот дечко, бидејќи имаше добар карактер за документирање и не знаевме дека тој еден ден ќе стане еден од најпознатите фудбалери во светот, а дефинитивно најпознат во Шведска. Имавме среќа да бидеме таму и да го снимаме првиот момент и првото негово интервју воопшто.

По снимањето лентите ги чувавме во подрумот бидејќи во тој период со мојот брат работевме за различни фирми и проекти, така што не беше дојдено време да се случи овој документарец. Но, кога седевме во канцеларијата на брат ми можевме да слушнеме чудни звуци кои доаѓаа од подрумот, како материјалите да не повикуваа. По некое време откако тој стана суперзвезда на Барселона, Јувентус, ПСЖ сфативме дека ако сега не го направиме овој документарец, нема никогаш да го направиме.

 

makedox-2

 

Вие бевте на Темпа фестивалот во Стокхолм во конкуренција/натпревар со вашиот брат. Какво беше тоа искуство за вас?

Знаете, понекогаш натпреварот не треба да се сфаќа толку сериозно, бидејќи тоа е само конкуреција или натпревар на филмски фестивал.

Искрено јас сум многу среќен што и двајцата правиме различни филмови и сме успешни на различен начин. Можеби тој знае поубаво да го претстави својот филм на светската публика, но од друга страна јас имам добиено неколку награди повеќе.

 

Дали таргетот на документарецот беше токму балканската публика?

Секако кога работите со материјалот мислите на Балканот, но кога правите филм гледате тој да биде поуниверзален, автоматски и таргет групата станува се поголема и поголема.

Но, прашањето за неговото Балканско потекло е доста интересно бидејќи некои луѓе се обидуваат да го таргетираат и да речат како тој е хрват или босанец, но не и швеѓанец и тој честопати бурно реагира на тоа.

За него е многу битно тој да биде препознаен како швеѓанец, тој е од новата генерација на швеѓани и е многу горд што игра за репрезентацијата на Шведска, а уште повеќе што е капитен на репрезентацијата.

Ако знаете има реклама за Волво снимано со него каде тој ја пее/рецитира шведската химна.

Сите оние пријатели што ги имам кои имаат балканско потекло многу ја сакаат таа реклама бидејќи на некој начин Златан го краде национализмот од националистите.

За националистите тоа беше доста провокативно со химната и знамето и на некој начин тоа беше протолкувано како политички потег каде тој сака да каже „Јас сум Швеѓанец и сега ви ја крадам националната химна од вас.“

 

makedox-4

 

Дали тој е задоволен од начинот на кој е прикажан во документарецот?

Тоа е малку комплицирано да се каже бидејќи документарецот го снимавме без негова соработка.

Сите документарци за фудбалските суперѕвезди се направени од самите фудбалери или пак по претходен договор со нив или нивниот менаџер, тие бираат што ќе кажат или нема да кажат, кои луѓе ќе се прикажат во документарецот кои нема итн.

Знаете тие се такви и сакаат да ја контролираат нивната приказна и сфаќам дека е иритирачки, секој сака да си ја каже својата приказна за тоа кои се они, но како режисер не можете да влезете во соработка со ѕвезда од тој калибар. Не може тој да биде цело време до вас додека го снимате и монтирате документарецот. Ние сакаме да ги снимаме и прикажеме добрите и лошите страни, неговите луди работи кои ги прави, неговите агресивни испади каде знае да удри по нешто…

 

Дали Златан ве контактираше по филмот?

Не, тој е суперзвезда и не секогаш е во Шведска, но го информиравме неговиот менаџерски тим малку порано за да им кажеме дека сме почнале документарец за Златан.

Златан не беше среќен што правиме филм за него и не знаеме дали го има гледано филмот. Најверојатно никогаш нема да каже дали го гледал или не. Мислам ќе сфати дека филмот е правен со љубов и почит, а покажување на љубов и почит не секогаш е покажување само на добрата страна на човекот. Почит е исто така и кога ќе ја покажеш лошата страна на човекот бидејќи тогаш на еден начин ја покажуваш вистинската страна на човекот. Тоа е и нашата цел.

 

Ако правевте документарец за Скопје во кое светло ќе го покажевте или ако е малку опширно кој жанр би го користеле и која емоција би преовладувала?

Ми се допаѓа прашањето. Мислам дека е интересно да се прикаже како го гледате градот покрај целиот овој кич, кич од уметнички згради и власт која сака да се презентира себе си преку тој кич. Дефинитвно има материјал за документарец, во кој би имало место за многу добри, интересни, убави и кул луѓе.

Жанрот би бил хорор, комедија. 🙂 Не, не би можел да правам хорор филм бидејќи ми требаат луѓе кои ги сакам во филмот, имам еден вид на хипи филозофија – сакај ги луѓето во твојот филм. Не би бил карактеристичен хорор филм, но би имал некои елементи на хорор.

 

 

Comments

comments