Фотографии: Елена Фиданска
Спонзорирано од Swatch SISTEM51 Irony

 

Крајот на годината е тука некаде, а ветивме дека ќе те запознаеме со неколку успешни и активни македонски архитекти. Втор од овој серијал е Бесиан Мехмети, основачот на студиото BMA.

Ако за Никола Кунгуловски и неговото студио PROXY знаев повеќе од неговите дома, тогаш за Бесиан Мехмети и BMA пред ова интервју бев табула раса.

Но денес, со надополнети мозочни клетки напумпани со информации и факти, безбедно доаѓам до заклучокот дека Бесиан и неговото студио се комбинација од:

(1) Стремеж за креирање на дела, кои во помала или поголема мера ќе придонесат за подобар општествен развој; (2) Континуиран колективен напор на вклопување на градбите и градовите со начинот на кој сакаме да живееме; и (3) Разбивање на конвенционалните стереотипни проекти и развивање на нови алтернативни визии.

Многу лесно. Трите заповеди на BMA се пред тебе, сега си подготвен да се нурнеш подлабоко во идејата и филозофијата на функционирање позади Бесиан и BMA.   

 

img_4908

 

Велиш дека твоето студио BMA соработувало со многу дизајнери, архитекти, артисти и инженери. Дали можеш да издвоиш неколку омилени колаборации и зошто баш тие?

Уште од студентските години, ја имав таа среќа и можност да се запознаам и да соработувам со бројни професионалци.

Првите чекори на практичната работа како архитект ги направив на факултет, непосредно пред и по дипломирање кога бев соработник на моите професори (Блажевска, Бакалчев, Хаџи Пуља) при работа на бројни конкурси и проекти. После неколку години интензивна работа се охрабривме заедно со неколку другари/колеги и асистенти (Бетим, Беќир и Никола) паралелно да пробаме сами да се нафатиме на серија проекти на кои имавме одлични резултати. Во меѓувреме имав колаборации и со други архитекти и артисти, не само во областа на проектирањето.

Сè уште се сеќавам на возбудата да седнам до еден од моите студентски херои, основач на студиото MVRDV за една студија во Ротердам. Впечатливи беа и некои соработки со Peter Wilson (од Bolles+Wilson). Драго ми беше што имав прилика заедно со него да соработуваме во конципирање на предлог решение за урбан развој на мојот роден град Тетово.

Како резултат на тие колаборации се трудам да одржам контакт со колеги архитекти во Македонија и во странство. Сакам да научам како други архитекти ги организираат нивните бироа и животи. Во таа смисла, соработката и контактите стануваат дел од нашиот развој како архитекти.

 

 

 

Вашите проекти се движат во распон од урбани планови и јавни површини до приватни резиденции и внатрешни дизајни. На прва изгледа дека полето на интерес на BMA e преголемо, но тоа очигледно не претставува пречка за вас. Сепак дали постои некое поле на интерес кое отскокнува од другите и едвај чекате да имате проект од таа област?

Без разлика на типологијата или големината на проектот, ентузијазмот и предизвикот би рекол дека е од ист интензитет. Процесот на конципирање и реализација на една мала ограда на семејна куќа, на пример, можеби беше исто толку возбудлив колку и осмислувањето на еден проект од десетици илјади метри квадратни на кој работиме во моментот.

Морам да признавам дека отсекогаш задоволство ни било да проектираме семејни куќи и во тоа сигурно има улога и фактот што долги години сум бил ангажиран во наставата од оваа област.

Сакаме да работиме и на општествени објекти и проекти. Често пати и про боно. Тоа што пред сè се стремиме е да креираме дела преку кои во помала или поголема мера ќе придонесат за општествениот развој – да ги инспирираме луѓето да работат за да го подобрат светот во кој заедно живееме и го делиме.

Со години, преку нашите проекти, било да се конкурсни решенија или нарачки, сме се потрудиле да ги разбиеме конвенционални стереотипи на проекти и да развиваме алтернативни визии.

 

 

Имате работено на огромен број на домашни и интернационални конкурси, меѓу кои Основно школо во Капиштец, Универзална Сала, новите Факултети на УКИМ, плоштади во Охрид и Тирана итн.. Колку се разликува работата на конкурси од редовната ваша работа? Кои се позитивните и негативните ствари од работа на конкурси?

Предноста од работата на конкурси е што сами може да одберете на кој проект да работите, клиентот (инвеститорот) сами си го бирате, времето си го менаџирате по ваш терк сè до дадениот рок, и што е најбитно (треба да) имате слобода на изразување.

Без разлика на исходот, несомнено архитектонските конкурси се одличен медиум за млади архитекти и студија да се искажат и гласно да ги прокламираат нивните ставови и визии. Впрочем, работата на конкурси нè има формирано и развиено како студио и архитекти. Сме учествувале на десетина конкурси, на неколку од нив и сме биле наградени со прво место.

Работата на конкурси има и свои негативни страни како на пример конципирањето и техничката разработка на еден конкурс бара огромна креативна енергија и време која често пати може да се оцени од нестручни комисии. На неколку наврати сме биле разочарани од начинот на кои се организирале и одвивале некои од конкурсите, особено тука кај нас. Мислам дека како архитекти треба во таа насока нешто да превземеме со колективна свест и разум.

Но сепак, како што кажав, независно од исходот, трудот и багажот од идеи кои произлегуваат од конкурсите не испарува така лесно и ни служи како нов бенчмарк за наша постојана професионала надградба. Понекогаш дури мислам дека учествувањето на конкурси за јавни објекти е општествена одговорност за нас архитектите.

 

 

 

Беше демонстратор/асистент на Државниот факултет по архитектура, на American College и на факултетот во Тетово. Дали сметаш дека повеќето успешни архитекти како тебе треба, повеќе од вообичаеното, да бидат ангажирани во факултетската настава, бидејќи се работи за луѓе со огромна практично знаење?

Искрено, не сум голем поборник на преплетување на академското учење и практичниот развој на еден архитект. Тие треба да останат два различни домена.

Факултетската настава треба да ги негува теоретските, историските, културните и филозофските прашања и дилеми поврзани со архитектурата. Практичната работа од друга страна ќе ве учи како да се справите со луѓе, како да разговарате со луѓе и пред сè ве приспособува како да донесете одлуки. Сепак, без академскиот багаж, практичното знаење останува сувопарно. Затоа, едниот домен треба да го надополнува другиот.

Ангажманот во наставата, се разбира дека го рефлектира моето практичното знаење во работата со студенти, но и обратно – ангажманот ми служи да се повлечам од дневните проблематики и да ги гледам нештата од поинаква перспектива.

 

 

Долго време работеше во тим со други колеги архитекти, и од 2012 година се решаваш да отвориш сопствено студио под називот BMA. Прво што означува името и дали и како течеше еволутивниот процес од првите проекти со поранешните тимови до тековните со денешниот тим на BMA?

БМА претставува акроним на моето име, презиме и дејност/професија. При основањето на студиото, имав среќа да имам брендинг експерт до мене, брат ми Нгадхњим од студиото Eggra кој ме советуваше во целиот тој процес. Ме убеди дека клиентите и јавноста ме препознаваат по име и дека моето име треба да биде дел од фирмата.

Отварањето на студиото дојде како плод на неколку годишно успешно freelance искуство. На почеток од проекти заработувавме доволно за да се одржиме и да може да работиме на проекти на кои можевме слободно да се изразиме. Во тој период сработивме доста конкурсни проекти.  

Стефан беше прв што се приклучи уште од првите проекти, а паралелно ни помагаа и надворешни соработници. После една година тимот ни се засили со Арменд и Никола. Потоа се приклучи и Христијан. Бисера неодамна ги освежи редовите. На помош ни доаѓаат и практиканти, како што е Теута и Насуф. Отсекогаш сме биле отворени за амбициозни и посветени нови членови кои се подготвени да откријат нови можности.

Бројот на тимот постојано расте, денес студиото брои 7 архитекти, и активно работиме паралелно на повеќе проекти и реализации, не само во нашата земја туку и надвор. Би го истакнал ангажманот за еден проект во Холандија на кој интензивно работиме деновиве.

 

 

img_4911

 

Како успеваш да балансираш помеѓу твојата идеја и замисла за одреден проект со идејата на клиентот?

Со години, преку нашите проекти, било да се конкурсни решенија или нарачани проекти, сме се потрудиле да ги разбиеме конвенционални стереотипи на проекти и да развиваме алтернативни визии. Впрочем тие служеле и како поттик за повеќето наши клиенти да нè контактираат и да веруваат во тоа што го правиме.

Се разбира, развојот на иницијалната идеја е процес. Несомнено, клучно влијание во процесот има и инпутот од клиентот. Физичкиот и историскиот контекст, социолошки и економските околности, меѓу другите, се исто така фактори кои директно влијаат во оформување на идејата. Овие менливи категории придонесуваат секој проект што го работиме да се разликува еден од друг.

Крајно, архитектурата би требало да претставува континуиран колективен напор како да ги вклопиме нашите градби и градови со начинот на кој сакаме да живеем.

 

 

Како си задоволен од моменталното функционирање на тимот кој стои позади брендот BMA? На каков начин функционирате? Како ви се поделени улогите?

Функционираме како еден организам. Не сме поделени по проекти. Секој дава придонес на одреден проект. Не сме доволно бројни за да се поделиме во групи, а не сме ни малку за да треба да ги правиме сите работи индивидуално. Некој е поактивен во концептуалниот дел, други во техничката разработка, истражувањето, графичка презентација или визуелизации.

Верувам дека успеавме да изградиме култура во студиото, позитивна атмосфера, да може многу лесно да се разбираме еден со друг, да се справиме со сè покомплексни проекти, и стануваме подобри во тоа. Всушност мислам дека ние постојано созреваме работите што ги правиме сега, се многу посилни од работите кои ги правевме пред 4 години.

Техничките иновации и информации, социјалните мрежи и брзите промени на новото време придонесуваат за продлабочено размислување и постојано редефинирање и на нашата организација на комуникациско, техничко и естетско ниво.

 

Во кој познат ресторан/кафич низ светот би однел девојка на прв состанок?

Noma, Копенхаген.

 

 

Галерија

Последниот проект на BMA. За повеќе посетете ја официјалната страна на BMA.

 

 

Comments

comments